Достапни линкови

Вулгарниот говор на политичарите создава нетолерантно општество


Архивска фотографија- Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ

Јавноста излезе со реакции за изјавата на портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ во кој за новата министерка за финансии го употреби зборот групировка. Претходно реакции предизвика терминот „педер“ кој го употреби премиерот. Ова ги охрабрува партиските поддржувачи се повеќе и тие да навредуваат, велат упатените.

Групировка како прекар за новата министерка за финансии, џирло девојка како опис на нејзината улога во Владата- со вакви епитети портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски се обиде да ја квалификува прес-конференцијата на премиерот Зоран Заев на која за првпат зборуваше и министерката Нина Ангеловска.

„Излезе Заев со Нина Групировка за да си го претстави Ребалансот.
Таа тргна барем да одговори прашање; тој го презеде микрофонот!
Сега е јасно дека со финансии министерува Заев, а Нина е Џирло Девојка- презентерка за владините Светлечки Јојоа и Стомак елиминатори. Ова е комплетно киднапирање на институции!“, напиша Стоилковски на својот профила на социјалната мрежа Фејсбук.

Ова веднаш предизвика реакции во јавноста. Шовинистички, сексистички и потценувачки однос кон жените, мизогинија се најчестите коментари кои може да се видат.

Кога еден претставник на политичка партија ќе употреби потценувачки говор кон жените, кон различностите, тоа претпоставува дека ќе има сериозна реакција кај партиските поддржувачи, вели Жанета Трајкоска од Институтот за комуникациски студии.

Коментирајќи го статусот на Стоилковски таа вели дека кога таков тип на потценувачка и полна со омраза изјава кон политичкиот опонент доаѓа од гласноговорник на партија може да се подразбира дека е став и на целата партија.

„Сите тие поддржувачи кои се идентификуваат со лидерот на партијата, портпаролот, односно со самата политичка партија, добиваат зголемена моќ да можат се повеќе да навредуваат бидејќи ако лидерот тоа го прави, ако портпаролот тоа го прави, ако тој што секој ден го гледаме на телевизија навредува, зошто тогаш еден обичен граѓанин тоа да не го прави“, вели Трајкоска.

Навредите- мода на политичката сцена

Таа додава дека тој таканаречен феномен на снежна топка се зголемува и така општеството станува дел не од современите демократски толерантни општества, туку непријателско кон се што е различно.

И додека јавноста сега жестоко реагира на изјавата на Стоилковски, минатиот месец слични реакции предизвика употребата на зборот педер од премиерот Зоран Заев.

Одговорајќи на прашања за актуелниот случај „Рекет“ тој рече дека нема да дозволел „неколку криминалци, еден суетен новинар и да ми извини ЛГБТ заедницата, еден педер, да ја симнат оваа Влада од власт“. И по ова следуваа силни реакции и осуди, а изјавата беше толкувана како скандалозната, недолична , хомофобична, непримерна.

Стандардот во политичкиот живот е намален, вели политичкиот аналитичар Алберт Муслиу.

„На политичарите таков начин на изразување им поминува кај средните и повозрасните генерации и не се казнува од граѓаните, но мислам дека ефектот кај помладите генерации, кои се поглобално поврзани е негативен“, вели Муслиу.

Дискриминацијата на ЛГБТИ честа

Инаку навредите на македонската политичка сцена не се нови. Поранешниот премиер, сега азилант во Унгарија, Никола Груевски луѓето кои се залагаа за поголеми права на ЛГБТИ заедницата ги нарекуваше промотори на искривоколчени вредности, а на последниот партиски конгрес на кој тој замина од претседателската позиција во ВМРО-ДПМНЕ, а беше избран Христијан Мицкоски исто така даде изјава која се оцени како сексистичка.

Зборувајќи за тогашните преговори за спорот за името со Грција тој ги спореди позициите на и сега актуелниот министер за надворешни работи Никола Димитров со ситуација во која „студент во студентски дом влегува во собата на неговата колешка која е целосно соблечена и му вели- се надевам дека ќе ја препознаете новата можност“.

„Ова само ја покажува политичката култура на нашата елита и за жал воспитувањето и образованиeто, културата на однесување и современоста на еден човек“, вели Трајкоска.

Покрај ваквите изјави во последнава декада често се употребуваат и недолични зборови, како на пример на актуелниот премиер Зоран Заев кој на пратеникот Влатко Ѓорчев минатата недела на седницата за пратенички прашања му рече да не „паламуди“ или, пак, на Груевски кој кога беше премиер првиот опозицонер го нарекуваше„црпнат експонент“.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG