Достапни линкови

„Мустаќлии“ за будење на свеста за машкото здравје


Националната галерија со цел за подигнување на свеста за машкото здравје, а во рамките на првото издание од проектот „Од поинаков дискурс“, од 14 ноември до 9 декември ја организира изложбата насловена „Мустаќлии“ со избор на дела од нејзината богата колекција.

„Кога точно пред еден век Марсел Дишан и доцртал мустаќи на Мона Лиза, покрај субверзивната пресметка со традицијата, тој ни оставил визуелно потсетување колку навидум „малите” ликовни интервенции на лицето можат да го променат „личниот опис” (а со тоа и идентитетот) на насликаниот модел. Во детството ретко кој не им цртал или доцртувал мустаќи на ликовите од фотографиите од старите весници: само со неколку потези со моливот или пенкалото, само со повлекување неколку линии т.е. влакна, за миг излегува сосема нов лик!

Таа миговна метаморфоза ни покажува дека мустаќите не се само „грст влакна над горната усна” или „коса на лицето”, како што неретко се дефинираат. Имено, мустаќите не се само украс на човековото лице. Тие се визуелен знак, симбол, па затоа воопшто не се за потценување кога зборуваме за нивното присуство (или отсуство) во портретната уметност од нејзините почетоци до денес.

Вака д-р Владимир Мартиновски, професор, поет, писател, есеист, раскажувач, теоретичар, книжевен преведувач и одвреме навреме музичар ќе го отвори својот „кураторски“ текст за темата што самиот ја предложил и за изложбата „Мустаќлии“ со која Националната галерија ја прави промоцијата на првото издание на својот проект „Од поинаков дискурс“.

Димитар Андонов Папрадишки, Автопортрет од младоста 1925, масло на картон

Ана Франговска, ко-куратор и кустот во нашата национална институција појаснува дека „Од поинаков дискурс“ е проект којшто го осмислила Националната галерија како еден исчекор во контекст на обработка и ре-обработка на теми поврзани со колекцијата. Вели дека тенденцијата била да се поканат професионалци чија дејност не е тесно врзана со ликовната уметност, не се кустоси, куратори или историчари на уметност туку се занимаваат со сродни области во културата и ќе работат во тесна соработка со стручњаците од Националната галерија на Македонија врз една тема која за нив ќе биде предизвик а инспирирана од самата колекција.

„Идејата беше да се пристапи од поинаков агол, од поинаков дискурс односно да се фрли еден поглед врз теми од колекцијата на подруг начин од оној на кој ние вообичаено би пристапиле како историчари на уметност или како кустоси. Така и се случи со прво поканетиот „куратор“ на овој проект Владимир Мартиновски кој ја избра темата „Мустаќлии“, мошне интересна и специфична поврзана со ноември месецот во којшто се буди свеста за машкото здравје и еден невообичаен контекст на сите мустаќлии којшто се наоѓаат во колекцијата на Националната галерија на Македонија за разлика од оној вообичаен дискурс во кој досега се пристапувало во историјата на уметноста за гледање на жената како муза и вечна инспирација“, смета Франговска.

Никола Мартиновски, Турчин со бела брада, масло на картон 1934 - 1935 година

А, Мартиновски, пак, во својата анализа и со информации дека во текот на XX век, во македонската ликовна уметност се создадени голем број впечатливи портрети на „мустаќлии“, а дел од нив имаат и антологиски дострели. Притоа тој нагласува дека со изборот од педесетина портрети на мажи со мустаќи од богатата колекција на Националната галерија на Македонија, реализирани во различни ликовни техники, изложбата „Мустаќлии“ е убав обид да се предочи и претстави еден интересен збир ликовни дела на едно место и во еден галериски простор.

Затоа истакнува дека од портретите на мажи со мустаќи настанати во втората половина на ХХ век, во изложбата се селектирани десетина дела, меѓу кои има три портрети на сликари со мустаќи: „Портрет на Димитар Пандилов” (1988 ) од Родољуб Анастасов,„Портрет на Василие Поповиќ Цицо“ (1989) од Кочо Фидановски и „Откровение на сликарот Танас Луловски” (1981) од Божидар Дамјановски, како и автопортетот на Петар Стојановод од 1961 година.

Понатаму појаснува дека две селектирани дела се настанати во творечки дијалог со средновековната иконографија: „Климент Охридски” (1956 ) од Димитар Кондовски и „Од циклусот: Тајна вечера” (1989 ) на Ацо Станковски, а ќе забележи и дека „мустаќите се особено инвентивно вклопени и во композициите на сликите „Маска”, (1963 ) од Ванчо Ѓорѓиев и „Мигови на одмор“(1978 ) од Реџаи Исеини и „Тажен портрет” (1983 г.) од Игор Митриќески“.

Василије Поповиќ Цицо, Генадија ( карикатура), темпера на картон 1944 година

Во изборот на портрети на мустаќлии, како што нагласува Мартиновски, се вбројуваат и петнаесетина ликовни дела од богатата колекција, создадени од сликари од поранешните југословенски републики, претежно настанати во последните децении на XIX и во првата половина на ХХ век ( како оние на Новак Радониќ, Данил Константин, Надежда Петровиќ....Божидар Јакац, Богољуб Ивковиќ и други). Конечно, изложбата „Мустаќлии” се заокружува со мала галерија од осум скулптури во кои се портретирани мажи со мустаќи:„Мојот татко” од Зденко Калин, „Сликарот Пенгов” од Борис Калин, делата „Браќата Миладиновци”, „Димитар Миладинов” и „Глава на старец” од Димо Тодоровски, „Глава на Црногорец“ од Риста Стијовиќ, „Чичко Јонче“ од Стефан Несторовски и „Св. Климент“ од Ангеле Нацески.

„Оттука, се надеваме дека преку овој избор на репрезентативни портрети на „мустаќлии“, оваа изложба ни нуди доволно широк увид и пресек во еден значаен сегмент од портретната уметност на ХХ век. Истовремено се надеваме и дека изложените портрети, поставени во една доволно долга и доволно илустративна низа, која би можела да се надополнува во иднина, повикуваат на промислување на низа естетски, семиотички, антрополошки, социолошки, културолошки и родови аспекти на овој феномен“, пишува Владимир Мартиновски.

Инаку, од Националната галерија на Македонија информираат дека проектот продолжува и во иднина и дека секоја година тие ќе канат куратори кои ќе даваат специфични теми врзани со колекцијата и дека веќе за следното издание на „Од поинаков дискурс“ е поканета Искра Гешовска.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG