Достапни линкови

Пролетни онлајн миграции


„Пролетни онлајн миграции“ е насловена целината со која, од 21 до 31 мај, ќе започне разоткривањето на дел од програмата на десетото јубилејно издание на Филозофски филмски фестивал, манифестација зад која стојат Филозофското друштво на Македонија, Кинотека и платформата Cinesquare.

Од 21 до 31 мај, наместо грижливо планираното јубилејно десето издание, Филозофскиот филмски фестивал, поради суспендираната институционална поддршка на филмските фестивали и другите културни манифестации на неодредено време во земјава, на љубителите на седмата уметност и на урбаните луѓе во земјава како алтернатива на оригиналната замисла бесплатно ќе им ги понуди своите „Пролетни онлајн миграции“.

На тој начин, организаторите од Филозофското друштво на Македонија, Кинотека и VoD платформата Cinesquare, кои како и повеќето глобални филмски фестивали, во исклучително краток временски период, практично успеаја да пронајдат или да креираат поинакви форми и решенија и да ги споделат своите програми во виртуелните кино сали. Така овозможувајќи, и за време на светска пандемија, одржување на континуитетот на културниот и социјалниот живот на нашите заедници, обезбедувајќи пристап до културата и покрај отежнатата економска состојба на голем број луѓе и покажувајќи ги виталноста, значењето, но и одговорноста на културата вклучително и на независната културна сцена на која му припаѓа овој Фестивал и во едно вакво време.

„Пролетни онлајн миграции“ се солидарна културна акција која преку една креативна форма на отпор сака да придонесе кон одржување на континуитетот на културниот и социјалниот живот и за сигурноста на нашите домови преку нудење на нашата програма бесплатно за сите како и помош и поддршка на режисерите кои учествуваат на Фестивалот и кои исто така се погодени од Ковид-19 кризата, вели Ана Дишлиевска Митова, програмски директор на Филозофскиот филмски фестивал.

Во своето обраќање до јавноста и до евентуалните спонзори во догледно време, наредниве месеци – до крајот на годината, да се одржи Филозофскиот филмски фестивал, таа нагласува дека помошта од било кого е скапоцена и дека сите собрани средства ќе одат директно за филмовите, платформата и наградите, а ако целта биде постигната дел од пристигнатите средства ќе ги донираат за хуманитарни акции.

Истакнува дека во периодот од 21 до 31 мај вљубениците во филмот ќе можат да ја погледнат нивната краткометражна селекција од 20 дела по избор на Дејан Здравков на платформата Cinesquare во било кој дел од земјата, како и неколку среднометражни и по прв пат долгометражни филмови, ќе го споделат и првиот темат „Филозофија и филм“ на националното филозофско списание „Филозофска трибина“. Згора на тоа победникот ќе ја добие наградата „Златен був“ за најдобар краткометражен филм, а од ова издание жирито како новина на еден од филмовите ќе му додели плакета „Стефан Сидовски Сидо“, во чест на професорот, филозоф и филмофил и еден од соработниците од самите почетоци на Фестивалот .

Покрај тоа, планирано е одржувањето на она што е одлика и на другите вакви манифестации, значи неколку фестивалски содржини и средби за кои организаторите „се надеваат дека донесат барем дел од онаа магија и радост што се чувствува во кино салите за време на филмските фестивали“.

Секако сами не можеме да го оствариме ова и веруваме дека токму креативноста и солидарноста се основата на светот што доаѓа. Филмот отсекогаш не инспирирал, не придвижувал, ни помагал да отвараме нови хоризонти, да размислуваме слободно, но и да препознаваме перспективи, гледајќи го светот низ гледни точки колку што има очи што гледаат во него. И токму затоа сакаме да ја споделиме оваа акција со што поголем број на луѓе оваа пролет и едноставно да ја споделиме радоста од филмот, истакнува Дишлиевска Митова.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG