Достапни линкови

Училишта без првачиња


Илустрација

По повеќе од 6 децении, неколку села по долината на реката Радика во регионот на Долна Река останаа без првачиња. Младите се иселуваат, а децата или се раѓаат или образованието го продолжуваат во странство.

Масовната миграција на младата популација од општините Маврово- Ростуше и Дебар си го зема својот данок. По повеќе од 6 децении, неколку села по долината на реката Радика во регионот на Долна Река останаа без првачиња. Во другите села од овој регион, а посебно во општината Маврово-Ростуше, има рапидно намалување на бројот на првачињата и другите ученици.

„Подрачното училиште во селото Велебрдо, кое е во склоп на централното училиште во Ростуше, работи од 1947 година и за прв пат нема првачиња. Но, податоците велат дека нема да има првачиња и во текот на наредната учебна година. Со транзицијата сите фабрики во регионов се затворија и младите нема со што да опстанат. Со отворањето на границите во Западна Европа сите млади си заминаа“, истакнува директорот на основното општинско училиште „Ѓорѓија Пулевски“ во Ростуше, Адем Сулејманоски.

Слична е и состојбата во централното основно училиште „Ристе Ристевски“ во село Долно Косоврасти и подрачните училишта во селата Могорче и Горно Косоврасти, објаснува директорот Шанија Ајровски.

„Во подрачното училиште во селото Горно Косоврасти има пет ученици во прво одделение, во Долно Косоврасти 12 првачиња, додека во селото Могорче има 36 првачиња во две паралелки“, вели тој.

РСЕ: Во Горно Косоврасти има рапидно намалување на првачињата?

„Има рапидно намалување по прв пат. Не паметиме низа години ваков пад на број на првачиња во ова село. Ова е поради иселувањето на младите брачни парови, кои немаат работа, перспективата ја бараат во странство, а со себе ги земаат и децата. Ние сме соочени со постојано барање на исписници на учениците поради заминување во странство, каде што децата го продолжуваат школувањето“, вели директорот Ајроски.

Според официјални информации на образовните институции во регионот, осипувањето на учениците во училиштата во двете општини, односно Дебар и Маврово-Ростуше во споредба со бројот на учениците од пред две декади е над 60 отсто.

  • 16x9 Image

    Кенан Мимидиновски

    Кенан Мимидиновски, роден 1954 во Дебар. Завршил Правен факултет во Скопје, а со новинарство професионално се занимава 30 години. Најпрвин во Радио Дебар како новинар, а подоцна 12 години и како главен и одговорен уредник . Дописник на Радио Слободна Европа од Дебар е од 2001 година.

XS
SM
MD
LG