Достапни линкови

„Жените и фотографијата“ традиционално по седми пат во Куманово


Габриела Савевска: „Меѓу букви соголена“

Во Изложбениот салон на НУ Центар за култура “Трајко Прокопиев“ во Куманово, од 6 до 19 март, во организација на Фото клуб Куманово, ќе се одржи седмото издание на традиционалната изложба на фотографии “Жените и фотографијата“.

Анита Палческа, Леона Димиќ, Марина Крстиќ, Мимоза Чолак, Ангелина Апостолоска, Ана Крстиќ, Алисија Колевска, Габриела Савеска, Симона Диковска, Жаклина Стефановска, Ива Јанакиевска, Ивона Кочов, Исидора Антиќ, Каролина Димоска и Мила Златковска ... се само некои од 37-те авторки од нашата земја чии фотографии, од 6 до 19 март, ќе бидат изложени на седмото издание на традиционалната изложба на фотографии „Жените и фотографијата“ што ќе се одржи во Изложбениот салон на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово. Станува збор за настан зад кој целото ова време стои Фото клуб Куманово и чија идеја за него слегува до потребата на еден ваков творечки начин да се проговори за ангажираното присуство на жената не само во светот на фотографијата, во културата, туку воопшто во општеството.

Симона Дикоска, „Младенци“
Симона Дикоска, „Младенци“

„Фотографијата е јасен пример за напредокот. Додека списоците на „мајстори на фотографијата“ обично ги именуваа сите значајни мажи фотографи, жените полека ја превземаат фотографската уметност. Фотографијата не би била тоа што е денес, доколку не беше храброста и страста на одлични жени фотографи, поради кои фотографијата достигна возвишена состојба на уметност. Бројот на жени фотографи се зголеми во текот на минатиот век, а денес може да зборуваме за избалансиран однос помеѓу мажи и жени во оваа професија. Жената отсекогаш била дел од светот на фотографијата, како муза, модел и инспирација, но и како уметник чии фотографии имаат моќ да инспирираат. Суптилноста и чуствителноста на жената, вроденото чуство за грижа, внимателност како карактеристики кои ни се припишуваат се предност во оваа област за остварување на посакуваниот ефект – да се долови момент, зачува спомен“, раскаже приказна или испрати порака, вели Викторија Златковиќ, која како историчар на уметност ќе ја отвори поставката и активен член на Фото клуб Куманово.

Анита Палческа, „Лебдејќи меѓу световите“
Анита Палческа, „Лебдејќи меѓу световите“

Во контекст на нејзината констатација во своето послание до публиката организаторите на седмото издание на изложбата „Жените и фотографијата“ ќе забележат дека објективот на жената фотограф е различен од објективот на маж фотограф. Дека авторката на фотографијата има сосема поинаква перцепција за динамиката на објектите кои се опфатени со кадарот од апаратот. Различноста на перцепцијата, како што пишуваат, се одликува и во квалитетот на фотографијата и во тематиката, објектот на фотографирање и техниката. Авторката преку фотографијата произведува цел свет од доживувања и пресеци на реалноста и светот каде што припаѓа.

Како дополна на ова се вели дека историјата е полна со сведоштва за успешни фотографки почнувајќи од Џулија Маргарет Камерон и Тина Модоти, па се до Синди Шерман и Ени Лебовиц. Во својата позната студија насловена со „За фотографијата (On photography)“ познатата есеистка и писателка Сузан Сонтаг ja разгледува специфичноста на фотографијата создадена од автори припаднички на женскиот род. Сузан Сонтаг под посебна анализа ги става фотографиите на Ени Лебовиц и го провлекува тврдењето дека генијалноста изразена во посебната убава уметност – фотографијата им припаѓа како атрибут на жените исто онолку колку што им припаѓа на мажите. Фотографската уметност е една од ретките уметности во чие етаблирање и развој, жените придонесувале подеднакво со мажите. Поради тоа може да се каже дека заложбите на жените и нивното интегрирање во создавањето на реалноста и пресликување на убавото е значајна и дека фотографијата е таа која е доказ за успешноста на жените во креирање на поубав и по хуман свет.

Леона Димиќ, „Гостин“
Леона Димиќ, „Гостин“

Наспроти теоријата, Викторија Златковиќ со појаснување дека особено интересно е и тоа што Фото клуб Куманово е со поголема бројност на жени фотографи, кои како активни членови на клубот успеаа да се закитат со бројни награди во текот на изминатата година. Од таму, како што вели, не е за чудење и тоа што поради нагласениот интерес за минатогодишната изложба таа веднаш по нејзиното премиерно претставување во Куманово беше презентирана и во уште неколку други градови во Македонија. Таа и со верба дека нешто слично ќе се случи и овојпат кога публиката ќе има можност да види 50 уметнички фотографии на учесничките кои во случајов твореа на две теми ставајќи акцент на улогата на жената во современието, но и оставајќи слободен простор за интерпретација на светот околу себе виден со нивните очи и посебно објективи.

„Застапеноста на жени фотографи во сите жанрови е она што ги инспирира генерациите да ги ценат различностите и да продолжат да се борат за еднаквост. Важно е да твориме во свет во кој нашите аспирации не се маргинализирани или компромитирани заради полот. Фото Клуб Куманово традиционално ја користи можноста да го одбележи денот на жената со славење на работата на жените фотографи! Благодарност до сите жени кои со својот труд, желба и истрајност остават белег во оваа креативна дејност“, смета Златковиќ.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG