Достапни линкови

Величковски од Куманово една деценија се згрижувачко семејство


Илустрација.
Илустрација.

Во нивниот дом две деца континуирано се девет години, а повремено има и по четири. Сузана Величковска заедно со нив минува низ сите нивни маки, но со многу љубов и грижа работи овие деца да бида прифатени и еден ден да станат свои луѓе.

Секое дете заслужува многу љубов, грижа, добро воспитување, стекнување самодоверба, оспособување за животот во иднина. Ако судбината се поиграла со нив да настанат во болно биолошко семејство, кое не може да се грижи, ние заедно со стручните служби и со хумани луѓе чиниме сè барем колку-толку да им го олесниме растењето и развојот на овие чисти души и од нив да станат добри и чесни луѓе, вели Сузана Величковска (56) од Куманово, која со нејзиниот сопруг безмалку една деценија од својот дом направила згрижувачко семејство. Во нивниот дом две деца континуирано се девет години, а повремено има и по четири. Оние што заминале главно не го прекинале контактот со Сузана. Тие се јавуваат, а и доаѓаат во посета како што велат, кај баба и дедо.

Во ова семејство децата најчесто влегуваат со тешко бреме.

„Кога ќе дојдат тие се многу слаби, нежни, запоставени, болни. Со самото нивно пристигнување ние веднаш тргнуваме по лекари, клиники и на многу други места за да дојдеме до некоја нормала“, вели Сузана.

Иако децата си ги знаат своите родители, тие ја чувствуваат љубовта и натчовечката грижа на баба која заедно со нив минува низ сите нивни маки.

„Никогаш не сум сакала да го заземам местото на нивните родители. Мајката е една и нејзиното место никој не може да го заземе. Но јас ги сакам и ги почитувам, а и тие мене ми возвраќаат. Целото време и внимание им го посветувам ним. Немам јас свој личен живот. За жал, кога ќе пристигнат кај мене низ многу тешки процеси минуваме додека да зајакнат“, додава Сузана.

Најчесто повеќето биолошки родители бараат помош од нивните родители, оти сами не можат да се справат со своите деца. Сузана пак, сама истовремено во домот има деца од различни семејства, од различни возрасти, а во овој период од 14,12, 7 и 5 години.

Сузана Величковска.
Сузана Величковска.

„Овие дечиња кога ќе дојдат се гладни, ненахранети. Се што ќе добијат го почитуваат, знаат и да заблагодарат, оти знаат како е кога немале. Јас пак, секогаш сакам да знам сè за нив. Тие тешко се снаоѓаат во секојдневието. Со другарчињата, со околината, многу тешко се прифатени. Тие се срамат што не се со своите родители. Овие дечиња се многу напатени, во однос на тие што се во биолошките семејства на кои сите им посветуваат големо внимание“, вели таа.

Ако се погледнат згрижените деца кај Сузана по некој изминат период тие не се разликуваат од другите деца. На нив ништо не им е ускратено. Сузана настојува да не заостануваат зад своите врсници, да не се чувствуваат инфериорно. Одлични ученици се, а највозрасното од нив веќе знае и што сака во иднина да стане.

„На овие дечиња не дозволувам нешто да им недостасува. Никако. Тие си имаат контакти со родителите, средби секогаш кога ќе посакаат.“

Сузана е задоволна што полека ги ослободува децата од стегите со кои дошле, ги чувствува како да се дел од неа, а тоа им го пренесува и на нејзините роднини, пријатели, соседите. Но, како што вели, многу е благодарна на учителките и останатите служби во училиштето „Магдалена Антова“ кои исто така работат на тоа овие деца да бидат добро прифатени.

„Еве имам детенце со пречки во развој. Учителката Кате го прими и не сакаше тоа да биде одделено од другите. Другарчињата го засакаа, сите му помагаат. Сакав ова детенце да остане во нормална паралелка и да научи средствата што ги добива од државата да знае, да ги распознава, да ги троши соодветно, да не дојде во состојба да питачи за било што. Затоа настојуваме да заврши школо како сите негови врсници.“

Сузана раскажува дека има хумани луѓе кои сакаат на децата да им помогнат, но освен за нив, таа има желба некој да им помогне и на болните родители на децата кои живеат во многу тешки услови.

„Голема благодарност до педијатарот Аднан Сулејмани. Тој многу им помогна на децата кои беа во многу тешка здравствена состојба. Секогаш кога ќе отидевме да прашаме дали може да не прими, тој велеше: „Вие секогаш сте добредојдени. Заедно ќе ги раснеме децата.“ И лекарите од здравствената клиника „Карпош“ кои децата на почетокот ги примија и без здравсвтена книшка.“

Колку и да е тешко со овие деца, таа се гордее, особено што секаде ја канат заедно со нив. Присутни се на секакви семејни настани кај нејзините роднини и пријатели, оти само на тој начин тие ќе можат да се вклучат во сите пори на општеството. Сепак, не може, а да не забележи дека најблиските роднини на децата немаат никакво чувство за нив. Никогаш не ги поканиле, не им укажале никакво внимание, иако се во добра имотна состојба.

„Нели им е жал! Толку ли немаат осет? Можат ли тие да јадат и да пијат кога нивните најмили се во туѓа куќа за корка леб? Во летниот период обично децата одат кај роднини, баби, дедовци, овие дечиња немаат каде да одат. Државата им помага. Па државата сме сите ние, ако ти како чичко, како вујко не им помогнеш, можеш ли мирно да спиеш!... Па тие се задоволуваат со едно чоколатце, со љубов, со внимание. „Бабо не поканија!“ Тие многу се радуваат кога некој ќе ги покани, а нивните најблиски кренале раце од нив. Тоа е нешто најтешко.“

Сузана вели дека својот живот го подредила на животот на овие деца. Нивниот добар развој е нејзина среќа, а на крајот од денот кога децата ќе заспијат, таа размислува за нивната иднина. Нејзината најголема желба е децата да станат свои луѓе, среќни и задоволни, чесни и почитувани граѓани, вработени, со свој покрив над главата.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG