Достапни линкови

Перформансот „Актер - човек“ на Беговска победник во Словенија


Интерактивниот независен театарски перформанс „Јас сум актер, човек“, авторски проект на Теа Беговска, е прогласен за најдобар во својата категорија на деветтиот Театарскиот фестивал во Постојна, Словенија. На гостувањето екипата отишла без денар помош од институциите.

На ова гостување отидовме во последен момент, никој не сакаше да не' поддржи, иако тропнавме верувајте на многу врати. Добивме најразлични изговори, во последен момент известување за одлуки. Срам ми е да кажам низ што помина проектот.

Ова во информацијата за добиеното високо признание (најдобар во својата категорија) на интерактивниот перформанс „Актер - човек“ на деветтиот Театарскиот фестивал во Постојна, во Словенија, во името на екипата на социјалните мрежи ќе го забележи авторката и режисерка Теа Беговска.

Таа појаснува дека со проектот чија премиера беше минатата 2018 година биле примени на отворениот конкурс на овој фестивал во Постојна пред половина година. Вели дека организаторите го покриле сместувањето и храната, но дека останало да се најдат средства во висина од нецели 20.000 денари за пат. Истакнува дека имало доволно време за тоа, но дека во потрагата не нашле ниту на една отворена врата. Дека ги разбира институциите и нивните годишни програми, но се прашува зарем е возможно до толку да се остане нем и кусоглед во однос на симболичната (па дури и заедничка) помош од неколку од нив за да некаде „надвор“, во некоја друга држава, биде претставена македонската култура и уметност.

„Налетавме на една бирократија, на пишување барања, па чекање на одговор со недели, со месеци, за на крај да се случат некои компликации кои воопшто не ги очекувавме. Бевме на три дена пред тргање за Словенија и не знаев што да правам. Ќе беше крајно непрофесионално да го откажам гостувањето и се потрудивме сепак да отидеме. Им благодариме на луѓето кои ни помогнаа тоа да го сториме, а за возврат само побараат да не ги спомнуваме нивните имиња“, ќе рече Беговска.

Теа Беговска
Теа Беговска

​Режисерката и со дополна дека својата 21 изведба проектот „Актер - човек“ ја имал во сосема поинакви услови од нам добро познатите. Дека начинот на кој ја пречекале екипата во Постојна и вниманието што им го подариле е „врв на професионализмот“. Истакнува дека организаторите имале огромна почит кон нив пред се* затоа што се млади, потем затоа што сами го сработиле проектот и конечно затоа што нашле сили да отпатуваат на Фестивалот и таму да другаруваат со публиката и со вљубениците на уметноста“.

„Нашата претстава е многу специфична бидејќи е интерактивен перформанс. И многу е битен јазикот во самата претстава затоа што ние комуницираме со публиката. Имавме делови и на англиски јазик во претставата, меѓутоа публиката толку многу не разбра што сакаме да кажеме, да говориме за човечката осаменост, за љубовта, за тоа колку се сакаме себе си, колку го сакам другиот до себе. Велам совршено добро не разбраа, што целата комуникација со неа беше фантастична. Таков беше и нивниот фидбек. Беа многу опуштени да комуницираат со нас бидејќи поентата на самиот перформанс е токму комуникацијата со гледачите. Ние имавме мала доза на страв како сето тоа ќе помине, сепак одиш во друга држава нели, меѓутоа актерите фантастично се снајдоа со луѓето кои говорат друг јазик. Тие не разбраа, ја сфатија пораката“, вели таа.

Сцена од перформансот „Актер - човек“
Сцена од перформансот „Актер - човек“

Теа не крие дека наградата за нив е посебно значајна бидејќи за очекување е дека ќе им отвори и други врати. Од друга страна, нагласува дека нејзиното значење ќе стане уште поголемо ако конечно добијат соодветен третман и почит како млада екипа на уметници кои ја живеат сегашноста.

„Веќе сме поканети на неколку гостувања на Балканот за којшто се надевам дека ќе ги реализираме затоа што пак ќе се соочиме со оној проблем за барање финансии за пат. Фестивалите се супер можност за нас, па и за нашата култура да ги создадеме тие контакти и да се гледа на нив како за една идна можна соработка. Нашиот пат на фестивалот во Зимбабве, во октомври годинава, е несомнено убава можност не само за нас како млади творци да ја претставиме нашата култура, туку просто и несекојдневен начин тоа да го сториме малку поинаку. Во случајов на важен фестивал каде се собираат млади уметници од цел свет и на кој речиси да сум сигурна дека никој од Македонија досега не бил. Јас лично самата почнав да барам средства за ова патување од мои пријатели, тоа го прават и актерите, кај некои свои познанства, но мислам дека зад ова гостување би требало и мора да застане некоја поголема институција како што е Министерството за култура за којашто исто така сметам дека сумата на пари е многу мала, а ние како тим и уште повеќе нашата култура ќе добие многу. И, притоа како екипа, како уметници би застанале зад таа институција и би сториле се* за промоција на сопствената држава, на нејзината автентична култура и уметност и на вистинските вредности“, вели Беговска.

Конечно, 22-та изведба на „Актер - човек“, авторски проект на Теа Беговска во кој играт Никола Кузелов, Надица Петрова и Дарјан Петров, а музиката е на Енес Беговски, ќе биде на 15 јули во рамките на 40-то јубилејно издание на „Скопско лето“.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG