Достапни линкови

Комунизмот и љубовта во Албанија


СССР и Албанија, филмска историска драма
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:27 0:00

СССР и Албанија, филмска историска драма

„Љубовта не учи ништо од историјата“, вели една од копродуцентките на првиот албанско руски филм под името „Ѓирокастро“. Станува збор за историска драма за еден мешан брачен пар од времето кога двете тогаш комунистички земји ги прекинаа односите.

Во една тврдина од 13 век, албански и руски актери се обидуваат филмски да го реконструираат малку познатото, но вознемирувачко поглавје од нивната заедничка историја.

Оваа историска драма е прва заедничка копродукција меѓу двете држави во изминативе 70 години.

Работниот наслов за љубовната приказна е „Ѓирокастро“, град на југот на Албанија каде што се одвива приказната.

Тоа ќе биде првиот долгометражен филм што ќе ја истражува трагичната судбина на мешаните парови прогонувани од комунистичкиот режим во Тирана.

Проблемот започна откако Тирана ги прекина врските со Москва во 1961 година и преку ноќ ги претвори младите Албанци со сопруги од Советскиот сојуз во осомничени предавници.

„Ликовите кои ме интересираат се заборавени или малку познати жртви на комунизмот: странци држени во Албанија и дивјачко гонети од режимот“, вели Исмаил Кадаре, романсиер и поет кој има добиено низа литературни награди и редовно е кандидиран за Нобелова награда.

Тој го напиша сценариото заедно со рускиот сценарист и режисер Јуриј Арабов.

„Тоа е филм за човечноста, суровоста и љубовта што на крај победува сè. Мора да се надмине суровоста“.

Во 50-тите години од минатиот век, многу албански мажи студирале во Советскиот Сојуз и во други земји од тогашниот комунистички блок, а некои од нив се враќале дома со руски, полски, унгарски или бугарски партнери.

Полина Гришина, руска актерка која ја игра главната улога вели: „Кога го читав ова сценарио, она што најмногу ме допре беше нејзината сличност со реалниот живот“.

Егзекуции и логори

Со години Албанија и СССР беа блиски сојузници, а комунистичкиот диктатор на Тирана, Енвер Хоџа, голем обожавател на Јосиф Сталин.

Но, откако наследникот на Советскиот лидер, Никита Хрушчов, започна серија реформи за десталинизација, албанскиот диктатор раскина со „ревизионистичката“ Москва и нејзините сателитски држави во 1961 година.

Странските жени во Албанија, чии граници беа затворени под Хоџа, добија избор: да се вратат дома или да останат со своите сопрузи и да ризикуваат прогон.

Нема податоци за тоа колку двојки им се придружиле на десетиците илјадници противници на режимот во затвор или осудени на тешка работа за време на 40-годишниот комунизам во Албанија.

Околу 5.500 мажи и 450 жени беа егзекутирани од режимот.

Вистинска љубов

Филмот, што Кадаре започна да го пишува во 2010 година, ја следи приказната за руската студентка Катја, која се запознава со нејзиниот иден сопруг Албанец, Арјан, во Москва.

Неколку години откако започна нов живот заедно во Албанија, сопругот е уапсен за „шпионирање“ и егзекутиран.

Катја, исто така обвинета за шпионажа, заврши во затвор во тврдината Ѓирокастро, која во тоа време се користеше како затвор.

Режисерот Араков го опишува филмот како „почит на сите невини жртви на тоталитарните режими“.

Снимањето заврши, но ова дело веќе роди нова љубовна приказна - помеѓу Полина Гришина која ја игра Катја, и Бесмир Битраку, албански актер кој го глуми нејзиниот сопруг.

„Ние сме нашата историја“, вели со насмевка Битраку, популарен актер во Албанија.

Лорета Мокини, ко-продуцентка на филмот пак вели: „Љубовта е слепа, не учи од историјата“.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG