Достапни линкови

Вториот Фестивал на современ грчки филм и култура – прв поголем чекор во зближувањето на двете земји


Шест играни и документарни остварувања кои ја отсликуваат тамошната продукција во последнава декада и концерт со филмска музика на составот на Фоивос Деливоријас, ја чинат програмата на второто издание на Фестивалот на современ грчки филм и култура што ќе се одржи од 24 до 28 октомври во Скопје.

По две години од филмската ревија, на македонската културна сцена, од 24 до 28 октомври, ќе и се случи вториот Фестивал на современ грчки филм и култура, манифестацијата зад која застанаа Здружението за промовирање на филмската уметност и култура АРТ СИНЕМА и Меѓународниот филмски фестивал КИНЕНОВА, но во случајов и грчката амбасада во Република Северна Македонија со што проектот е издигнат на повисоко, државно ниво. Се разбира, целата акција е помогната од повеќе тамошни компании кои со години успешно работат во нашава земја.

„Целта на овој културен настан е да биде направен прв поголем чекор во однос на зближувањето и запознавањето на двете земји, нашите културни сличности и разлики. Ова е начин да се види како живеат луѓето во Грција, оние од другата страна на границата. Запознаен сум со фактот дека луѓето од Северна Македонија многу често одат на одмор во Грција, но сметам дека тоа е малку за овие две земји да се запознаат и здружат, бидејќи едно е кога туристички ја посетувате земјата, а друго е кога одблизу ќе го видите секојдневниот живот, обичаите и културата“, вели во пресрет на Фестивалот – Константинос Прокакис задолжен за односи со јавност од Амбасадата на Република Грција во нашава земја.

Небојша Јовановиќ од Здружението за промовирање на филмската уметност и култура АРТ СИНЕМА, организаторите на оваа манифестација, истакнува дека годинава иницијативата ја прошируваат, па така покрај филмовите ќе понудат и дел од актуелната грчка музичка продукција.

„Програмата е составена од шест долгометражни играни и документарни филмови од најновата грчка продукција избрани од авторите Димитрис Захос и Христос Каракепелис кои го отсликуваат развојот на грчката кинематографија во последните години. Сите се тематски разнолики, но сепак доминираат теми кои реферираат на актуелната стварност во Грција особено во однос на економската криза која го зафати грчкото општество последнава декада“, појаснува Јовановиќ.

Тој дополнува дека Фестивалот ќе биде отворен овој четврток, на 24 октомври во 20 часот, во киното „Милениум“ со филмот „Витез“, црна комедија на повеќекратно наградуваната грчка режисерка со европска кариера, Атина Цангари која е една од предводниците на новиот грчки филмски бран, тн. „Чуден грчки бран“.
Во наредните денови ќе бидат прикажани „Смак“ на Елијас Деметриу; „Следна станица: Утопија“ на Апостолос Каракасис, „Нејзина работа“ на Никос Лабот, „Неправеден свет“ на Филипос Цитос и „Поликсени“ на Дора Масклавану.
Покрај уникатната можност на едно место да се погледнат повеќе нови одбрани грчки филмови, ексклузивитет на ова издание на Фестивалот на грчки филм и култура е концертот на познатиот грчки музичар и текстописец Фоивос Деливоријас кој со својот бенд во клубот МКЦ ќе изведе посебен перформанс притоа посегајќи по музичките теми од познатите грчки филмови.

Фоивос Деливоријас, еден од најпознатите и најомилени грчки композитори и текстописци. Тој ќе претстави 15 познати песни и мелодии од грчки филмови во исто време раскажувајќи приказни за секој од нив. Станува збор за амблемски песни, кои се дел од Дасиновата „Фаедра“, „Ремпетико“ на Фери, Казановиот „Америка Америка“, „Јастог“ на Лантимос или во старите популарни грчки мјузикли и филмовите на Теодорос Ангелопулос, кои го водат слушателот на имагинарно патување во филмската индустрија, која излегла надвор од границите на Грција. Теодоракис, Чацидакис, Атик, Кипургос, Плесас, Краунакис, Момчето... Една мошне посебна колекција од репрезентативна грчка музика која патем е всушност придонес на овој музичар и текстописец за Грчкиот филмски фестивал и култура 2019 во Скопје, ќе рече Јовановиќ.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG