Достапни линкови

Медиуми - Од ЕУ до пописот и владината чистка


Евроамбасадоро Самоел Жбогар на прес конференција.
Евроамбасадоро Самоел Жбогар на прес конференција.

Извештајот на Eвропската комисија, пописот на населението, партиската чистка која треба да се случи во Владата и новите „бомби“ за ДУИ се теми за кои пишуваат медиумите.

Различни наслови и различни гледишта по главната вест во печатените медиуми. „Европската комисија даде зелено светло за пристапни преговори“ – објави порталот на Нова Македонија, а Слободен печат на насловната објави: „Хан препорача Македонија да почне преговори со ЕУ веднаш – Датумот не го затемни ’светлиот пример‘“. Електронските изданија на печатените медиуми ги објавуваат и оценките на државно-владиниот врв. „Пендаровски: Добивме најдобра Извештај, одложувањето на почетокот на преговори ќе влијае демотивирачки“ – наслови Слободен печат; „Заев: Го добивме најпозитивниот извештај откако сме земја-кандидат за членство во ЕУ“ – наслови Нова Македонија.

Печатените медиуми објавуваат и свои видувања за веста од Брисел и извадоци од Извештајот. Слободен печат, на пример, пишува: „Извештај на ЕК: Имаме волја, но за дела треба уште работа“, и дека во делот на реформите имало пофалби, „но има сè уште забелешки за политизацијата на јавната администрација, слабости во правосудството...“ Нова Македонија со наслов: „ЕУ на потег по позитивниот извештај за Македонија“, потсетувајќи дека одлуката за почнување на пристапните преговори треба да биде прифатена и да добие поддршка од сите влади на членките на ЕУ. Весникот притоа го пренесува пишувањето на европското издание на магазинот Политико кој објавува дека дел од членките, како на пример, Холандија и Франција индицираа дека нема да ги поддржат пристапните преговори со Македонија и со Албанија... Вечер го објавува постот на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, на неговиот ФБ профил: „Да смениш име, а да не добиеш датум значи целата политичка стратегија ти е урната“.

Пописот ќе се спроведе во април в година и ќе чини 8,5 милиони евра“ – информира Нова Македонија. Истата вест Слободен печат ја објавува со наслов: „Конечно – ПОПИС!?“, дополнувајќи потаму дека како и во претходната статистичка операција ќе има и графа за етничко-културолошки и религиозни карактеристики. За Вечер, пак, најважно е колку ќе чини: „Еве колку милиони евра ќе чини пописот на население во Македонија“, пишува.

„Партиската чистка крена прав во Владата“, насловува Нова Македонија, а Слободен печат пишува: „Министерски чистки или само ротации – ДУИ го пикира Министерството за транспорт“. Истата вест, Вечер ја објавува како завршена работа: „Падна првиот министер од СДСМ: Сугаревски заминува, ДУИ ќе владее со градежништвото“. Независен ја анализира смената на економскиот директор на Гинекологија, но од страна на министерот Филипче: „Беља тргнат настрана, следни министрите за животна средина и за образование, Дураку и Адеми“.

Во печатените медиуми има уште интересни наслови и информации: „Шест нови бомби на ФБ за функционери на ДУИ добиени од лица од кумановската група осудени за настаните во Куманово“; „Предлогот за одземање на мандатот на Груевски во Комисијата за мандатно-имунитетни прашања изгласан без ВМРО-ДПМНЕ. За да се усвои, на пленарна седница на Собранието треба двотретинско мнозинство“; „Се стопираат постапките за градба и легализација на дивоградбите во Охрид – Владата го утврди предлог-законот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион“; „Патријархот Вартоломеј ја прифатил одговорноста за МПЦ-ОА во последното интервју за бугарската новинска агенција БГНЕС“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG