Достапни линкови

Горан Трајкоски - слободен и свој


Со репертоар чија срцевина се трите соло албуми и со дел од класичните песни, Горан Трајкоски и неговиот бенд во изминатиот месец успешно ја завршија својата „Зимска турнеја“. Со раширени раце ги пречекаа во Белград, Нови Сад, Загреб и Љубљана. Онака како што доликува на уметник од негов ранг.

Горан Трајкоски, со своето неколку децениско музичко творештво, влегува во редот на најзначајните македонски дејци кои оставиле засебен белег во културата овде дома, но и пошироко во регионот и секаде онаму каде стасал нивниот глас. Од младешката панкерска бунтовност со АФЕКТИВЕН НАБОЈ и САРАЦЕНИ, преку потрагите и себе-откривањето со ПАДОТ НА ВИЗАНТИЈА, МИЗАР, АПОРЕА и особено со АНАСТАСИЈА како еден вид врв на допирањето на сржта на нашиот национален и духовен идентитет и нејзино транспонирање во времево, патем и со пројавувањето во проекти како ретро-кабарето „Циркус Еуропиа“ или „Биоскопија“ кој настана во корелација со Елена Христова од БАКЛАВА, соработките со Александар Велјанов, неговиот состав ДАЈНЕ ЛАКАЕН, со МУГЕР-ФУГЕР, конечно и со соло албумите „На светот убавина“, „Тешкиот глас на новите химни“ и „Скомраси апсурдистански“ и неговиот ангажман како исклучително плоден автор на театарска музика, тој израсна во уметник кој стои исправен пред своето дело и чии песни и пораки се искрени, громогласни и моќни. А, таквите се денес навистина ретки. Во многу пошироки рамки.

По многу години Горан Трајкоски им се врати на концертите во регионот одработувајќи ја на крајот од декември и во текот на јануари својата „Зимска турнеја“. Во нејзини рамки се случија настапите во Белград, Нови Сад, Загреб и во Љубљана, кои пак со особено внимание и со убави зборови беа проследени од публиката и од тамошните медиуми. Од каде потребата за еден ваков исчекор?

Иако од неофицијалниот и се уште неофицијален распад на АНАСТАСИЈА, којшто не можам да го лоцирам временски но можам само симболично да го претставам со нашиот последен настап а еден фестивал на Златибор во Србија, во сиот тој период од да речеме 20 години јас не бев сосем концертно неактивен. Напротив. Имав една убава турнеја со групата МИЗАР после излегувањето на албумот „Кобна убавина“, а повеќето од моите други концертни настани којшто не беа малку беа врзани со Германија и со земјите од средна Европа. Со Александар Велјанов и подоцна со групата ДАЈНЕ ЛАКАЕН. Значи иако немав некоја сериозна концертна пауза, сепак тие центри на бивша Југославија ми беа некако не посетени, не бев присутен таму. Последниве десеттина години, пак, се случи да често работам музика за театарски претстави на Балканов – во Софија, Нови Сад, Подгорица, Сплит... Иницијација за ова придвижување беше мојата средба со Милан Ракиќ, промотер од Нови Сад, која подоцна ја разработи, прошири и организира Логин Кочишки како мала турнеја низ неколку градови на поранешна СФРЈ. И на крајот ќе заклучам дека основниот мотив за ова мое навраќање беше чувството дека имам нешто заборавено, дека е останата нешто недоречено кое имам потреба да го формулирам уште еднаш. Верувам дека следниве години со албумите што ги објавив и со оние што ќе следат ќе успеам да го избистрам тоа сеуште нејасно чувство на недореченост.

Концерт на Горан Трајковски во Нови Сад
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:40 0:00

Твоето дело и лик и се добро познати на публиката од земјите во регионот, посебно на оние кои своевремено ја почитувале музиката на ПАДОТ НА ВИЗАНТИЈА, МИЗАР, АНАСТАСИЈА, но сепак очекуваше ли дека и по толку време ќе има така нагласен интерес за твојата музика?

Имав некакви очекувања заради моето какво такво присуство со театарската музика во Нови Сад и во Белград и познанствата со луѓето што ги познавам. Едноставно постоеја луѓе на кои можев да им се обратам за поддршка и да се обидам да ја испровоцирам мојата поранешна публика што сум ја имал со групите МИЗАР, АНАСТАСИЈА, ајде да одиме и уште подалеку со ПАДОТ НА ВИЗАНТИЈА. Но, не бев до крај сигурен на каков интерес ќе наиде мојата појава во Загреб и Љубљана. Морам да бидам искрен и да кажам дека потајно и се плашев дека нема да има публика таму. Но, за сета среќа не се случи тоа. Моето големо изненадување беше концертот во Загреб каде како да влегов во некој времеплов и да се вратив некаде 30-на години наназад и како тоа да не беше малата сала на „Творница“ туку веќе непостоечкиот клуб „Кулушиќ“. Имав чувство дека ги познавам барем половината од луѓето кои беа присутни таму. Во секој случај беше тоа навистина пријатно искуство со загрепската публика како и секогаш. Овој мој соло концерт во Загреб на многу нешта личеше и ме потсети на нашиот прв настап со МИЗАР во „Лапидариј“ далечната 1987 година.

ФУНКЦИЈАТА НА МУЗИКАТА НА ЕНЕРГЕТСКО НИВО

И, кога веќе се појавуваш во вакви концертни простори со исклучително силна екипа на музичари до себе, луѓе како гитаристот Сеад Хаџиќ – Сецко чие дело е тесно врзано за две круцијални групи во историјата на македонскиот рокенрол како ЛАСТ ЕКСПЕДИШН и МУГЕР-ФУГЕР, Мите Димовски чие искуство слегува до ЦИЛИНДЕР, ПРАМЕН И пред сè АРХАНГЕЛ, МИТАН ПРОЏЕКТ, а сега е со ТЕМПЕРА и важи за еден од особено ценетите продуценти кај нас, Игор Василев – Новоградска кој си има посебна приказна, кларинетистот и саксафонистот Петар Христов, Благоја Неделковски со есенцијален избор на песни, беше ли сигурен дека едноставно имате музичка приказна која наново ќе го заслужи нагласеното внимание на публиката.

Ова беше моја прва концертна средба, прва интеракција со публиката од тие градови како Љубљана така и од Загреб. И двата града беа одлично медиумски покриени, посебно со оние старовремски медиуми како што се радиото и телевизијата, нешто што многу ме изненади. Во Љубљана очекував подршка од добар дел на нашите луѓе кои живеат таму ... Изборот на луѓето со кои работам е само логично продолжување на соработката која ја имам започнато со секој од нив на свој начин низ времето кое е зад нас и токму таму лежи сигурноста што ја имам кога свирам со нив. Секако не би заборавил да го истакнам и взаемното пријателство кое е само уште еден важен елемент и ме прави сигурен дека каде и да се претставиме нема музички да се „посрамотиме“.

Говори ли ова дека некогаш изградените мостови на пријателство и наспроти силните атаци врз нивните носечки столбови можат и натаму да крепат. Дека културата и по војните кои се случија на овие простори може да ја гради и потпира нормалната комуникација меѓу народите.

Културата е навистина сериозен мост и може да ги обнови еднаш разурнатите од некултурата врски кои порано веќе ги имавме. Сигурен сум дека тоа ќе профункционира и овој пат на еден поубав и поинтересен начин. Разбирањето не мора да биде директно на јазично ниво. Колку и да сме блиски приказните што сега ги носат родителите на луѓето коишто се сега активни во културата се сеуште живи и тие знаат да ги ценат. Не ги заборавиле. Еве на пример во театарот. Таму тие врски се сеуште живи и функционални. Во изминативе десеттина години одлично соработувам на полето на театарот со мнозина уметници од Балканот и сметам дека таквите релации во иднина само ќе се продлабочат.

Пееш на мајчиниот, македонски јазик и притоа испорачуваш специфична поетика полна силни пораки што треба да се чујат, разберат. Колку притоа чувственоста, енергијата и искрениот пристап што го испорачувате од сцената успеваат да го отворат оној битен канал за полесно да стигнете до луѓето пред вас во партерот?

Воглавно музиката функционира на енергетско, а не на јазично ниво. Искуствата од минатото ми зборуваат дека, на пример кога настапувавме со АНАСТАСИЈА во скандинавските земји со чии луѓе немаме никаква јазична блискост, но на енергетско ниво, на нивото на музичките вибрации, можеме да се разбереме, можеме да се препознаеме. Примерот на генерацијата на нашите родители покажува дека тие, во 1960-те години речиси не знаеле ниту еден збор англиски, а воспоставиле релација со песните на РОЛИНГСТОУНСИ, на БИТЛСИ и на останатите. Музиката по својата природа е нематеријална. Не е како ликовните уметности, како скулптурата на пример: музиката не може да се фати, да се види – може да се слушне и уште повеќе да се почувствува нејзината енергија. Всушност музиката е еден вид на физичка дразба којашто стигнува до ушите преку треперењето на воздухот.

Со бендот испорачувате звучна слика од сцената која се потпира на твоите веќе познати, да речеме „класични песни“ од различни периоди и со различни бендови, но и на оние кои настанати во последниве години и кои сериозно одат по истата патека, а ти како автор исправено стоиш и зад едните и зад другите со идеја дека креираш музика која им одолева и на временските и на жанровските одредници.

Од 2017 година до сега настапувам со концертниот репертоар што го имам – песните од албумот „Тешкиот глас на новите химни“ подоцна надополнет со музиката од саундтракот „Ругање со Христос“. Тука се и песните што сум ги компонирал и исполнувал со групите АНАСТАСИЈА, МИЗАР и ПАДОТ НА ВИЗАНТИЈА и за кои сметам дека во овој момент одговараат и се компатибилни со материјалот што сега го исполнувам. Притоа морам да признам дека една од песните на која веднаш импулсивно се реагира и која предизвикува моментално првично препознавање, по само неколку акорди, е „Премин“. Но секако драго ми е и тоа што после две години од вртење на песните од албумот „Тешкиот глас на новите химни“ има веќе четири-пет нумери кои полека влегуваат во таа група на препознатливи песни. Како на пример „Слободен и мој“, или „Глас од татковината“ на пример, „Кога робовите проповедаат слобода“.

Музиката што сега ја креираш е плод на твојата некогашна панкерска енергија, на потрагите и слегувањата до изворот на македонскиот музички јазик, на старословенското пеење, на византиската традиција, на искуството и долгата километража на сцена, но над се на мислата дека постојано треба да се оди напред. Да се експериментира и да се предизвикуваат границите. Тоа ли е патот по кој милуваш и натаму да чекориш?

Се обидувам да извлечам полза од дејците од другите области на уметностите. Од писателите на пример, драмските или филмските сценаристи, режисерите. Секој нивни нов проект е посебна епизода, условно речено менување на жанрот. Еден театарски режисер може да ја работи „Ана Каренина“, па Шекспир или од Достоевски или некој современ автор во следната претстава. Со други зборови во еден кус временски период од неколку години тој може да смени неколку жанрови. Многу е чудно дури и нелогочно што во музиката се има зацементирано сфаќањето, како еден вид „обичај“ да кога едно име, еден автор да речеме исполнител или музичар направи албум и биде препознаен со тој звук самиот продолжува, па дури голем дел од неговата публика бара од него да го задржи истото. Инерцијата и навиката го бараат својот данок. Имаме примери на групи кои со децении функционираат со многу мали промени. Дури и никакви. Не сакам да звучам стереотипно, но кога го зборувам ова мислам на промените коишто се прават во кариерата на музичарите се значително помали отколку промените што ги прави еден писател во одбирот на своите теми или еден филмски режисер или театарски. Се обидувам да се огледам во ова друго огледало, да тргнам по овој вториов пример. Работејќи долго време во театар сфатив дека личниот печат кај еден актер или режисер се состои во неговиот внатрешен говор или внатрешен изразен сензибилитет. Чувствата што ги има, а не преку одбирот на темите или жанрот преку кој се изразува. Се обидувам да ги прескокнувам жанровите.

ЗА ОДДОЛЖУВАЊЕТО КОН ПУБЛИКАТА И „НЕЧИСТАТА СОВЕСТ“

Ова говори дека како автор Горан Трајкоски успеа условно речено да се ослободи од „прангите“ што можеше со себе да ги донесе успехот со да речеме АНАСТАСИЈА или МИЗАР. Или во театарската музика. Пред скоро една деценија беше вистинско изненадување кога се појави со гитара во рацете во кино „Милениум“. После работите се одвиваа во таа насока за да сега собереш екипа на соработници, на одлични музичари со леснотија се движат во повеќе насоки. Како дојде до овие луѓе, до Сецко, Мите, Игор, Сашко...?

Моите соработници некако се најдоа околу мене во сите овие години.. Со Игор Василев сме уште од времето на концертите на Александар Велјанов низ Европа. Кај Мите во студио снимам повеќе од две, три децении и одлично го познавам. Кај него се чувствувам сигурно секогаш кога одам со нов музички материјал. Што да речам за Сецко и дружбата со МУГЕР-ФУГЕР...Со тие луѓе одлично соработував и тоа го чувствував не како обврска туку како логична желба да продолжам да работам кога на ум ќе имам некоја нова идеја. На пример, ако музиката за албумот „Скомхари апсурдистански“ ја работев со инструментална и вокална помош на Петар Христов и Ана Митоска, кога дојде време за промоција на саундтракот за „Ругање со Христос“ на режисерот Јани Бојаџи повторно ги викнав луѓето од бендот Мите, Игор, Баже, Сецко... Со нив се чувствувам лагодно, убаво, слободно.

Планираш ли и натаму да го држиш ваквиот концепт на делување?

Сигурно. Подготвувам нови материјали, но нема да ги напуштам ни другите активности што ги имам. Еве останува и во иднина соработката со ДАЈНЕ ЛАКАЕН и Велјанов, работата во театарот сигурно, дури и колку што ми дозволува времето и можностите ќе продолжам и со започнатите подготовки на новиот соло албум. И понатаму ќе се повикам на истите соработници, секој колку може да помогне.

И кога го спомнуваш новиот проект во кој музички води тој ќе плива и ќе останеш ли и натаму гласен во жигосувањето на аномалиите на ова труло општество во кое живееме?

Нацртот за нов соло албум е готов, но имам и уште два други проекти. Во следниве месеци ќе се решам на што попрво да ги насочам силите. Веројатно ќе работам паралелно на сите, но ќе морам да се одлучам што од сето тоа би било прво промовирано. Имам одамна започнат албум со Александар Велјанов кој би сакал да го заврршиме во некое догледно време, а скоро нешто слично инициравме и со Зоран Булатовиќ - Бале гитарист во култната новосадска група ЛУНА кој патем ни беше гостин во „Премин“ на тамошниот концерт зимава. И тука некаде ќе се движам и ќе одлучувам како да се одвиваат редоследно работите.

Се разбира останува активна и работата во театарот, па така за две недели започнувам со подготовката на новата претстава – со Дејан Пројковски најверојатно ќе ја поставиме „Дервишот и смртта“ во Бања Лука, Република Српска. До крајот на годината ме чекаат уште и музиките за претставите во Нови Сад и во Подгорица.

Со режисерот Дејан Пројкоски станавте препознатливи во регионот и не се сомневам дека таа повеќе годишна соработка ќе донесе уште многу плодови...

Тоа е една од најпозитивните и најубавите работи кога се работи една синкретска уметност, каква што е театарот. Таму тимската работа е пресудна, а со Дејан од 2003 година до денес речиси да се немаме промашено а се работи за некаде педесеттина театарски претстави.

И вака кога сето ова ќе биде ставено на хартија и ќе биде подвлечена некоја црта на човек едноставно му доаѓа да се праша – па добро Горан Трајкоски знае ли за одмор? Која е таа сила во тебе што и по толку многу години те тера да го држиш ова темпо на работа? Се преиспитувал ли понекогаш за делото во времево?

Кога работам се чувствувам жив. Среќен сум и му благодарам на Бога што ми ја исполни најголемата желба што ја имав а тоа е да немам работа. Поточно мојата игра да ми претставува работа, односно работата да ми е игра. Зафатениот човек не го чувствува заморот туку со самата промена на активноста се одмора. Пред десеттина години чувствував сериозно дека можеби малку сум направил. Дека и тоа што сум го направил е некако неопипливо, во ветар. Токму тоа мое чувство ме поттикна за прв пат да се претставам во прво лице еднина, да почнам да дејствувам како соло автор и ете успеав во изминативе години од 2017 до денес да објавам три албуми што е еден вид на мое оддолжување и кон публиката и кон својата нечиста совест.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG