Достапни линкови

Граѓаните за НАТО: Гаранции за безбедноста на државата и подобрување на економијата


Околу 70 отсто од испитаниците го подржуваат влегување во НАТО Алијансата, покажуваат истражувањата на јавното мислење. Аналитичарите велат дека НАТО интеграциите имаат стратешка важност за иднината и развојот на државата и се единствена реална опција од безбедносен аспект.

Во изминативе години во Македонија истражувањата на јавното мислење покажуваа дека расположението меѓу македонските граѓани за членство во НАТО е на константно високо ниво. Меѓутоа иако најголемиот дел од луѓето се за влез на државата во Алијансата од анкетите може да се забележи дека таа поддршка во одредени временски периоди делумно опаѓа и тоа се поврзува со проблемот со името. Сепак, од последните истражувања кои ги прават разни организации се гледа дека поддршката и натаму е висока и изнесува околу 70 проценти.

Северна Македонија во НАТО - очекувања
please wait

No media source currently available

0:00 0:05:19 0:00

РСЕ се обиде да го провери расположението меѓу граѓаните во центарот на Скопје. Како тие ја доживуваат НАТО Алијансата и кои се придобивките за државата од влегувањето во светскиот воен сојуз ?

За Борче Таневски од Скопје патот кон НАТО е реална и рационална опција за државата. Но тој вели меѓу граѓаните не постои единствен став за пристапување во Алијансата и оти врз таквата определбата кај луѓето влијание има тоа што државата го смени уставното име со Преспанскиот договор за да ги одблокира преговорите.

„Кој како, НАТО е сигурно потреба тоа е најважното, инаку не знам некои го подржуваат а некои не. Поголем дел токму поради името, цената е голема отиде името за НАТО и за ЕУ тоа е работата, ништо друго, во секој случај е потреба во моментов, за понатаму ќе видиме во смисла на безбедноста тоа е прва работа, а за другото времето ќе покаже.“

Една граѓанка на Скопје вели дека предностите од влегувањето во НАТО се големи пред сè во безбедносна смисла затоа што тоа ќе обезбеди сигурност на државата

„Луѓето во Македонија ја доживуваат многу позитивно НАТО Алијансата поради тоа што тоа е воена организација која ќе не штити од секов тип на напади ако од околу некоја држава сака да не нападне односно од потенцијалните агресори. За мене лично тоа е позитивно затоа што има позитивно размислување меѓу народот тука во Македонија.“

Драгомир Дрљача смета дека пристапувањето во најмоќниот воен сојуз повеќе ќе донесе обврски отколку придобивки

„Не верувам дека ќе има придобивки освен што ќе има зголемени трошоци во врска со НАТО значи армијата полицијата граничната полиција“

Еден граѓанин кој не ни го кажа своето име ни изјави дека е против влегување на државата во НАТО, додека друг граѓанин се залага за членство во Алијансата. На прашање што з а тоа мислат еве ги нивните одговори.

„Луѓето не отвораат фронтови само НАТО отвара фронтови, обичниот народ не отвара фронтови, политиката отвара фронтови. Ние на пример овде со Албанците со кого се каравме? Политиките не раскаруваат нас. НАТО еднаш не скара овде во 2001.“

„Мислам дека ќе има некој бенефит, но не знам за понатаму како би излегло тоа. Некоја безбедност, државата ќе се чувствува посигурна во тој поглед мислам.“

Најновото истражување на јавното мислење кое беше објавено на крајот на декември покажува дека околу 70 од испитаниците го подржуваат влегување во НАТО Алијансата.

Миша Поповиќ од Институтот за демократија вели дека овие бројки укажуваат дека се уште е висока поддршка од граѓаните за влез во НАТО, иако тој дополнува дека треба да се има предвид дека тој процент на поддршка варира од година во година.

„На прашање дали доколку би имало референдум тие би гласале за или против НАТО помеѓу 67 и 70 отсто од испитаниците рекле дека ќе гласаат. Тоа укажува се уште на висока поддршка од граѓаните за влез во НАТО, но мора да се каже дека во минатото ако се погледне имало и многу повисок рејтинг меѓутоа и понизок рејтинг на НАТО сето тоа најмногу зависеше од различни политички моменти и настани кои влијаеа на граѓаните да имаат поголема или помала желба за влез во Алијансата, меѓутоа тие мислења најчесто не беа поврзани со политиката на НАТО туку со односот на НАТО кон државата, а скратено кажано кон проблемот со името“, вели Поповиќ.

Аналитичарите велат дека НАТО интеграциите имаат стратешка важност за иднината и развојот на Македонија и се единствена реална опција гледајќи го политичкиот, општествениот но и безбедносниот аспект на македонското општеството.

Илија Џугуманов од Евроатланскиот сојуз на Македонија вели дека од истражувањата на причините за поддршката за НАТО може да се види дека во перцепциите на граѓаните главната улога на НАТО е во обезбедување на безбедноста и сигурноста на секојдневниот живот, а помал дел очекуваат и подобрување на економската состојба.

„Во одредени истражувања направени пред година и половина на прашање дали веруваат дека евроатланските интеграции на Македонија ќе ја подобрат економската состојба во земјата 65 одговориле со „да“.. Во однос на меѓуетничките односи во земјава и нивно подобрување со влез во НАТО и ЕУ веќе 73 отсто одговориле позитивно дека сметаат дека би се подобриле а во однос на безбедносните гаранции и сигурноста и стабилноста на земјата 83 проценти сметаат дека со членство во НАТО ние би биле постабилна и побезбедна земја.“

Инаку од анкетите може да се види дека ентузијазмот за влез во НАТО бил многу повисок од деведесеттите години година па се до 2014 кога и изнесувал околу 90 проценти додека во последните години бројките се движат околу 70 проценти на поддршка.

Најниска била поддршката во 2016 година но брзо потоа во 2017 година и понатаму таа се качува повисоко и веќе некаде во 2019 година се стабилизира.

Зачленувањето во НАТО и ЕУ е стратешка определба на Македонија уште од нејзиното осамостојување во 1991 година кога сите политички партии ги поставија своите стратешки цели – членство во НАТО и ЕУ и граѓаните се обединија околу тие цели. Оваа година за ратификација на Северноатлантскиот договор во Собранието гласаа сите пратеници, а немаше против и воздржани.​

Членството во НАТО носи предности, но и одговорности

Власта предвидува дека во период од 2019 година до 2028 година ќе треба да се потрошат 700 милиони евра за модернизација и опремување на војската со цел успешна и квалитетна интеграција во НАТО. Познавачите на одбранбениот сектор велат дека ова е амбициозен, но сепак неопходен план.

Војската во моментов користи оружје од југословенската народна армија односно хаубици и тенкови кои се застарени со години наназад.

Над 150 оклопни возила за пешадија, хаубици со дострел до 20 километри, опрема за инженерски баталјон и специјализирани возила за справување со импровизирани експлозивни направи, интегриран систем за воздушно набљудување, дигитални радиотелефонски уреди и базни станици со заштита, како и замена на досегашниот телекомуникациски систем со оптички дигитален телекомуникациски систем се дел од предвидените инвестиции во одбраната со долгорочната стратегија за развој на одбранбените способности на Владата. За оваа цел предвидено е во наредните 10 години, во период од 2019 до 2028 година да се потрошат 700 милиони евра, најави министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

„Се работи за голема сума којашто е распоредена во десет години и тоа е една од главните причини поради која буџетот во одбраната мора да расте“, вели Шекеринска.

Долгорочниот план бил прифатен и од НАТО и од македонското собрание и во него фокусот е во најмалку две области.

„Една се нашата лесна пешадиска борбена група која ќе биде нашиот главен НАТО ресурс. Затоа уште минатата година ги купивме првите оклопни возила, тој процес ќе продолжи секоја година до исполнување на бројката од над 150. Главниот фокус, противвоздушна опрема и опрема за секој војник ќе биде насочен кон лесната пешадиска борбена група. Втората област во која исто така почнуваме да вложуваме е областа на сајбер-безбедноста“, рече Шекеринска.

Зоран Јанкович, шеф на Канцеларијата за врски на НАТО во Скопје вели дека не е се во модернизацијата, туку и во подготвеноста на армијата .

„Не е сè во буџетот. Отприлика 50 проценти ќе треба да биде наменет за плати, 30 проценти за операции и одржување, и 20 проценти за модернизација. Како и да е, не се работи само за модернизација, туку е и прашање на подготвеност, а под подготвеност се подразбира едукација, вежби, обука тренинг, и се разбира вашето учество во мисии, вашиот придонес во командната структура на НАТО, воената структура на НАТО. Вие ќе го зголемите вашето учество во делегацијата во базата на НАТО и во командите на НАТО. За тоа зборуваме. Вие ќе треба да ги синхронизирате вашите процеси со тие што се спроведуваат во Алијансата.“

Инаку Македонската армија од 2002 година учествува во мисиите на НАТО.

Како што е познато во изминатиот период министрите за одбрана на НАТО се договорија да ја прошират мисијата за обука во Ирак. Генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг истакна дека оваа мисија е наменета за ирачката војска, која е во првиот фронтален ред во битката со ИСИС, има за цел ИСИС никогаш да не се врати.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска најави дека македонски војници и офицери ќе може да учествуваат во проширената мисија на НАТО во Ирак, и дека во рамките на Јадранската повелба, подготвени сме да испратиме одреден број офицери и војници.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG