До ова дојде откако Кина ги стопира набавките на американски земјоделски производи и ја собори вредноста на јуанот на најниско ниво во однос на доларот во последните 11 години.
Овие потези следуваа по твитовите на претседателот Доналд Трамп во минатата недела со кои се закани со дополнителни тарифи за кинеска стока во вредност од околу 300 милијарди долари, што всушност е целиот кинески извоз во Соединетите држави.
Сет Сутел, финансиски експерт на агенцијата Асошитед прес вели дека слабиот јуан им одговора на кинеските производители:
„Поевтината валута ќе помогне да се компензира дел од ефектот на овие тарифи. Со тоа што ќе се направи поевтино да се купи истата стока од Кина, бидејќи валутата е поевтина, може да се компензира трошокот што доаѓа од играта со тарифите“.
Трамп на Твитер ја осуди Кина дека манипулира со нејзината валута.
„Кина ја намали цената на нејзината валута на скоро историско ниво. Тоа се нарекува „валутна манипулација“. Дали слушате Федерални резерви? Ова е големо нарушување што ќе ја ослабне Кина со тек на време“, напиша Трамп.
Експертите пак страхуваат дека Кина и натаму би можела да ја користи валутата како оружје во трговската војна со САД.
Финансискиот аналитичар Оливер Пурш вели дека со овој најнов потег Кина му порачува на Трамп оти ја минал црвената линија.
Сепак, тој ја остава отворена можноста Трамп да ја преразгледа својата одлука за дополнителните тарифи.
„Една од работите што ја научивме во минатата година ипол или две е дека претседателот Трамп е непредвидлив и има можност да ги врати луѓето на маса многу, многу брзо. Значи, којзнае“.
Како и да е, последниот потег на Пекинг во трговската војна меѓу најголемите светски економии дополнително ја затемни сликата за глобалната економија, која и онака во последно време покажува знаци на опаѓање.