Достапни линкови

Кога лекот е евтин условите во бањата не се пречка


Билетот за бањата Стрновац во Старо Нагоричане е 50 денари и е поволен и за оние кои не можат да заминат на некоја поскапа дестинација. Во отсуство на лекар балнеолог, како и потврдени стручни испитувања лековитоста на водата се пренесува од искуство на оние кои тука го нашле најевтиниот лек и кои потоа со години доаѓаат.

И летово геотермалниот извор во селото Стрновац, oпштина Старо Нагоричане ги привлекува и поранешните, а и нови бањски капачи, од Кумановско, но и од други градови, а не ретко тука дел од годишниот одмор го минуваат и наши иселеници. Билетот од 50 денари е поволен и за оние кои не можат да заминат на некоја поскапа дестинација. Геотермалниот извор со температура од 39,5 степени Целзиусови, во непосредна близина на реката Пчиња велат дека е лековит, а помага и за релаксација и опуштање.

Во отсуство на лекар балнеолог, како и потврдени стручни испитувања лековитоста на водата се пренесува од искуство на оние кои тука го нашле најевтиниот лек и кои потоа со години доаѓаат. Непознато е кога, но се споменува дека единствени анализи на водата биле правени во Белград (Р. Србија), според кои е познато дека водата е од категоријата на натриум-хидрокарбонатно-флуоридно силициумско термални води. Тоа пак е благотворно за ревматски заболувања, состојби по повреди, по корективни ортопедски зафати, при заболувања на периферни артериски садови, повреди на периферни нерви и инфицирани заболувања. По составот и температурата на водата таа се споредува со Бујановачка Бања во Србија.

„Оваа вода пред сè има голема содржина на сулфур диоксид, а тој пак според медицината е делотворен при зацелување рани. Тука во близина сум повеќе од 20 години и луѓето кои се капеле тука со таков проблем го потврдувале ова. До сега не е потврдено од каде извира оваа вода и дали има врска со некоја од српските бањи“, вели кумановецот Томислав.

„Мојот сопруг доаѓа тука шест-седум години секое лето. Има проблеми со реума и се чувствува подобро. Тој прави по две бањи дневно“, вели Владанка од Куманово.

Браќата Камбери, исто така од Куманово, велат дека имаат проблеми со реума и лекот го побарале во најблиската бања.

„Сум слушнал од луѓе дека оваа вода е најдобра за реума. Една недела ќе доаѓаме.“

РСЕ: Кој ви препорача да дојдете?

„Многумина, пријатели, роднини. За реума и за рбетот, велат дека и за тоа е добро. Консултирав и лекар и тој ми рече дека е добро.“

Бањските капачи главно по цел ден остануваат во близина на изворот за да направат по две бањи, а упатените велат дека од високите температури бегаат под дебела сенка, што пак не коинцидира со делотворноста на водата.

Инаку, жителите од селото Стрновац и од околината во изворот се капат преку цела година, дури и зиме кога температурите на воздухот се ниски, а не ретко има и ноќни капачи. Голем дел од нив сметаат дека водата го ревитализира организмот и го подмладува.

Овој геотермален извор со многу предиспозиции да стане голема туристичка атракција, децении наназад е познат како дива бања. Сместен е покрај реката Пчиња, среде бујна вегетација на козјачко-пчињскиот регион, на 15-ина километри од Куманово, по регионален асфалтен пат за Крива Паланка, а на само три километри од селото Старо Нагоричане. Локалната самоуправа освен што колку-толку ја одржува околината на бањата, ниту има средства, ниту пак има ингеренции да направи нешто повеќе.

„Општината ги одржува и чисти базенот и околината, обезбедува осветлување и трисменско работно време, цената на билетот е симболична, а за жителите на нашата општина е бесплатно. Тие се и најбројни. Бањата е под ингеренции на Министерството за економија, а нашата надлежност е лимитирана“, вели Жаклина Јовановска градоначалничка на Старо Нагоричане.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG