Достапни линкови

Рон Ејти за отворање на седмиот Викенд на гордоста Скопје


Плакат за фестивалот за квир култура и уметност Викенд на гордоста Скопје

Со перформансот „Акефално чудовиште“ на култниот Рон Ејти, во петок на 7 јуни, во Музеј на современа уметност, во организација на коалицијата Маргини, ќе започне седмиот по ред Викенд на гордоста Скопје, фестивал за квир култура и уметност.

Седмото издание на Викенд на гордоста Скопје, фестивалот за квир култура и уметност, на отворањето го носи Рон Ејти, култниот американски уметник кој во последните 40 години направи тектонски поместувања со неговите перформанси во рамки на изведувачките уметности и боди-артот.

Роден 1961 година, Рон Ејти е најмногу познат по перформансите на екстремно телесно осакатување. За него е познато дека се занимава со трансцендентното и возвишеното повеќе од три децении, апо „Смртта на Бог“ (познатиот проглас на филозофот Ниче во исчекување на крајот на религијата во западното општество), Ејти верува дека една од улогите на уметникот е да смислува нови форми на ритуал и славење, да го повика светото како противотров за празниот индивидуализам на современиот живот.

Од таму тој во своето ново дело, „Акефално чудовиште“, соло-перформансот сочинет од проекции, читања, предавања, апроприран текст и звук, авторот се повикува на Акефал, обезглавениот маж, кој послужи како инспирација за истоименото тајно општество на Жорж Батај во борбата против нихилизмот и фашизмот пред Втората светска војна во Франција. Безглавиот или обезглавениот маж претставува моќен симбол за радикална трансформација, водечка сила во сите перформанси на Ејти во кои се залага кон спој на човекот и боговите.

Акефално чудовиште“ на Рон Ејти.
Акефално чудовиште“ на Рон Ејти.

Згора на ова треба да биде познато и тоа дека делата на Рон Ејти се изложени ширум светот во 1990-те години, при што одредени теми, на пример таа за христијанските маченици, отворија филозофски дебати за природата на идентитетот, преиспитувајќи ги границите на уметничката практика. Во 2013 година беше објавена и монографија за неговите дела насловена како „Pleading in the Blood“, а подготвена од Доминик Џонсон.

И, кога ова е веќе познато и со тоа веруваме разбуден интересот на пошироката јавност за претстојното седмо по ред издание на Фестивалот за квир култура и уметност - Викенд на гордоста Скопје, особено е значајно да се нагласи дека настаните ќе се одвиваат со носечката идеја, или ако милувате мотото „Светкави рани“ (GLITTERING WOUNDS).

Славчо Димитров од коалицијата Маргини, инаку програмски координатор на Викенд на гордоста Скопје 2019, во пресрет на манифестацијата знае да каже дека како и секоја година и овојпат програмата е изградена врз една идеја, еден концепт врз основа на којшто е крирана комплетната понуда. Дека во случајов таа идеја е насловена „Светкави рани“ и дека пред неа се исправаат две главни цели – од една страна да реферира на квир уметноста којашто е доста болна, а втората е да се адресира еден поширок политички, културолошки, социјален феномен или проблем.

„На прво ниво сакавме да укажеме дека она што се нарекува квир историја, или историјата на оние кои едно патријархално или хомофобично општество какао настрани, како неуспешни ...е обележана со страдање. Со насилство, со изложеност, со ранливост, со искуства на депресија, на меланхолија...како резултат на општествениот систем во којшто овие луѓе живеат. На маргините на едно такво општество. И додека од една страна ги имаме овие рани и искуства на ранливост од друга страна ги имаме и постојаните практики којшто доаѓаат на културно ниво помеѓу овие две заедници на отпор. Односно на комплетно порекнување или трансформирање на тие искуства на срам во нешто во кое овие луѓе креираат стратегии на отпор. Идентитет на којшто се самите горди, задоволства, практики на социјализација, културни практики кои стануваат нешта со коишто се спротивставуваат на целокупниот бран на омраза и на насилство во едно општество“, вели Димитров.

Славчо Димитров од коалицијата Маргини, програмски координатор на Викенд на гордоста Скопје 2019
Славчо Димитров од коалицијата Маргини, програмски координатор на Викенд на гордоста Скопје 2019

Тој со дополна дека од таму „Светкави рани“, „светкавоста“ е земена како елемент кој е специфичен за квир , за дрек , за кемп културата. Тоа е тој елемент на гламур, на отпор, на грандиозно одбивање на срамот и на насилството.

Од друга страна, како што појаснува, овие искуства на ЛБГТ популацијата, на жените ...на сите оние кои се наречени „настрани“ сведочи за тоа дека тие постојат во ова општество единствено преку релациите на изложеност кон другите луѓе.

Оваа идеја за нас политички е исклучително важна бидејќи овозможува да замислуваме поинакви начини како ни е функционираме како индивидуи, но и како општество и како политички заедници надвор од оние коишто се денес доминантните, неолиберално капиталистичките матрици на посесивната, изолираната, на бескрајно и насилно автономната индивидуа којашто е постојано одговорна за сите свои одлуки, којашто се натпреварува на пазарот на трудот...но и своето секојдневно постоење го засновува на овие матрици и ја исклучува онаа конститутивна врска со другите коишто единствено постоиме и преку коишто буквално го дишеме воздухот со којшто заедно живееме во едно општество, смета Славчо Димитров.

Инаку, во рамките на претстојното издание на Фестивалот скопската публика ќе има прилика да се запознае со некои од најзначајните современи уметници на денешнината и да проследи перформанси на Рејчел Јанг, BOYCHILD и на Марикискрајкрајкра. Згора на тоа на Викенд на гордоста Скопје ќе се случи и промоцијата на постхумно издадениот превод на Огнен Чемерски на книгата “Како да се биде геј” на еден од основоположниците на квир теоријата - Дејвид Халперин ( издание на Темплум), потем и изложбата на Дел Лагрејс Волкано, спектакуларно дрег шоу на 12 кралици од Берлин, Белград и Скопје, како и традиционалното, четврто издание на СРАМОТА на ПичПрич со Румена Бужаровска и Ана Василева .

Сите овие артисти се надоврзуваат на основната идеја со она што го продуцираат самите како теми и предмети на интерес којшто ги имаат, но и како уметници кои најголем дел работат со сопствените тела како материјал и како средство за уметнички израз и се разбира политичка критика, заклучува програмскиот координатор на Фестивалот за квир култура и уметност.

Кон ова само уште информацијата дека Скопскиот викенд на гордоста 2019 го организираат Коалицијата Маргини во партнерство со ЛГБТИ Центарот за поддршка, и е реализиран со несебичната поддршка на Фондацијата Хајнрих Бел, ФООМ, Европската унија, Амбасадата на Кралството Холандија и CIVICA Mobilitas.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG