Достапни линкови

Французинот Рено Рулман со „Време е за чај“ во галерија ОСТЕН


Францускиот мултимедијален уметник Рено Рулман.

„Време е за чај“ е насловена самостојната изложба на графики – цијанотипии на францускиот мултимедијален уметник Рено Рулман, што во рамките на претстојното „Остен биенале на цртеж Скопје 2020“, од 3 до 9 септември се одржува во галерија Остен.

По поставките на Ева Францова, Ахмет Албарак... одржани во текот на изминативе неколку месеци, во рамките на претстојното „Остен биенале на цртеж Скопје 2020“, во галерија ОСТЕН, од 3 до 9 септември, ќе биде претставен и францускиот мултимедијален уметник Рено Рулман. Неговата изложба на графики – цијанотипии е насловена „Време е за чај“ и практично е убав показ за вкрстувањето на неколку творечки дисциплини – сликарство, фотографија и геометрија.

Всушност Рулман на македонската ликовна публика ќе и претстави серија од 30 цијанотипии, односно дела кои се продукт на специфичниот фотографски графички процес со кој се продуцираат цијано-сини графики. Или, поточно тој прави омаж на оваа техника која датира од далечната 1842 година преку кој сака да претстави како може да се направат копии од растенија како хербариум.

Згора на ова, Рулман отварањата на своите изложби ги користи и за музички перформанс на кој како што истакнува „генерира музика од растенијата, всушност од цвеќињата“. Во случајов за тоа посега по цвеќињата кои растат во нашата земја, така „сензибилирајќи ја комуникацијата со вегетацијата“ и креирајќи нова невообичаена звуковност.

„За мене посегањето по фотографијата и по ликовните техники, па ако сакате и по музиката, има една и единствена цел – да се освести цивилизацијата и да ја сочуваме природата. Од таму јас користам одредени творечки техники кои едноставно ми овозможуваат да креирам еден вид на хербариуми и да документирам дел од ова наша стварност за некои идни видувања“, вели Рено Рулман.

Графика од Рено Рулман.
Графика од Рено Рулман.

Роден во Ним, Јужна Франција, во 1982 година Рено Рулман и припаѓа на генерацијата на тамошни мултимедијални уметници кои и се вртат на природата како извор на инспирација. Тој за себе истакнува дека со аналогна фотографија се бави од 2008 година и дека „има специјализирано музичка фотографија и архитектура“.

Во текот на изминатата декада Рулман соработувал со неколкумина музичари, брендови и простори во музичката индустрија и паралелно соработувал со градители и креатори на стара органска архитектура.

Генерално во процесот на работа тој користи стара техника на црно-бели филмови со Хазелблад (Hasselblad) и Контакс (Contax) фото-апарати и е посветен на создавање на цијанотипии со кои создава архива на растенија со кои ја зачувува убавината на природата.
Покрај тоа од 1998 година го развива и проектот „Звуците на природата“ со кој преку звук се сензибилизира комуникацијата со вегетацијата. Како што нагласува, така создава хербален звук со поврзување на растенија во живо, за да ги прикаже и валоризира нивните терапевтски и медицински можности.

Портрет на францускиот мултимедијален уметник Рено Рулман.
Портрет на францускиот мултимедијален уметник Рено Рулман.

Говорејќи за актуелната поставка од претставувањето на уметниците во пресрет на новото издание на „Остен биенале на цртеж Скопје 2020“, Корнелија Конеска, уредник во ОСТЕН, нагласува дека поставката сама по себе е интересна од неколку аспекти.

„Многу е интересно тоа што Рено сака да ја воспостави комуникацијата меѓу луѓето и растенијата, вегетацијата. Едновремено потсетувајќи не дека со оваа изложба и посебно со музичкиот перформанс се стреми кон тоа да не натера да и се вратиме на природата. Од друга страна на овој начин ОСТЕН уште еднаш ни прикажува дека уметноста и изразувањето на уметниците немаат граници и дека тоа е поврзано како меѓу самите творци и самите техники исто така и со природата“, ќе рече Конеска.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG