Достапни линкови

Шопов: Со „фиќото“ го тркаламе нашето културно партизанство


Сакаме да правиме некакви интервенции во јавен простор којшто е бомбардиран со се* и сешто во последно време освен со уметност, ќе рече писателот Иван Шопов, кој заедно со уметникот Владимир Лукаш го формираа КЦ 750 како мобилен концепт.

По нецели 40-на дена од промотивниот настан „КЦ 750: турни ме да кинисам“ на кој беше претставен проектот на Иван Шопов и Владимир Лукаш, или „приказната за едно фиќо што кога ќе порасне сака да стане културен центар“, Скопје добива мобилна „институција“ која со секој свој диверзантски потег му дава поинаков смисол на овдешното честопати еднолично културно пулсирање. Ако ништо друго го крепи духот на оние кои сеуште наивно веруваат дека можеби културата може да го спаси или барем залечи од турбо-политичките атаци овој столчен град. Ете затоа, колку и да се навидум „мали“ како зафати актуелната изложба на постери на Наталија Лукомска „Каде читаш?“ ( која јасно става до знаење дека нема лошо место и време за читање), скулптурната инсталација „Управило и наследството на Мурто“ на вајарот и член на СВИРАЧИЊА – Љубиша Камењаров и изложбата на дигитални колажи на уметницата Марија Смилевска ( сите одржани на плоштадот во Автокоманда и кај „авиончето“ во Аеродром), се всушност големи по искреноста на идејата што ја пласираат и со која се обидуваат и не само да ја размрдаат јавноста туку и да предизвикаат и одредено промислување на моментот кој го живееме овде и сега.

Од изложбата на Марија Смилевска

Конечно со нив и на крилјата на интеракцијата слободно можеме да речеме дека КЦ 750, зад која како двигатели и „возачи или поточно механичари кои ќе се справуваат со итроштините на култното фиќо“ стојат писателот Иван Шопов и неговиот колега и мултимедијален артист Владимир Лукаш, е дефинитивно мал мобилен културен центар чија идеја е развивање и поттикнување нови модели на искористување на јавниот простор за културни намени. Проект за кој секоја банка од Министерството за култура е оправдана и кој тркалајќи се или движејќи се со туркање преку „мобилниот концепт ќе се обиде на неконвенционален начин не само да го надополни недостигот на независни културни простори и точки во Скопје, туку и да понуди децентрализирачки“.

„Се споија да речам два мотива. Првиот е нашата фасцинација од овој култен автомобил „фиќото“ или „Застава 750“, автомобил кој одбележа една цела епоха ама сигурно исчезнува од скопските улици, вистинска реткост е да се сретне некој денес во возна состојба, а освен тоа причината е интимна, не само дека во една културолошка смисла ја одбележа епохата, туку го одбележа и моето детство и рана адолесценција. Сакаме да правиме некакви интервенции во јавен простор којшто е бомбардиран со се* и сешто во последно време освен со уметност. Или многу ретко со уметност. Така некако на некој чуден начин се споија тие две идеи и решивме да го формираме КЦ 750. Нормално она КЦ е со извесна доза хумор и иронија. На шега велевме дека и самото „фиќо“ е еден вид уметност затоа што толку често има потфрлано во својот практичен и утилитарен дел што мора да се работи за некаков уметнички концепт“, вели Иван Шопов.

Екипата на поставката на Љубиша Камењаров

Тој појаснува дека идејата тргнала проблематично. Прво требало да се најде солиден примерок од Застава 750 за кој не требало да се истура брдо пари и тој да се постави на тркала и да се придвижува, оти тие од почетокот ветиле дека ќе бидат „мобилни“. Потоа сакале или не морале да му се посветат на средувањето на тој „малку посолиден примерок“ кој малку малку знаел да им приреди изненадување, меѓутоа сите мали стресови кој ги добивале со возилото вели дека се надоместуваат со позитивните реакции на луѓето кои доаѓаат во допир со поставките на КЦ 750.

Шопов и со констатација дека дефинитивно постои и оној момент на носталгија во прв ред за некое исчезнато време, меѓутоа просто тоа не е лелекање за времето кое исчезнало и за детството кое веќе не е тука. Дополнува дека „фиќото“ на некој чуден начин го поврзуваат со џентлеменство и некакво покротко и попитомо однесување во јавниот простор, кое не го сведочат денес.

„Денес сме сведоци на буквално силување на јавниот простор, а „фиќото“ ако ништо друго нема ни технички можности да се однесува силеџиски и агресивно ако веќе бараме тука некоја симболика. Културно партизанство, да секако. Идејата ни беше, меѓу другото, да создадеме таков концепт кој ќе овозможи со прилично малку ресурси да се создадат, ајде да не претерувам значајни уметнички резултати, но барем интересни и необични. Мислам дека реакциите со кои се соочуваме во првиве настани сведочат за тоа. Има некаков икс фактор тоа автомобилче кое привлекува луѓе и едноставно шири позитивна енергија. Тоа е уште една причина поради која се одлучивме на тој начин да го тркаламе нашето културно партизанство“, ќе рече писателот.

Во овој контекст тој и со објаснување дека идејата е прилично децентралистичка. Дека тргнале од тоа што безмалку целата културна понуда е сконцентрирана во Скопје, а и во самиот град се е сведено во неговото централно подрачје.

„За почеток планираме колку што можеме да го промениме тоа со мали културни настани надвор од центарот на Скопје. Се разбира нема секогаш да го игнорираме тој дел на градот, но идејата е што повеќе да се случуваат нештата во други населби како што беше тоа во Автокоманда или во Аеродром. Исто така планираме некои мали излети во парк шумата во Гази Баба каде што ќе правиме некакви работилници за литература, поточно за краток расказ, меѓутоа ако ни дозволи „инфраструктурата“, ако доволно го оспособиме возилото, би сакале да скокнеме и да правиме некои работи и во другите градови. Па дури и во Радишани кај Лукаш. А, верувајте има иницијативи од повеќе страни. Ни приоѓаат луѓе и сугерираат одредени проекти. Една глумица од Србија, Валентина Бактијаревиќ подготвува една монодрама која би се извела со помош на КЦ750, а исто така се јавуваат и ликовни уметници кои сакаат да прават разни работи – некакви минималистички изложби и интервенции со КЦ 750, покрај Камењаров тука се и Филип Велковски, Ѓорѓе Јовановиќ. Ова е почетна фаза и сигурно соработката ќе се шири и разгранува кон повеќе области, а во игра се и мали концерти“, информира Иван Шопов.

СВИРАЧИЊА на промоцијата на КЦ 750 - „Турни ме да кинисам!“

Инаку, промовирањето на КЦ 750 беше следено со објавување на една мала книгичка, или како што вели авторот „упатство“, насловена како „8 наративни прошетки со фиќо или што научив за пишувањето од Застава 750“, каде Шопов пишува „Пишувањето е како возење со фиќо – знаете каде тргнувате, знаете каде сакате да стигнете и во колку часот, но тоа воопшто не значи дека навистина ќе стигнете таму, или барем не по патот и во времето во кое сте планирале да стигнете. Па сепак, го ставате клучот во бравата, свртувате и...

И, кога ова го спомнуваме во однос на пишувањето само да потсетиме дека Иван Шопов, покрај преводите, во последно време се обидува да го доврши започнатиот роман „Паника во музејот“, а паралелно работи и на комплетирањето на книгата „Изгубените чевли на Скопје“ со мини приказни за градот. Згора на тоа тој е добитник на тримесечна стипендија на фестивалот во Виленица, Словенија, која им се доделува на автори до 35 години од Југоисточна Европа.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG