Достапни линкови

Младите НЕ го чекаат датумот за почеток на ЕУ преговори!?


Антоанета Иванова, Основач на Европската младинска асоцијација за едукација Младиинфо Интернационал
Антоанета Иванова, Основач на Европската младинска асоцијација за едукација Младиинфо Интернационал

Овие денешни млади немаат време за чекање, додека стигнеме до европските порти тие веќе ќе бидат далеку над годините кои се сметаат за припадност во младинската група, пишува за младинската онлајн колумна Антоанета Иванова, основач на Асоцијација за едукација Младинфо Интернационал.

Минатата недела излезе долгоочекуваниот извештај на Европската комисија за напредокот на земјата за 2019 година кој секако не донесе нови информации, напредок во одредени полиња и препораки за многу чекори кои треба да се преземат за најголем дел од поглавјата. Во разговор со колегите, особено помладите од граѓанскиот сектор, заклучивме дека всушност „фамата“ т.н датум за почеток на преговори многу не ги допира. Свесни се дека Европа е сè уште далеку на видикот, но она што загрижува е што правиме додека го чекаме тој „важен“ датум?

Веќе две семејства од мојата блиска фамилија овој септември ќе заминат во Австралија и Нов Зеланд. Млади фамилијарни луѓе помлади од 35 години и нивните семејства. Егзодусот веќе одамна почна, а зема замав минативе две години. Секако тоа е само последица на цела една декада лошо водена држава која креираше систем на погрешни вредности, уништи суштински сектори ( здравство и образование) и креираше цела една генерација на луѓе, особено млади, кои воошто не чувствуваат интерес да ги променат работите, туку само да заминат.

Но, денес за емиграцијата на младите од Македонија сè уште никој не зборува гласно, најмалку политичарите. Тоа го вели и извештајот за одлив на мозоци на Западен Балкан, во кој пишува : не заминуваат младите само поради економските причини, и оние од средно-високата класа во општеството заминуваат, тие се разочарани од немањето способност да ја променат ситуацијата, потоа присутната корупција, се уште изразениот национализам, очигледната дискриминација и лимитираните слободи, сето тоа ги турка надвор од сопствените држави.

И кога ќе погледнеме така, датумот за преговори во ЕУ нема да ни помогне да го решиме овој проблем. Најмалку што ветувањата дека промените ќе не стасаат тогаш кога ќе влеземе во оваа унија. Младите, особено оние кои се невработени дури 80 отсто од нив размислуваат да ја напуштат земјава. Од друга стана пак според ранг-листата на Светскиот Економски Форум од 2017-та,Македонија, во однос на способноста да ги задржи талентиранит е луѓе е дури на 129-то место во светот.

Се поставува прашањето дали навистина имаме што да им понудиме на овие млади луѓе, се обидовме ли да ги слушнеме нивните барања, ги прашавме ли кои се можните решенија, направиме ли анализи како да ги привлечеме да се вратат назад, знаеме ли да воведеме мерки кои ќе креираат цилкуларна мобилност на оние кои заминуваат. Поединечни мерки како намалени кредити за млади брачни парови, младинска гаранција, дуално образование, неповратен капитал од 180.000 денари за жени претприемачки, едноставно НЕ се доволни.

Факт е дека минатите две години не се направија ни почетни чекори за создавање Стратегија за развој на човечки капитал во Македонија која на пример до 2030-та година ќе го приоритизира овој проблем и ќе понуди суштинско, но и долгорочно решение. Последната студија за млади која излезе оваа пролет вели - младите можат да ја замислат иднината во родната земја, но доколку таа им овозможи да заработуваат доволно за да можат да ги намират основните животни трошоци, да можат да патуваат низ светот и да одат на летување/зимување, да живеат во безбедно, слободно, незагадено и напредно општество.

Создавањето на човечки капитал бара длабоки реформи кои ќе бидат поврзани едни со други, потоа клучни инвестиции и секако време. Ако размислуваме практично и не сакаме да се соочиме со недостаток на работоспособни млади луѓе во брзо време, имајќи го предвид темпото со кое тие заминуваат, тогаш императив е да се делува брзо и сега.

Овие денешни млади немаат време за чекање, додека стигнеме до Европските порти тие веќе ќе бидат далеку над годините кои се сметаат за припадност во младинската група. Имаме ли што да им понудиме на овие, сегашниве млади, е токму ним? Бидејќи тие датумот за почеток на преговорите за ЕУ ионака не се заинтересирани да го чекаат.

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG