Достапни линкови

„Произведено во шума“ на Јакимовска-Родиќ се закити со награда во Словенија


Македонско-словенечката сликарка и графичарка Светлана Јакимовска-Родиќ, за проектот „Произведено во шума“ изложен оваа есен во галеријата „Божидар Јакец“, е добитник на наградата за тековна продукција „Иванa Кобилцa“ што ја доделува Друштвото на ликовните уметници на Љубљана.

По девет месеци од претставувањето на графичката инсталација „Дволична“ во Мала галерија „Сули ан“ на Факултетот за ликовна уметност во Скопје и речиси непосредно по завршувањето на поставката со комплетниот уметнички проект „Произведено во шума – Made in Forest“ во лапидариумот на една од најдобрите словенечки галерии „Божидар Јакец“ која и ја номинира уметничката, нашата Светлана Јакимовска-Родиќ е прогласена за добитник на наградата за тековна продукција „Иванa Кобилцa“, што (чествувајќи го ликот и делото на најпознатата словенска сликарка од крајот на 19 и почетокот на 20 век) ја доделува Друштвото на ликовните уметници на Љубљана.

Светлана Јакимовска дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје 1990 година во класата на проф. Димитар Малиданов. Постдипломски студии завршила во Љубљана кај Лојзе Логар, а од 1994 година е член на Сојузот на друштвото на словенечките ликовни уметници (ЗДСЛУ). Добитник е на наградата „Моша Пијаде“ на првото меѓународно триенале одржано во Битола.

Освен во родната Македонија и во Словенија со своите дела се претставувала во Германија, Австрија, Италија, Полска и Црна Гора, а учествувала и на повеќе меѓународни резиденции во Европа.

„Оваа награда мене како на уметник многу ми значи, затоа што е тоа признание за нешто што веќе си го направил, во случајов за изложба којашто не е одржана во Љубљана. Еден аспект е дека кога изложуваш во главниот град тогаш за очекување е дека сите ја имаат видено, а оваа моја поставка се одржа во Костањевица. Градот не во љубљанскиот крај и затоа изнудува поголем простор за да видат луѓето што си направил таму некаде во внатрешноста од земјата. И, тоа е позитивниот контекст. Згора на тоа наградата е добар начин да и претставиш на Словенија која никогаш не дошла во галеријата „Божидар Јакец“ една битна општествена реалност, поточно еколошка тема која во случајов е третирана на сосема поинаков начин. Со јазикот и моќта на уметноста. Затоа тоа беше голем настан за мене, добар за изложбата „Произведено во шума“ и посебно за имиџот на Галеријата за која кај тамошните уметници постои огромен интерес за излагање“, вели Јакимовска – Родиќ.

Дополнува дека на самото отворање на изложбата рекла оти со излегувањето во јавност со „Произведено во шума“, таа всушност и формално завршила со тој ликовен експеримент што си го задала работејќи на корите, односно на проектот кој беше е инспириран од природната несреќа во 2014 година, кога ледениот дожд предизвикал наезда од инсекти-штетници (Bark beetles) во шумите во Словенија.

„Мислам дека тој циклус е потполно завршен. Неговиот крај, беше означен и со една изложба на еден уметнички фестивал во Доленскиот регион кај што пратив уште едно, последно дело кое што остана неизложено во Големата галерија. Не е тоа нешто што јас сега би го работела и развивала во иднина. Случајно или можеби точно поради тоа што имав едно такво истражување, јас сега веќе работам на еден друг проект кој на свој начин ќе ја актуелизира и интерпретира барокната сала на Музејот во Брежице, Посавје. Целата таа сала е отсликана и притоа има многу дела на птици и јас на овој начин ќе му се вратам на својот стар проект што требаше да го изложам кај нив „Круг во црта“, во кој пак говорам за миграциите и цикличноста на времето. На таа наша неможност да се исправиме, да се подобриме и да не ги правиме истите грешки. Тогаш работев на проѕирни ткаенини. Сега ќе го продолжам текот и ќе го раширам на темата со птици, а проектот ќе биде претставен во објект кој дозволува некои такви поголеми медиумски интервенции. Изложбата е закажана за декември идната 2020 година“, појаснува уметничката.

Со оглед на тоа дека поширокиот контекст на идната поставка се „миграциите“, прашана за тоа дали размислува со оваа изложба да дојде во Македонија, Светлана Јакимовска – Родиќ откако ќе констатира дека најнапред треба да ја заврши истакнува дека „се надева оти таа ќе биде доволно добра за нејзино претставување секаде по светот, па и во татковината“.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG