Достапни линкови

Паркинзите во Битола издавани колку за една кирија на Широк Сокак


Паркинг простор во Битола.

Општина Битола концесијата за паркинзи на поранешниот концесионер му ја дала за 2000 евра, колку што, на пример, чини месечна кирија на дуќан на Широк Сокак. Сега со паркинзите ќе управува Општината. Опозицијата критикува дека и новото претпријатие нема да го реши сообраќајниот метеж.

За 2000 евра, колку што чини месечна кирија за дуќан на Широк Сокак, претходната локална власт пред шест години му ги дала јавните површини во градот на довчерашниот концесионер за паркинзи, рече претседателот на Советот Валентин Груевски за време на расправата за паркинзите во Битола. За разлика од минатите години кога со градските паркинзи управуваше приватна компанија, сега Општината формира Јавно претпријатие кое ќе стопанисува со паркиралиштата, а средствата ќе се влеваат во општинската каса.

„Општина Битола концесијата на поранешниот концесионер за паркинзи му ја имаше дадено за 2000 евра. Тој што досега стопанисуваше со паркинзите на Општина Битола, требаше да ѝ плаќа 2000 евра. Тоа е кирија за дуќан на Широк Сокак. Цела Битола е дадена за 2000 евра, кои по судски постапки се намалија и останаа околу 1500 евра, концесиски надомест кој мислам и дека нередовно е плаќан. Од „одговорното“ работење имавме 1500 евра месечно во касата на општина Битола, кирија за паркинзите“, рече Груевски.

Советниците од опозицијата критикуваа дека со новото јавно претпријатие нема да се реши проблемот со сообраќајниот метеж, зашто не се предвидени нови места за паркирање.

„Бројот на паркинг местата ќе биде ист. На нашето прашање дали ќе има катни гаражи ни беше кажано дека тоа е голема работа за новото претпријатие. Во Битола во 2018 година имало регистрирани 22 800 автомобили, а паркинг меса предвидени исто како и претходно 1968, од кои 272 се затворени 1678 отворени. Голем дел од сопствениците на возилата живеат во зона А и Б и ќе треба да си купат повластена карта и да паркираат пред куќа. Требаше начинот на работа да се менува, а не да останеме на старите сообраќајни решенија и анализа“, рече Габриела Илиевска од Поинаку.

Директорот на Јавното претпријатие за паркинзи Зоран Дојчиновски вели дека за скоро ќе започнат соработа веднаш по завршување на тендерските постапки за набавка на опрема, а во меѓувреме ќе течат и огласите за вработување. Се очекува до крајот на месецот да профункционира наплатата на градските паркинзи, а во овој вакум период паркирањето низ Битола е бесплатно.

„Ние ќе дадеме квалитетни цени за квалитетлни услуги. Ние ќе дадеме предлог за изработка на нова студија со нов сообраќаен режим знаеме дека ситуацијата во 2013 кога се дало под концесионерство и 2019 година не е иста. Имаме енормно зголемен број на возила. Бројот на паркинг места е тој. Но, ние ќе се потрудиме голем дел од проблемите посебно во колективните станбени објекти да ги решиме“, рече Дојчиновски.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG