Достапни линкови

„Танц фест 2020“ презакажан за наесен


Наместо на крајот на април како што беше планирано, комплетната програма за 16 издание на Интернационалниот фестивал „Танц фест“, што како организатор го потпишува културниот центар Интерарт, е презакажана и ќе се одвива во септември, октомври и ноември годинава.

Културниот центар Интерарт од Скопје – организаторот на Интернационалниот фестивал „танц фест“, поради светската пандемија и строгите мерки за превенција и заштита од корона вирусот, деновиве одлучи да ја репрограмира и презакаже комплетно готовата програма за 16-то издание на манифестацијата што традиционално низ годините се одвиваше во втората половина од месец април. Сега предвидените настани, премиерите, гостувањата на светските танц трупи, перформансите и одбележувањата на неколкуте значајни јубилеи, во различни фази ќе се одвиваат во текот на септември, октомври и ноември оваа 2020 година.

Со оглед на целата ситуација на која сите мораме да се прилагодиме и желбата да не изостанат културните настани од сферата на танцот макар и во втората половина на годината, се одлучивме благовремено, безмалку со самиот почеток на известувањата кај нас за ескалацијата на ширењето на вирусот и кампањата „Седи дома!“, да превземеме нешто во однос на претстојното издание на „Танц фест“. Почнавме да ги контактираме сите наши гости и партнери, оние кои влегоа во програмата за ова 16 издание на Фестивалот, и со нив заеднички одлучивме дека е најдобро да ја поместиме за од септември натаму. Се надевам дека целата ситуација дотогаш ќе се смири и дека ние тогаш ќе направиме уживање за сите љубители на танцот во неколку етапи, неколку фази и различни програми во текот на тие три месеца, од септември до ноември, вели Рисима Рисимкин, кореограф и уметнички директор на „Танц фест“.

Таа и со појаснување дека тие како потписници на овој значаен Фестивал на домашната, па и регионалната културна сцена, уште во јануари биле вовлечени во целата оваа ситуација бидејќи било планирано на гости да им дојдат танчери и уметници од Кина кои цел семестар требало да работат со Интерарт и Скопје танцов театар, но нивното присуство разбирливо е одложено за некои подобри времиња.

Како и да е, според уметничката директорка, публиката на „Танц фест 2020“ есенва ја очекуваат неколку навистина интересни новини. Имено за прв пат на манифестацијата ќе се одржи програмата ФОКУС, која годинава е посветена и се однесува на современата Американска танцова сцена. Имено, Интерарт, во соработка со својот партнер - Американската фондација “American Dance Abroad” oд Њујорк, во изминатиот период од цела една година ја планираше програмата „ФОКУС:САД“, во која е предвидена презентација на три познати тамошни танцови компании, и тоа „Стефан Петронио“ (Stephen Petronio) – танцова компанија од Њујорк со извонреден квалитет и добро позната на светската танцова сцена, „Трајб“ на Шамел Питс (Shamel Pitts) и „Фиџет“ (Fidget), танцова дружина на познатата Меган Бриџ.

Рисимкин и со имформација дека наедно во Програмата, која годинава тие како организатори ја врзуваат со големиот јубилеј - 30 години современа Македонска танцова сцена, ќе има посебен блок кореографии посветен на домашните кореографи.

Овој програмси сегмент, како што вели таа, ќе започне со најновата премиера насловена „Последен пресек“ на кореографката Адријана Данчевска. Згора на тоа за првпат ќе може да се види и серијата претстави со наслов „Експериментален танц“ од повеќе автори од домашната современа сцена, меѓу кои на уметници како Дејан Битровски, Тринга Хиса и Валентино Апостоловски и дебитантите Сара Цветковска, Јована Зајкова, Бобан Русески, Тереза Лазарев и Јована Петровска.

Во овој дел на програмата планирано е да биде изведена и претставата со која токму Рисима Рисимкин, ќе го одбележи и својот несомнено убав јубилеј - 30 години кореографско творештво.

Сакаме онака како што доликува да го прославиме јубилејот – 30 години современа танцова сцена во Македонија кој теоретичарката Емилија Џипунова го врзува со мојата претстава „Џенис“ која што премиерно се изведе 1990 година на Млад отворен театар, така да септември или есента можеби и подобро ќе одговара во однос на термините кога се обистиниле тие настани во минатото. Затоа и се одлучивме на овој фестивал да понудиме во чест на прославата на 30 години Македонска танцова сцена цел еден блок кадешто ќе бидат опфатени и сите оние млади кореографи кои во меѓувреме се изнедрија, ,почнаа активно да работат на оваа сцена и јас искрено се надевам дека допрва ќе ја испишуваат нејзината танцова историја, смета Рисима.

Од друга страна во делот на гостувања на странски претстави на годинешниот „Танц фест 2020“ ќе бидат претставени кореографии од Австрија, Јужна Кореја, Германија, Русија и од Италија, а традиционално, дел од програмата ќе биде и блокот посветен на најмладите - „Танцуваме со Виталија”, во кој ќе учествуваат повеќе танцови студија од земјава и од странство.

Во меѓувреме, Културниот центар Интерарт и „Танц фест 2020“ ќе продолжат со својата посветеност во презентација на нови, современи претстави од разни делови на светот, со цел да ѝ овозможат на публиката да ужива во уметничките дострели кои се на врвот во современата танцова сцена на светско ниво, а воедно ќе посветат и особено внимание на развојот и негувањето на домашната современа танцова сцена.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG