Достапни линкови

Материјалната слика на работ во скопската галерија „Акантус“


„На работ“ е насловена групната изложба на уметници Ана Трајковска, Ива Станкова, Илија Прокопиев и Доротеј Нешковски којашто од 14 февруари до 10 март, како прва годинава, ќе се одржи во скопската галерија „Акантус“. Младите автори се претставуваат со дела во различни техники и формати.

Скопската галерија „Акантус“ следејќи ја својата заложба да биде во дослух со новите стремежи во уметноста, слично како и лани ова време кога беше претставен Марко Вуисиќ, своето првично отворање на портите во оваа 2020 година за ликовната публика се реши да го стори со групна поставка на новите творци. Со изложба којашто ги обединува талентите, енергиите, инспирациите, бунтовноста и ликовните писма на четири млади македонски автори. На оние чие време реално допрва доаѓа. Така во периодот од 14 февруари до 10 март, во ова сврталиште на визуелна возбуда во срцето на Скопје, на едно место ќе се најдат делата работени во различни техники и формати на Ана Трајковска, Ива Станкова, Илија Прокопиев и Доротеј Нешковски, а изложбата со доза на разбирлива провокативност е именувана „На работ“.

И, згора на ова уште и појаснувањето на организаторите дека „нивните дела се изработени во масен пастел, графички отпечаток, цртежи, акрил, масло на платно и други техники“. Дека се навидум многу различни, но сепак доволно (не)компатибилни за да направат една целина и да го прикажат уметничкиот израз за материјалната слика на работ.

„Поставена е една групна изложба, четири автори коишто се блиски по сензибилитетот, по ракописот којшто го пишуваат ...иако можеби и не по она што го забележуваат. По идејата и расположението, по оние првични разговори по нашата покана, видов дека ќе добиеме добра изложба, која ќе сугерира нови интриги, нови проблеми на уметноста. Како да опстанеме со сите овие нови движења, со т.н. „нови медиуми“ или, пак, каде сме тоа ние? Што работиме? Дали сме блиску до светот? Дали не оптеретуваат проблеми од нашава околина? Дали на младите уметници им треба простор за да сите свои замисли да ги кажат, да ги искажат“, вели кураторката на изложбата Дијана Томиќ Радевска.

Како појаснување на ова свое тврдење и во контекст на извлекувањето на насловот за поставката таа во кураторското обраќање до посетителите ќе запише: Во светот на уметноста потребни се нови интриги и нови прашања. Тие можат да го појаснат ставот на уметникот, a и да придонесат за разбирање на ракописот на уметноста. Ако интелектуалниот пристап на гледање и поимање, носи страв и непознати притоа барајќи едукативна подготвеност, така емотивниот контакт и чувствата со уметничкото дело уште повеќе изискуваат енергија.

„Уметноста како визуелен медиум ве вовлекува во процесот на создавање низ рацете на уметниците. Чинот на создавање на материјалната слика, „реалноста на насликаното” (Хегел), создадена од човечката рака е израз на уметничката слобода, сето тоа на работ од реалноста и духовната “конструкција”, на работ на опсесијата, на работ на страста, на работ на бунтот за опстанокот на уметноста, за опстанокот“, вели таа.

Во продолжение Томиќ Радевска и со експликација каде вели: Доротеј Нешовски, Илија Прокопиев, Ива Станковска и Ана Трајковска, блиски по третманот на слободата на изразот, секој на свој начин во традиционална техника, цртеж, сликарство, графички отпечаток, фотографија, објект-скулптура, нетипични во решенијата излегуваат од рамката на ограничувањата. Нивното искрено задоволство, ќе напише Дијана, ќе се почувствува во предизвикот што го носи уметноста, возбудата од „талкањето“ (истражувањето) низ сопствениот јазик. Низ отворени структури и проблематики во исцрпените емотивни забелешки, односот на човек-град, човек-природа, човек-човек го оставаат отворен и целиот простор на работ на отворен запис кој може да се дополнува.

Од друга страна, таа во однос на заложбата на „Акантус“ да отвора простор за младите уметници и со потсетување на сопствените почетоци во уметноста.

„Јас искрено се сетив на еден период од мојата младост кога требаше да се чека еден многу долго за да се претставиш негде, за да те поканат. За да направиш самостојна изложба. И затоа мислам дека е потребно да им се даде повеќе можност на младите автори зошто има нова енергија. Морам да се согласам дека новата енергија носи прашања кои треба и ние поискусните или повозрасните автори да ги почувствуваме и да ги третираме. Мислам дека се повеќе и повеќе ни се потребни дискусии. Потребни ни се едукација, разговор, многу повеќе слога., кога добро ќе се соработува неминовно имате добра изложба“, смета Дијана Томиќ Радевска.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG