Десетици илјади луѓе во Истанбул ја прославуваа победата на локалните избори на кандидатот на опозициската Републиканска народна партија Екрем Имамоглу.
Изборите за градоначалник на Истанбул беа повторени откако беа поништени резултатите од гласањето пред три месеци.
Имамоглу тогаш тесно победи и беше градоначалник на Истабул 18 дена, но Изборниот одбор ги поништи резултатите.
Овие повторени избори се сметаа и како своевиден тест на способноста на Турците да му се спротивстават на се поголемата авторитативна власт на нивниот претседател.
Ердоган наведе дека го прифаќа изборниот резултат, а тоа го стори и неговиот кандидат, поранешниот турски премиер Бинали Јилдирим.
„Мојот конкурент Екрем Имамоглу води на овие избори. Му честитам и му посакувам среќа.“
Јилдирим изрази надеж дека Имамоглу ќе им служи на жителите на Истанбул.
Впрочем тоа го вети и самиот Имамоглу кој изјави дека ова е нов почеток за Истанбул и оти како градоначалник ќе ги третира подеднакво сите 16 милиони негови жители.
„Суверенитетот недвосмислено му припаѓа на народот. Ние никогаш нема да го заборавиме тоа. Ние ќе работиме многу за Истанбул, почнувајќи од утре, ќе работиме многу, јас ви ветувам“.
Истанбул за прв пат по 25 години ќе го води партија која не е на власт.
Овој втор пораз за владејачката Партија на правдата и развојот на претседателот Реџеп Таип Ердоган во најголемиот турски град и трговски центар, претставува, како што оценуваат аналитичарите, голем срам за претседателот Ердоган.
Тоа, според нив, би можело да ја ослабне неговата, како што до неодамна се чинеше, железна власт.
Некои аналитичари сметаат дека поразот во Истанбул би можело да предизвика реконструкција на владата во Анкара и прилагодување на турската надворешна политика.