Достапни линкови

Прв Форум на креативните градови за филм од мрежата на УНЕСКО


„Улогата на иновациите и едукацијата во локалниот развој на градовите“ е темата на првиот Форум на креативните градови за филм од мрежата на УНЕСКО што, во организација на Здружението за филмска уметност ЦЕНТАР ЗА ФИЛМ, на 4 и 5 јули ќе се одржи во Битола.

Во Битола, на 4 и 5 јули, во организација на Здружението за филмска уметност ЦЕНТАР ЗА ФИЛМ, ќе се одржи Прв Форум на креативните градови за филм од мрежата на УНЕСКО, чија тема е „Улогата на иновациите и едукацијата во локалниот развој на градовите“. Во работата на овој Форум ќе бидат вклучени високи претставници на креативните градови за филм од мрежата на УНЕСКО – Брадфорд, Лоѓ, Бристол, Галвеј, Рим и Софија, претставник од Интернационалниот политички истражувачки центар специјализиран за култура и креативни индустрии KEA European Affairs од Брисел, како и претставници од домашните релевантни институции, невладиниот и бизнис секторот кои работат во креативните индустрии и филм, а идејата на овој прв ваков собир кај нас и во регионот е да се зголеми соработката помеѓу градовите во областа на иновациите и едукацијата.

Марија Колети, дистрибутер и селектор при Националната филмска архива CSC од Италија
Марија Колети, дистрибутер и селектор при Националната филмска архива CSC од Италија

Форумот е од исклучителна важност за градот Битола како рамноправен член на креативните градови за филм од мрежата на УНЕСКО од 2015 и еден од 13-те градови кои се дел од овој филмски кластер на УНЕСКО, единствен од Македонија и еден од ретките од регионот. Мрежата е клучен партнер на УНЕСКО. Тоа е форум за набљудување на улогата на креативноста како управувач и овозможувач на одржлив урбан развој и платформа за акција и иновации кон интеграција на културата во Програмата за одржлив развој до 2030 година. Форумот е од особено значење за афирмирање на можностите на Битола и воопшто на нашата држава и поврзување и зголемување на соработката со другите градови, вели Весна Ристовска од Здружението за филмска уметност ЦЕНТАР ЗА ФИЛМ – Битола, потписниците на овој настан.

Таа и со дополна дека Форумот има неколку значајни цели од кои основната е да придонесе за ефективен развој и промоција на филмската индустрија преку спроведување на целосна проценка, подобрување на националните капацитети и организирање на промотивни настани во оваа област. Згора на тоа истакнува дека меѓу целите на Форумот е да делува како единствена платформа која членовите можат да ja искористат за да ги унапредат своите партнерства и да донесат нови идеи и соработка. Форумот, според иницијалната идеја е еден од проектите кои на подолг рок има потенцијал да ја подобри институционалната поддршка и да ги зајакне претприемачките вештини, а со тоа и да ги зголеми можностите за развој преку секторот на креативни индустрии.

„Се надеваме дека Форумот ќе создаде платформа со која ќе се создаде и кохерентен пристап кон поттикнување и мотивирање на иновациите како фундаментален концепт во рамки на креативните индустрии со кој се развива економијата се од особено значење за секоја модерна економија, па и за домашната, а во базичната основа на сето тоа е едукацијата која дава основа за понатамошен развој градејќи нови кадри коишто ќе можат не само да најдат работа на пазарот на трудот туку да изградат и подобро општество“, смета Ристовска.

Рејчел Ботомли, претставник од Филмската канцеларија на Брадфорд, првиот град од мрежата на кративни филмски градови на УНЕСКО
Рејчел Ботомли, претставник од Филмската канцеларија на Брадфорд, првиот град од мрежата на кративни филмски градови на УНЕСКО

Инаку, програмата на Форумот е поделена на две целини. Во работниот дел е предвидено да бидат одржани бројни дискусии и презентации, а во неформалниот и неколку интересни и обмислени проекции на филмови. Така како учесници на ова случување во Битола се очекуваат Натали Мур, виш филмски соработник при Градскиот совет на Бристол; Алан Дуган, менаџер на Филмскиот центар Галвеј; Пјотр Кулеша, раководител при Националниот центар за филмска култура во Ло; Рејчел Ботомли, координатор на продукција во Брадфорд; Артур Ле Гал, директор на KEA European Affairs; Билјана Генова, директор на Одделот за култура во Општина Софија и Диана Андреева-Попјорданова, директор на Опсерваторијата за економија во културата; Владимир Ангелов, директор на Кинотеката на Северна Македонија; Љупчо Смилев, советник за планирање на регионална и мултилатерална културна соработка во Секторот за меѓународна соработка и соработка при Министерство за култура на Република Северна Македонија; Мими Ѓоргоска-Илиевска, советник за аудиовизуелни, библиотечни и фонотечни добра при Управата за заштита на културното наследство; Петар Котевски, основач и delevoper на КАМАј МЕДИА; Марија Димова од Македонската асоцијација за развивање игри МАГДА; Саша Станишиќ, режисер, менаџер и професор на Факултетот за филм и дигитални медиуми при Универзитетот ЕФТА Скопје, како и Мариа Колети дистрибутер и селектор при Националната филмска архива CSC од Рим (Centro Sperimentale di Cinematografia-Cineteca Nazionale).

Тие ќе ги презентираат активностите на градовите и нивните успешни приказни, како и своите предлог проекти за соработка, а ќе се одржи и панел дискусија „Технолошките иновации и едукација во насока на локалниот развој на градовите“.

​Од друга страна, не смее да се заборави дека на отворањето на Форумот ќе биде прикажан реставрираниот филмски класик „Еден посебен ден“ од славниот италијански режисер Еторе Скола во соработка со CSC од Рим, а во рамките на филмската програма на затворањето ќе бидат прикажани три филма, меѓу кои првиот македонски филм во боја „Македонија во слики“ од Арсениј Јовков, како и документарниот филм „Манаки, приказна во слики“ на Роберт Јанкулоски.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG