Достапни линкови

Шпионска афера меѓу Бугарија и Русија


Лидер на бугарска НВО руски шпион?
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:16 0:00

Лидер на бугарска НВО руски шпион?

Во Бугарија е обвинет претседател на една невладина организација за тоа дека шпионирал за Русија, односно дека наводно давал информации со цел земјата да ја смени нејзината прозападна ориентација.

Заменик главниот обвинител Иван Гешев изјави дека Николај Малинов, претседател на Националното движење Русофили бил обвинет за тоа што „се ставил во служба на странски организации за да работи како шпион“.

Доколку биде прогласен за виновен тој би можел да добие казна од 15 години затвор.

Малинов е пуштен од притвор, но му е забрането да ја напушти земјата.

Гешев наведе дека обвинителите пронашле документ подготвен од Малинов, а во кој се наведуваат потребните чекори за целосно да се смени геополитичката ореинтација на Бугарија, односно одалечување од Западот и приближување кон Русија.

Малинов постојано повторува дека е против Бугарија во НАТО:

„Ние сме категорично против користењето на бугарските воени бази од страна на САД“.

Бугарскиот претседател Румен Радев изјави дека обвинувањата против Малинов се многу сериозни, но додаде дека се неопходни неспорни докази дека тој тоа и го направил.

Обвинувањата против Малинов уследија по дипломатската караница меѓу Софија и Москва поттикната од изложбата што руската амбасада во Софија ја отвори во минатата недела за да ја одбележи, како што се наведува „75 годишнината од ослободувањето на источна Европа од нацизмот“.

На отворањето рускиот амбасадор во Софија Анатолиј Макаров изјави:

„Но, само еден поглед на тие фотографии кои покажуваат радосни Бугари е доволен за да се види дека маршот на руската армија бил долгоочекуван и спасувачки“.

Во невообичаеното остро соопштение на бугарското министерство за надворешни работи и се порачува на руската амбасада да не го поддржува „спорното“ историско тврдење дека Бугарија ја ослободиле советските сили во 1944 година.

„Бајонетите на советската војска им донесоа на народите на централна и источна Европа половина век на репресија, задушување на граѓанската свест, деформиран економски развој и одвојување од развиените европски земји“, напиша во нотата бугарското министерство за надворешни работи.

Оваа декларација беше поддржана и од учесниците на протестот против руската изложба.

Еден од нив е и Ангел Златков:

„Декларацијата беше нешто, што требаше да се случи многу одамна и да се каже вистината во врска со настаните, што се случија во 1944 година, дека Бугарија била окупирана и историјата била препишана од Советскиот сојуз и неговите слуги во Бугарија“.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG