Достапни линкови

Дискриминацијата на Ромките тешко се искоренува


Илустрација.
Илустрација.

Ромките се соочуваат со повеќе видови дискриминација, а трпат и насилство, но често и не го препознаваат, па не го ни пријавуваат. Состојбите може да се сменат, но не се знае колку време ќе биде потребно за тоа. Невладини работат на подигање на свесноста за образование и за економско јакнење.

Дискриминацијата на Ромките потекнува од семејството, а потоа само продолжуваат во сите општествени пори на нивното живеење. Тие се дискриминирани по сите основи, а тоа тешко го препознаваат и уште многу време е неопходно да се изборат за своите права, почит и достоинствен живот, меѓу другото вели младата Бирсана Демировска од кумановската ромска населба Средорек.

„Има повеќе видови дискриминација. Има и насилство, но жените не се ни обидуваат тоа да го пријават, оти мислат дека тоа е нормално, мажот да им удри шлаканица или нешто слично.“

Ромките во период на речиси незавршено детство влегуваат во диви брачни заедници, а потоа и децата раѓаат деца.

„Од 13 годишна возраст стапуваат во диви бракови, а од 14 или 15 годишна возраст веќе почнуваат со раѓање“, вели Бирсана.

Бирсана Демировска
Бирсана Демировска

Таа смета дека состојбата може да се смени, но непознато е колку време ќе треба да помине да се напушти традиционалното однесување на Ромите. Таа додава дека за оваа популација образованието е на многу ниско ниво поради незаинтересираноста на родителите кои и самите не оделе на школо, сиромаштијата која ги притиска, но има и сфаќања дека бадијала е да се учи кога и тие што завршиле школо не можат да се вработат.

Бирсана е со завршено средно образование и работи на повеќе проекти пред сè, за подигање на свеста кај ромската популација. Вклучена е и во Здружението на националниот ромски центар (НРЦ) во Куманово, каде што меѓу другото вршено е истражување за дискриминацијата и насилството на Ромките. Собирани се квалитативни податоци на терен според кои се воспоставени препораки за подобрување на состојбите. Освен за подигање на свеста, препознавање и охрабрување за пријавување на дискриминацијата и насилството, Ромките можат да пријават и да добијат бесплатна правна помош.

„Жените најчесто се соочени со јазичната бариера, затоа што некои од нив го зборуваат само мајчиниот јазик и најубаво можат да разберат информации и едукации само на ромскиот јазик и често пати имаат потешкотии во пополнување формулари и претставки до соодветни институции. Истражувањето како голем проблем го детектира и економското насилство затоа што жените имаат низок степен на образование, невработени се. Кога ќе се соочат со насилство, тие мора да размислуваат дали ќе има можност да создаде дом, да плаќа закуп за себе и за децата и да биде на безбедно место“, вели Катерина Шојиќ од НРЦ.

Катерина Шојиќ
Катерина Шојиќ

Таа додава дека се работи на економско јакнење, да се користат активните мерки на Владата, да се мотивира локалниот бизнис сектор, да вработува и да поддржува други економски иницијативи.

„Постојат програми изработени од Бирото за развој на образование согласно со Министерството за образование и наука. Ваков тип жени сме вклучиле во активности да завршат основно образование, а кај нас постојат верификувани институции и провајдери на неформално образование чии што дипломи се признаени од МОН и со нив може да се вработат. Предусловот е да завршат основно образование, а потоа неформално образование, за да можат да се појават на пазарот на трудот.“

Според Шојиќ се работи и на задржување на децата во образование, а да се намали бројот на диви бракови, да се подигне свеста кај ромската популација, да се намали дискриминацијата и насилството.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG