Американскиот државен секретар Мајк Помпео изјави дека САД веруваат оти Иран е одговорен за нападите со кои биле оштетени два танкера за нафта во близина на Персискиот Залив.
Говорејќи на прес-конференција во Стејт департментот, Помпео рече дека проценката е заснована врз разузнавачки информации, употребеното оружје и нивото на експертиза, потребни за извршување на операцијата.
Според него, ниту една група која работи во областа нема ресурси и вештини за да дејствува со таков висок степен на софистицираност.
„Овие неиспровоцирани напади претставуваат јасна закана за меѓународниот мир и безбедност, бесрамен напад врз слободата на пловидбата и неприфатлива кампања на ескалацијата на тензиите од страна на Иран“.
Тој рече дека САД ќе ги бранат своите сили и интереси во регионот, но не даде никакви детали за какви било планови.
Вашингтон го обвини Техеран дека стои и зад сличните напади на 12-ти мај врз четири танкери во истата област, преку која поминува голем дел од нафтата во светот.
Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш, истакнувајќи ја длабока загриженост за инцидентот додаде:
„Силно го осудувам нападот врз цивилни бродови. Мора да се утврдат фактите и да се појаснат обврските. Ако има нешто што светот не може да си го дозволи, тоа е голема конфронтација во регионот на Заливот“.
Тензиите меѓу Иран и САД, заедно со сојузниците, вклучувајќи ја и Саудиска Арабија, се зголемија откако американскиот претседател Доналд Трамп во минатата година се повлече од договорот меѓу Иран и глобалните сили кои имаат за цел да ги спречат нуклеарните амбиции на Техеран.
Вашингтон воведе санкции врз Иран.
Неодамна Трамп испрати носач на авиони и бомбардери на Блискиот исток, а како причина за тоа ги наведе разузнавачките извештаи за можни напади од страна на Иран.