Достапни линкови

Коронавирусот ќе се одрази на трговската размена


Камиони на царина на граничен премин
Камиони на царина на граничен премин

Глобалната пандемија на коронавирусот сигурно ќе се одрази на трговската размена на Македонија со нејзините најголеми партнери, велат бизнисмени. Со најпогодените земји како Германија, Кина и Италија традиционално се остварува наголемиот увоз и извоз на стоки.

Најголем обем на трговска размена Македонија остварува со најпогодените држави од коронавирусот. Германија, Велика Британија и Кина се први на листата, потоа следат соседите Србија, Грција и Бугарија, а на седмото место е Италија, која има најмногу заболени од коронавирус во Европа.

Последните податоци на Државниот завод за статистика се за јануари, при што вкупната вредност на извозот на стоки од државата изнесувала речиси 460 илјади евра, а вредноста на увезената стока нешто над 570 илјади евра. Но, бројки за наредниот месец февруари, кога болеста зема замав и во Европа се уште нема.

„Глобалната пандемија на коронавирусот сигурно ќе се одрази на меѓусебната трговска размена на Македонија со нејзините најголеми партнери од проста причина што тие се значително погодени од епидемијата. Точна проценка да се даде колку и како во овој момент е неможна. Се зависи од тоа колку долго ќе трае пандемијата кај нас и кај нив, со кој интензитет ќе биде и итн. Меѓутоа, дека ќе влеземе во една кризна состојба, во рецесија, тоа е сигурно“, вели бизнисменот Мирче Чекреџи.

Претседателот на бизнис конфедерацијата Миле Бошков вели дека македонските фирми ќе треба да размислат како да ги освојат домашните потрошувачи, да го зголемат производството, пакувањето и брендирањето за нивните производи да бидат подостапни и поблиски до европските стандарди.

„Сметаме дека ова е на некој начин реорганизирање или ресетирање на македонската економска свест, но и на потрошувачката свест и поимување на она што го имаме како производи, услуги и капацитети и итн. Секој во својот круг, меѓутоа исто така и организациски ќе треба подобро да размислува, да нуди решенија, да биде иновативен. И ова е шанса за нови производи, идеи, активности и иницијативи“, вели Бошков.

Според него фирмите од новонастаната ситуација може да бидат ранети или да излезат како победници, но Бошков смета дека има доволно време за реорганизација.

Транспортот, заедно со туризмот и угостителството е една од најпогодените сектори. Владата најави бескаматни кредити од 3000 до 30.000 евра. Но, според Чекреџи посебни мерки треба за секоја гранка.

„Транспортот прво треба да се нормализира во што пократок период. Значи да се прилагодат нашите транспортери со помош на Владата на условите кои ги даде ЕУ како да се проаѓа и што е неопходно да се направи за да има непречен транспорт. Колку што следиме сега став на целата ЕУ и сите земји во Европа е дека размената и транспортот на стоки мора да се одвиваат непречено. Владата за транспортерите треба специјален сет на мерки да направи, да им помогне и они ќе кажат што им треба“, смета тој.

Чекреџи додава дека за другите компании од голема помош ќе биде одложеното плаќање на кредит. Министерката за финансии Нина Ангеловска освен 12 милиони евра за кредити, најави и задолжувања од 600 милиони евра за ликвидност на буџетото и помош за стопанството и граѓаните.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG