Достапни линкови

Копанки и ова лето без гости, но и натаму жешка тема за препукувања


Планинарски дом „Копанки“

Планинарскиот дом Копанки, со одлука на Општината сега е во сопственост на државата, наместо како досега на планинарскиот клуб Пелистер. Домот изгоре пред шест години, но обновата тече бавно.

Обновата на планинарскиот дом Копанки на Пелистер и летово ја бранува Битола. Деновиве Општината донесе решение со кое му ја одзеде сопственоста на Планинарско-спортскиот клуб „Пелистер“ врз домот и ѝ ја пренесе на државата. Со тоа за делумно ништовно го прогласи решението до 2016 година кога претходната локална власт домот му го даде на ПСК „Пелистер“.

Надлежните велат дека домот кој до 1991 година ѝ припаѓал на државата бил незаконски приграбен.

„Јавноста треба да знае, здружението ПСК Пелистер има извршено незаконско приграбување на сопственоста на планинарскиот дом Копанки на 10.11.2016 преку негово впишување како таков во Агенцијата на катастар и недвижности. Ова е во директна спротивставеност со членовите 105 и 106 од Законот за утврдување на правен статус. Согласно овие членови Здружение на граѓани не може да биде сопственик на имот кој до 1991 година и припаѓал на државата, односно планинарскиот дом Копанки бил и морал да остане во државна сопственост. Здружение на граѓани може да биде само закупец на овој имот“, изјави координаторот на советниците од СДСМ, Методија Илиевски.

Обновата на домот беше едно од предизборните ветувања на сегашната локална власт. Во изминатите две години имаше преговори меѓу општината и планинарите и неколку предлози како да се обнови. Еден од нив беше да се префрли сопственоста на општината зашто тие не можат да обноват објект каде друго правно лице е стопроцентен сопственик. Но, планинарите тогаш кажаа дека домот не го даваат и дека на општината не треба да ѝ биде проблем сопственоста за да помогни во обновата. По ова, почнаа со волонтерски акции да носат градежни материјали и да обновуваат дел по дел. Но, обновата тече бавно.

Откако деновиве им беше одземена сопственоста излегоа со соопштение во кое велат дека на општинските раководства им ја пренеле сопственоста на домот бидејќи не верувале дека ќе го управуваат подобро од планинарите.

„Се сомневаме дека политичарите ќе го продадат преку разни прикриени форми, за што се умешни, и домот ќе стане комерцијален објект во кој планинарите ќе немаат пристап. Не сме фиктивно здружение туку здружение со 84 - годишна традиција и ќе го обновиме етапно, како што можеме, како и нашите претходници, но со цело срце и душа“, напишаа од ПСК „Пелистер“.

Претседателот на Советот, Валентин Груевски ги демантира обвинувањата и рече дека Општината ќе го обнови и ќе остане планинарски дом.

„Копанки во овој момент е приватизиран, ние немаме намера да го приватизираме. Имаме намера брзо да го изградиме и да остане планинарски дом. Имаме намера веднаш по завршувањето на целата постапка да го побараме од државата, да стане општински имот. И имаме намера цените во него да бидат пристојни и достапни за сите граѓани“, вели Груевски.

Доколку ПСК „Пелистер“ поднесе жалба на решението со кое му е одземен домот, одговор ќе треба да добие од Министерство за транспорт и врски. Доколку не се задоволни со него, ќе можат да поднесат тужба на суд, но тоа нема да го одлага извршувањето на решението, објаснуваат надлежните.

Домот изгоре пред шест години во силен пожар додека беше издаден под наем на приватник. Досега никој не понесе одговорност за тоа.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG