На сајтот на издавачката куќа „Антолог“ ( antolog.mk ) веќе неколку дена се одвива првиот е-саем на книга. И, на него со високи попусти понудени се изданијата на овој наш реномиран издавач, но наедно веќе се одвиваат и допрва ќе течат и другите активности како онлајн-промоции, „карантински муабети“, видео рецензии, книжевното караоке, работилниците за деца и што ти уште не.
„До идејата за е-саем на книгата дојдовме пред сè соочени со фактот дека годинава, за жал, поради ситуацијата што ни е позната на сите, мораше да биде откажан главниот настан за сите вљубеници во книгата – годишниот Саем на книгата. Од друга страна, пак, ова е идеално време за читање бидејќи читањето, во овие услови, го прави поподносливо времето поминато во изолација и затоа нашата замисла за овој саем е да ги направиме книгите што подостапни за сите – не само преку тоа што ќе може да се набават по намалени цени, туку и преку тоа што тоа може да се направи од удобноста и сигурноста на сопствениот дом“, вели Кристина Велевска од „Антолог“.
Кристина Велевска, „Антолог“
Таа и со дополна дека тие и во претходниот период имале акции со намалени цени на книгите, но дека оваа добива саемски размери како поради тоа што на попуст до 75 проценти ги спуштаат сите нивни изданија (над 300), така и поради тоа што ќе понудат и други активности типични и препознатливи за „Антолог“ како издавач.
„ „Антолог“ е познат по оригиналните саемски претставувања. Ние никогаш не сме го гледале саемот како пазар за книги и затоа секогаш, покрај попустите и намалените цели, сме се обидувале да понудиме програма што ќе опфаќа и гостувања на автори, литературни читања, работилници, средби со читатели и слично. Тоа што саемот не се одвива во физички простор не нѐ спречува да ја продолжиме таа традиција – барем во рамките на можностите што ги имаме сега, а благодарение на интернетот, тоа секако и не е толку тешко. Затоа испративме покани да нашите автори и соработници тие самите да им се обратат на нашите читатели преку т.н. „карантински муабети“ – видеоклипови во кои тие ќе кажат како го поминуваат времето во изолација, со што се занимаваат, што читаат, што им препорачуваат на нашите читатели и така натаму. Освен тоа, го вклучивме и целиот тим на „Антолог“ – уредникот, маркетинг агентот, лекторот, преведувачот, графичкиот дизајнер, книжарите – преку друштвените мрежи сите ние како тим ќе дадеме препораки за книги, исто онака како што на саем би им ги понудиле на читателите. Секако, во целиот саем ќе ги вклучиме и нив, па ќе ги поканиме на т.н. „книжевно караоке“ – со тоа што нашиот „микрофон“ ќе биде отворен за сите оние што ќе сакаат да прочитаат некаква поезија или извадок од некоја книга, активност што исто така ќе се одвива преку друштвените мрежи. Тука само сакам да споменам и дека планираме да реализираме неколку онлајн-промоции на нови книги во наше издание, а ќе почнеме со делото „Виенски гамбит“ од младиот македонски автор Анде Јанков“, истакнува Велевска.
Инаку, Кристина истакнува и тоа дека во рамките на „Антолог“ неформално функционира и Клубот на читатели, кој за оваа пригода (неслучајно секако) решил да ја обработува ново издадената книга „Ана“ од еден од најпознатите италијански писатели Николо Аманити. Вели дека дејството на книгата се одвива во време кога во светот владее пандемија на вирус, дека главните протагонисти и настани се во Италија, а времето на случувањата, меѓу другото, е и 2020 година.
„Ова беше доволна причина „Ана“ да биде првиот избор на Клубот на читатели, чии членови ќе се состануваат онлајн, а потоа планираат и да направат читателски видеорецензии за книгата, кои ќе бидат објавени на нашиот канал на „Јутјуб““, ќе рече лекторката.
Кристина Велевска и со најава дека, покрај оваа книга, како и за секој друг Саем на книгата, тие најавуваат и многу нови изданија, како на пример втората книга на шведската авторка Софија Лудберј – „Прашалникот е половина срце“, српскиот трилер „Деца на злото“ од Миодраг Мајиќ, романот „Убиства со монограм“ од наследничката на Агата Кристи, Софи Хана, потоа „Викендичка со базен“ од Херман Кох, „Повикот на кукавицата“ од Роберт Галбрајт и уште многу други преводни дела. Секако, како што ќе рече, во „Антолог“ секогаш се води сметка и за младите и надежни македонски домашни автори, па така освен „Виенски гамбит“ на Јанков, наскоро треба да се појават и книгите на Денис Бојаров и Дијана Петрова.