Достапни линкови

Политиката поинтересна од секојдневните проблеми


Мечкин Камен

Повиците за помирување на Илинден предизвикале многу коментари. Читатели на РСЕ не се согласуваат за ваквите повици, според нив - Нема помирување. Други пак, велат дека ништо од сложувањето сè додека се докажува која партија е подобра.

И од небо се забележува: нашите луѓе повеќе „паѓаат“ на политика отколку на секојдневните проблеми, поконкретно на проблемите од неводењето сметка за животната околина. Тоа дека за Европа ѓубрето е ресурс, а дека Македонија не може да го собере по улици, на нашата ФБ страница има само еден коментар – Драган Цветковиќ со иронија напишал: „Е, после ќе кажат дека сме немале ресурси и дека не можеме да бидеме богата држава, па кај нас ѓубрето расте побрзо од печурките по дожд“.

Но, затоа за прославата на 2 Август – Илинден коментари колку ти душа сака. На ФБ страницата на РСЕ доминираат постовите на противниците на пораките за внатрешно помирување. Славче Тасиќ извикува: „Овие предавници не припаѓаат тука!“, а Дејан Македонски Змејко порачува: „Нема помирување додека се понижува народот македонски во сопствената држава...“ Гоце Цекоски вели: „Со предавници помирување никогаш“. Тони Георгиев има свое видување за илинденските повици за помирување и за негативните коментари на сограѓаните: „Никогаш не сме биле сложни, ниту ќе бидеме сè додека се напаѓаме едни со други и докажуваме која партија е подобра, а сите за жал се исти... Освестете се“.

Дали во Крушево се скандирало „Северна, северна“, како што обвинува ВМРО-ДПМНЕ, или тоа било монтирана снимка од митингот, како што реагира СДСМ? Љупчо Атанасовски повикува народот да се освестел и да не се продавал за „капи и сендвичи. Вашите лидери се продаваат за милиони... Крајот им се гледа“, коментира Атанасовски. Спротивно мислење има Симе Христоски: „Цело Крушево беше презадоволно што немаше хулигани што урлаа и што немаше бараби со бради пуштени како попови и на глава ставени беретки со лавови...“, како што напишал, „оваа година имаше културен и цивилизиран народ“. Има и коментари за тоа што РСЕ информира за настаните, она што е професионална должност на секоја новинарска куќа: Славчо Буџакокоски, на пример, нè нарекува „северџанска редакција на РСЕ“ и „забегани сте заедно со вашите“, а Никола Грозданов пишува: „РСЕ или втор официјален сајт на СДС!“ Владимир Македонски Јакимов со свое видување: „Северџаните си викаа северна, Македонците никогаш северна, само Македонија... Мислам дека на пописот треба на северџаните да им се овозможи да се попишат“. Зборовите на премиерот Заев дека „во секое семејство има по еден партизан и еден комита“, Аце Стојаноски ги дополнил: „И по еден предавник“. Кире Велјановски контра: „Фала Богу, се откачивме од тоа лажните патриоти дпмнeовски. Само напред во демократско европско општество и нема назад!“

И вообичаено, кога нашите информации се за некој од првите луѓе на владејачката или на опозициската партија, активни се противниците. „Илинден е наша должност“, рече во говорот на прославата во струшкото село Ташмаруништа, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, а Салмир Несимоски порачува: „Илинден не се чека во Ташмануришта“, а, пак, Стевче Стојановски коментира: „Не присвојувајте нешто што нема допирна точка со вас. Каква врска има ВМРО-ДПМНЕ со илинденците, со лажен патриотизам добивате гласови, користејќи ја неписменоста на македонскиот народ“.

Покрај прославата на Илинден, информации за трагични последици од употреба на оружје. Кај нас на свадби, во Америка со умисла. Го издвојуваме постот на Силвестер Ќосев за трагичниот викенд во неколку американски држави: „А како, кога секој може да си купи оружје, чиниш сендвич си купува“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG