Достапни линкови

„Пссст... Каменот има нешто да Ви каже“ – виртуелна порака од Национална галерија


Одбележувајќи го 2 април, Меѓународиот ден за подигнување на свеста и борбата против аутизмот, Националната галерија на својата интернет страница го претстави својот годинашен проект „Пссст... Каменот има нешто да Ви каже“ со порака за обезбедување подобри услови за децата од ранливите категории.

Националната галерија минатата недела, во пресрет на 2 април - Меѓународиот ден за подигнување на свеста и борбата против аутизмот, на својата страница на социјалните мрежи ја постави изложбата од годинашниот проект „Пссст... Каменот има нешто да Ви каже“ каде се поместени креациите на учесниците на реализираните работилници во објектот Чифте амам во текот на февруари, непосредно пред појавата на епидемијата од корона вирусот.

На нив овојпат учествуваа учениците од ДСУРО „Св. Наум Охридски“, ПОУ „ Иднина “ и Здруженијата за деца со посебни потреби „Имаго плус“ и „Дама ел“.

- Годинава децата имаа можност да работат со камен, односно со повеќе типови на различни мали камчиња кадешто на свој ликовен јазик тие си ја претставуваа нивната реалност. А, нивната реалност е секогаш многу позитивна, многу полна со љубов, со искрени емоции...така да голем дел од нив се бавеа со пролетни мотиви, а некои од нив изработуваа дури и „мандала“ камчиња. Во текот на работилниците сликањето на камчињата делуваше значително релаксирачки за нив затоа што тие на една мала површина требаше да направат еден мотив, една слика што сигурно претставуваше и предизвик и нешто ново што дотогаш го немале работено, вели Даја Димитрова, едукатор во Национална галерија.

Д-р Дита Старова Ќерими, директорка на Националната галерија, со појаснување дека ваквите проекти „испраќаат порака за повеќе грижа и повисоко ниво на општествена свесност, обезбедување на услови за секојдневно функционирање на децата со интелектуална попреченост и нивна културолошко-социјална инклузија, поддржана пред се* на институционално ниво“.

Од таму и Димитрова со дополна дека постоењето на ваквите проекти, кои од своја страна станаа редовна практика во програмата на Националната галерија низ годините наназад, се од исклучителна важност за подигање на јавната свест и особено во една ваква ситуација како актуелнава кога сите ние се преиспитуваме и се трудиме во ова време-невреме да научиме некои работи повеќе за себе и да им се вратиме на вистинските вредности.

- Јас се надевам дека со постоењето на ваквите проекти сите ние ќе бидеме малку повеќе емпатични и по толерантни за потребите и проблемите со кои се соочуваат децата со аутизам како и нивните семејства. Ние како Институција и понатаму ќе правиме вакви проекти се во насока да се промовира култура на прифаќање и на градење на една средина кадешто хуманоста ќе биде најприсутна и особено пожелна за оние на кои што им е најпотребна, смета таа.

Димитрова и со информација дека Националната галерија во својата Годишна програма има амбициозни планови за тоа како ќе ги анимира не само децата од ранливите категории како и досега, туку и оние од редовната настава и дека таа се надева оти пред нив е едно активно и навистина плодно лето по што би следела и реализацијата на она што трпеливо го планираат. Згора на тоа таа и со најава дека до крајот на годината, некаде во декември, тие ќе реализираат уште еден проект работен по моделот на социјалната инклузија и којшто ги опфаќа децата со физички хендикеп кои ќе ги посетуваат графичките работилници.

- Ново е што од оваа година тие графички работилници ќе бидат во соработка со Ликовната академија и на нив ќе бидат вклучени и студентите. Ова подразбира дека на нив покрај децата од редовната настава и децата со оштетен слух и говор сега ќе бидат и студентите и јас се надевам дека успешно ќе го реализираме и тој проект. Ние како Институција едноставно сме отворени за сите проекти со кои се буди општествената свест за сите деца, истакнува Маја Димитрова.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG