Достапни линкови

Сарџоска: Пишувам за да побегнам во мистеријата на белата страница


Тешко е да се најде нужниот мир и далечина за да се твори, иако, парадоксално, надвор е мирно и тивко, а ние сме сите оддалечени од светот и од другите, ќе рече поетесата Наташа Сарџоска по објавувањето на нејзините песни во антологијата „Поети за човештвото:светот се лечи со мир“ во САД.

Деновиве ваши песни се публикувани во светската антологија „Поети за човештвото:светот се лечи со мир“ што излезе во Чикаго, во САД. Што значи тоа за Наташа Сарџоска како поетеса, автор, патник и хуманист од Македонија?

Тоа за мене значи уште еден хоризонт преку којшто може да се разлее светлината на мојот поетски глас. Се разбира, тоа е и можност за мојата поезија да биде прочитана не само во САД, туку и во сите земји од коишто доаѓаат поетите застапени во таа антологија. А во тоа издание се објавени над 100 поети од целиот свет. Во ова тмурно време на дистопија и аномија, на болести и зарази, на страв и отуѓеност, ваков вид на изданија, со хуман предзнак за мир, можат да сплотат, да зближат, да соединат, да излечат, да смират. Оттаму, самиот наслов на антологијата упатува порака за мир и го воспева мирот како лечебно средство за болниот свет во којшто живееме.

Колку излегувањето на овој тип на објави, во времево на светска пандемија на корона вирусот, на будење на свеста дека сме и премногу кршливи и заборавени во сопствената себичност, деструктивни кон се околу себе и најмногу кон планетата земја, е оној глас на совест што треба да не врати кон реалноста, кон вистинските вредности, кон нас самите како хумани битија?

Проблемот е следен: глобализацијата покажа дека сме сите заемно зависни и поврзани, но не и солидарни. Доказ за тоа е подмолниот удар на вирусот Ковид-19 што ги нападна сите слоеви на нашите општества, ја разобличи нашата економија, го оптовари нашето здравство, зеде многу животи, многу работни меса, а човечкото суштество, пред сето тоа, стана толку мало и ранливо.

Јас не би можела да му дадам на поетот, воопшто на уметникот, толкава општествена одговорност да го смени светот. Мислам дека други биле тие времиња кога поезијата можела нешто корисно да стори за човештвото. Добар поет е оној што исчезнува зад своето дело. А тоа е ретко. Поетот е често себичен, нарцисоиден. Денеска имаме и премногу спонзорирани поети. Дури и насреде оваа здравствена и економска криза има и такви што бараат помош од државата. Помош за што, за седење дома? Каде е тука свеста за трудољубивост и солидарност и за придонес кон колективното добро? Таа модерна опсесија и тенденција да се фаворизираат и финансиски поддржуваат поети и поетски манифестации, општо писатели, со јавни пари мене лично ми е одбивна. Тоа ги лишува од слобода творците на пишаниот збор и ги оддалечува од оската на светските случувања како, од социјалните превирања и меѓучовечките премрежија. Тоа ги прави постојано незадоволни. Им ја задушува динамичноста и проактивноста. Не е вистина дека тешкотијата да објавите книга може да ви го намали поетскиот понес, напротив. Ако вашата внатрешна вокација, вашиот порив е да пишувате, вие ќе пишувате секако и во секој случај, на секое место и во секое време.

Мене ми е дегутантна, значи, таа хиперпродукција на култура со сомнителни вредности, намери и смисли. Современиот поет и писател треба да биде скромен. Ние треба да ги браниме читателите, зашто не секогаш може да дојдат до многу книги, а не да ги сожалуваме поетите, кои се повеќе и повеќе развиваат некаков паразитски однос кон државата, како да заборавиле колку големите поети биле бунтовни, нескротени, немирни, бурни. Книгата е нешто драгоцено, нешто интимно. Чинот на читање никогаш не престанува. Има книги што сум ги препрочитала над 10 пати. Ми значи улогата на читател, а не само на писател. Ми недостасуваат повеќе библиотеки. Овие времиња сега се вистински за читање.

Има разни иницијативи, како ова огромно издание од над 350 страници, објавено кај Inner Child Press, коешто зближува различни поетски сензибилитети кои на различен поетски начин го пренесуваат и изразуваат мирот како лечебно својство за светот, некои низ призмата на војната, некои низ призмата на личниот опит на прогон или егзил. На пример, во мојата песна говорам за колонизацијата во Африка и Јужна Америка и за неможноста човекот да „живее во една кожа“.

Понатаму, има неколку иницијативи на социјалните медиуми, каде што секојдневно поети од изолација и карантин читаат и споделуваат свои или туѓи стихови. Тоа е добар начин да се покаже дека поезијата, иако неподвижна и недостижна уметност, може сепак да го придвижи светот. Секогаш во воени и вонредни состојби човекот читал многу поезија. И тоа е здраво. Поезијата е некаков пренос и преку својата симболичност нуди сон за спас и излез од кризата. На тој начин поезијата е корисна.

Но, независно од таа социолошка димензија на поезијата, сепак мислам дека поезијата изразува и пренесува искуства што не се толку корисни, или подобро кажано не се општествено утилитарни до таа мера за да „разбудат нечија свест“, како на пример фасцинација од смртта, или од телесната страст, еросот, татковината, или замрувањето на природата, на младоста, радоста, или некои претерано лични интимни искуства, сензации наместа апсурдни, надреални, неразбирливи (помислете на поетите од италијанскиот херметизам и футуризам, или француските надреалисти). Се сеќавам кога Адам Загајевски на Струшките вечери на поезијата во 2018 рече дека добриот поет не може да пишува само за себе, туку треба да пишува и за светот. Моќта на поезијата се состои токму во тоа: да го именува светот, или како што вели Октавио Паз, да нѐ потсети на корисноста од бескорисните нешта.

Во САД излезе и вашата книга „Кожа“ , „Крстна коска“ (издание на ПНВ) е преведена на Косово и во Италија каде ваши стихови, патем, во јануари годинава се наградени на конкурсот „Песни за Неапол“, а необјавени песни на шпански јазик се најдоа и во ревијата „Игутур“ во Мексико... Колку сево ви помага да се издигнете над обичноста на ваквото секојдневие. Од родното Скопје и натаму силно да атакувате на светската поетска сцена. Да останете будни и храбри во пораките што ги испраќате?

Јас пишувам за да побегнам во мистеријата на белата страница, таму да најдам нови гласови, оттаму да излезам со нови значења. Тоа е храброст, како што велите вие.

Пишувам на мојот мајчин јазик, но исто така и на италијански јазик. Говорам седум јазици и тоа ми помага сама да си ги преведувам своите стихови и на тој начин да патувам низ светот и физички и метафизички. Еве, песните што беа наградени во Неапол ги напишав на италијански јазик и тие не се никаде објавени, освен таму кај издавачот Гвида Едиторе. Тоа е реткост, зашто поетите пишуваат на својот мајчин јазик. А јас некогаш имам чувство дека и италијанскиот ми е мајчин јазик, освен македонскиот. За мене тоа беше големо изненадување зашто бев, како Македонка, единствена туѓинка меѓу десет финалисти, кои беа сите Италијанци. Тоа секако ме охрабрува и поттикнува и натаму да творам на италијански јазик.

За мене е огромна чест што сум поканета на еден од најголемите и масовни, најзначајни поетски фестивали во светот во Меделин во Колумбија и што мојот поетски глас е веќе добро познат меѓу читателите од големите светски поетски сили, како што се токму Колумбија, Мексико, Аргентина, Чиле. Тоа воедно ме прави будна и одговорна не само да пишувам, туку и да ги читам авторите кои творат на италијански, шпански, каталонски и португалски јазик. Македонскиот јазик е мал јазик и тешко е да се биде поет во мала земја. Па оттаму, можноста да се преведам односно пренесам преку мојата поезија и да отпатувам, преку Италија, Шпанија, Португалија, преку Атлантскиот океан до Латинска Америка ми дава голема слобода, сила, радост, ведрина, светлина, свежина.

Во деновиве на свртување кон себе, деновиве кога принудно останавме сами со себе и поинаку го живееме „животот“, наоѓате ли сила во себе за творештво? За пишување на нова книга или труд кој ќе го потврди во иднина вашето присуство?

Принудно, но и доброволно, имајќи го на ум заедничкото добро и здравјето на блиските. Да бидам искрена тешко е да се твори под ваков притисок. Постојано сме нападнати од застрашувачки, тмурни, смртни информации. Живееме во паника, во страв и неизвесност за иднината. Велиме, ништо друго не е важно, само здравје, но дури сега тоа и го разбираме како апсолут, како еден вид на егзистенцијална теорема. Тешко е да се најде нужниот мир и далечина за да се твори, иако, парадоксално, надвор е мирно и тивко, а ние сме сите оддалечени од светот и од другите. Сепак самотијата е плодно ткиво за творештво на книжевност. Пишувам расказ за жена во карантин, неколку песни и работам на еден нов книжевен предизвик: пишувам веќе извесно време роман. Пишувам и колумни за Фокус. Се обидувам да разберам и да станам свесна дека после оваа криза ништо нема да биде исто, ништо нема да биде како порано. Затоа очекувам промена и кај себе, но и кај другите. Би сакала да им го пренесам ова познание на сите, затоа ви благодарам за медиумскиот простор.

Инаку, родена во Скопје 1979 година, Наташа Сарџоска e поет, писател, преведувач и толкувач. Перформер, сонувач и патник. Авторка е на поетските книги „Сината соба“, „Кожа“, „Тој ме повлече со невидлив конец“, „Жива вода“ и „Крстна коска“ а нејзината поезија е препеана на италијански, англиски и српски јазик. Застапена е во неколку антологии на поезија на македонски јазик, меѓу кои и Антологијата на еротска поезија.

Дипломирала на Филолошкиот факултет во Скопје на катедрата за романски јазици – италијански јазик и книжевност со француски јазик и компаративна книжевност. Магистрирала на Новиот Универзитет во Лисабон, на Универзитетот во Перпињан и Бергамо, а докторирала антропологија на Карлс Еберхард во Тубинген, Германија и на Универзитетот во Бергамо, Италија, со студиски престој на Сорбона во Париз, Франција.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG