Претседателот Ердоган рече дека идниот автопат ќе ги зближи Србија и Босна и ќе го претвори Балканот во попросперитетен регион.
„Во почетокот на 2018 година во Истанбул остваривме средба со мојот драг пријател Вучиќ и господин Изетбеговиќ. Таа средба ја отвори вратата за реализација на овој проект“.
Автопатот е дел од напорите за зајакнување на соработката меѓу поранешните воени непријатели. Затоа, како што оцени Ердоган, е проект кој носи мир.
„Веднаш по таа средба, направивме многу напори за да го реализираме проектот за мир на Балканот“, додаде Ердоган.
Шефик Џаферовиќ, босански член на трипартитното претседателство на Босна и Херцеговина пак оцени дека Турција и со овој проект игра стабилизирачка улога во регионот.
„Им благодарам на Турција и на претседателот Ердоган што препознаа дека можат да му помогнат на овој регион. Република Турција игра важна стабилизирачка улога во целиот овој регион“.
Анкара вети дека со 3 милијарди и 200 милиони долари ќе ја финансира изградбата на автопатот.
Долго време по војната во периодот 1992-1995 година, со околу 100,000 убиени, Босна и Херцеговина останува етнички поделена меѓу Бошњаците и Србите и Хрватите.
Несогласувањата околу односите со НАТО го блокираа формирањето на новата босанска влада една година по општите избори.
Претходно во Белград запрашан за зголемената вклученост на Турција на Балканот, Ердоган изјави дека Турција го поддржува евроатлантскиот правец на регионот и се обидува да им помогне на земјите да ги остават зад себе своите постојни проблеми.
Од 2000 година, Турција е вклучена во голем број регионални иницијативи на Балканот, а нејзината трговија со земјите од Западен Балкан постојано се зголемува.
Овој тренд беше делумно поттикнат од разочарувањето во регионот со ЕУ поради неподготвеноста поактивно да работи на проширувањето на блокот, дозволувајќи им на Турција и Русија да го зголемат своето влијание во регионот.