Достапни линкови

Аницин со изложбата „Личен печат“ патува во Гевгелија


„Личен печат“ е насловена изложбата на академскиот графичар и графички дизајнер Дарко Аницин, што во рамките на годишната програма за култура на локалната самоуправа, од петок 18 октомври се одржува во организација на Пионерскиот дом во Гевгелија

На нецел месец по првото самостојно претставување во Графичкото студио на Музеј на Град Скопје, Дарко Аницин со својата „Личен печат“ патува во Гевгелија. Во градот под Кожуф, во организација на тамошниот Пионерски дом, а како дел од годишната програма за култура на локалната самоуправа, тој ќе изложи 16 акрилни цртежи, групирани во три различни димензии. Дел од делата се самостојни, а дел од нив се групирани во диптих и триптих.

Атанас Ботев, ликовен уметник и раководител на Графичко студио, во текстот посветен на Аницин и на „Личен печат“ појаснува дека при првичната средба со цртежите на Дарко се наметнува впечатокот дека станува збор за отпечатени графички листови што е сосема логично ако се земе во предвид дека тој е графичар по вокација. Затоа, како што забележува, академскиот уметник графичкото искуство го применил и во своите цртежи. Појаснува дека беспрекорно чистите маргини со коишто се „врамени“ цртежите, укажуваат на дисциплинарност и педантност – основен императив за бавење со графика.

Неговиот авторски израз е вкоренет во долгогодишната традиција на апстрактната уметност, поточно акционото сликарство и јапонската калиграфија. Усвојувајќи ја гестуалната сликарска постапка на Франц Клајн (широки црни потези на бела површина) и Џексон Полок (dripping) авторот креира истовремено спонтани и експресивни цртежи во коишто ги проектира своите емоции, активирајќи ги при тоа потсвесните содржини на меморијата и извесни центри во себе во коишто е наталожено сето негово искуство кое што ретроспективно се протега дури до најраното детство – фаза во којашто секое дете низ цртеж го конкретизира своето доживување на светот околу себе. Како и многумина други уметници, Аницин е фасциниран од непосредноста на детските цртежи кои отсекогаш претставувале идеал, ултимативен изблик на чиста, неповторлива креација, пишува Атанас Ботев.

Графичарот, пак, од своја страна вели дека почетната идеја за креација ја наоѓа во цртежите креирани од неговата ќерка. Дека секој цртеж си има свој личен печат, а и сите дела од изложбата се негов личен печат. Од таму и насловот на актуелната самостојна поставка.

„Се обидувам при секое дело, односно секоја инспирација што ја имам од тие цртежи што ги креира ќерка ми, да остане детето во мене. Патем мислам дека и во повеќето од делата се чувствува, се гледа тоа“, смета Аницин.

Роден 1977 година во Скопје, Дарко е академски графичар и дизајнер. Своето образование го стекнал во средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“, па на факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.

Создава графики, цртежи и слики од самите почетоци на своето образование до денес.
Тој има современ, специфичен стил на творење, со истакнати и рафинирани визуелни поентирања, што од прва рака говори за графичарски манир на прецизност, чиста и јасна мисла и длабок квалитет на академски уметнички израз.

Не треба да се заборави и тоа дека во изминатава деценија и половина Аницин својата креативност најчесто ја изразуваше преку ангажмани во областа на графичкиот дизајн, по што несомнено е и најмногу препознатлив пред пошироката домашна јавност.

А, кога сме веќе кај неговото творештво интересно е и тоа што тој по изложбата „Личен печат“, за која патем делата ги работел во текот од Нова година наваму и се плод на 40 дневна активност, веќе работи и на новиот ликовен зафат. „Аворефлексија низ игра“ е авторски проект на Дарко Аницин кој има за цел да собере различни приказни од сите граѓани и граѓанки во однос на тоа како тие лично се преиспитуваат себе. Како го анулираат стресот, како се смируваат и како реагираат на несакани состојби. Од прибраните приказни уметникот планира да создаде акрилни, апстрактни дела и да ги преточи во дизајни.

„Потребата за овој проект потекнува од секојдневието. Сите ние безмалку од час во час се соочуваме со стресот и имаме појави, контакти и бројни стресни ситуации. Јас упатив повик до јавноста и ги замолив луѓето да ми ги пратат своите стории за тоа како тие лично се справуват со стресот. Врз база на нив јас треба да креирам дела. Планирам да одберам 10 до 12 текстови и исто толку дела да создадам. Веќе ги добив првите текстови и од неодамна работам на делата. Има интересни текстови и стории за тоа како луѓето секојдневно се борат со стресовите. Некои од нив, таквите ситуации ми изгледаат толку познато затоа што и самиот сум ги практикувал тие одбранбени механизми. Но има и ситуации кои кога ќе ги прочиташ ти даваат како ти да реагираш понатаму во дадени ситуации. Воедно во делото си давам посебна експресија на делото“, вели Дарко.

Идентично како и во случајот со „Личен печат“ и „Авторефлексија низ игра“, во случајов како интегрален дел од „Новиот културен бран“ на Министерство за култура, ќе биде патувачки проект и освен во Скопје за очекување е да го види и публиката во уште неколку поголеми градови во земјава.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG