Достапни линкови

Можна шлаканица од ЕУ и двете лица на Евровизија


Што ќе се случи ако не добиеме датум за почеток на преговорите со ЕУ, анализираат неделниците Капитал и Фокус. Глобус, пак, пишува за Евровизија, успехот на Тамара и екипата, но и за жолчните расправи на социјалните мрежи.

Капитал - Кои се ризиците доколку нема да има датум за преговори?

Во рубриката Бизнис и политика во најновиот број Капитал анализира „Кои се ризиците доколку нема да има датум за преговори“, па во главниот наслов на анализата го дава и одговорот: дека тоа ќе биде „Шлаканица за прогресивните сили во регионот и поттик за националистите“. Познато е, ЕУ сè повеќе е заглавена во различните ставови на земјите членки и околу постигнувањата на нашата држава и на Албанија, и околу проширувањето како европска политика. Но, смета неделникот, игнорирањето на македонската перспектива може скапо да ја чини не само земјава, туку и целиот регион. Капитал потсетува дека, за разлика од почетокот на процесот, кога граѓанските организации упатија критики дека ниту тие ниту Собранието не се вклучени во скринингот, сега граѓанските организации добиваат информации преку видеоконференциите со Брисел, а претставници на Собранието, меѓу нив и од опозицијата, учествуваат на состаноците во Брисел, пишува Капитал.

Фокус - Европската политика кон Балканот е пред сериoзен тест

И Фокус обработува тема со слична порака: „Европската политика кон Балканот е пред сериoзен тест“, пишува неделникот кажувајќи ја главната поента: Ако во јуни Северна Македонија и Албанија не добијат датум за почнување преговори за членство во ЕУ, тогаш тоа ќе биде силен удар врз европската политика на Балканот и влегување на голема врата на Русија и Кина во регионот, предвидува Фокус.

Во една колумна, пак, во истиот неделник, има директна препорака до премиерот Зоран Заев пред најавените смени во Владините ресори и државните институции: „Заев мора да направи јак тим кој ќе испорача барем некои брзи, краткорочни, но опипливи резултати, со што ќе се успокои веќе нервозното граѓанство, кое сега не знае кој пат да го фати“ – пишува Фокус. „Не сака да се врати режимот, но не може да чека цела вечност нешто да се помрдне од место“, критички се осврнува Фокус на актуелните состојби и расположението на граѓаните.

Глобус - Евровизија за јавна презентација на новото име

Ја доживеавме Евровизија, заедно со успехот на Тамара и екипата, а онлајн магазинот Глобус анализира дека „Јавната презентација на новото име со реалниот успех што го имавме на овој музички фестивал, покажа јасно некои од предностите на нашата нова позиција во светот“, пишува неделникот. „Пред сè и во фактот дека сме подготвени да влеземе во сите модерни ’битки‘ во светот без некои стари товари. На другата страна одново ги видовме ’како на тацна‘ сите опортунисти од типот ’името ни го предадоа‘... односно, големата наклонетост на значаен дел од македонската популација да биде дел од својот робовски менталитет, да не биде барем малку способна да си гради индивидуалност и критичко расудување, туку само да остане лост во форма на агресивно однесување, водено од една точка (владина зграда, партиска палата, некој хотел во Будимпешта...)“ – пишува Глобус и поентира со потсетувањето дека социјалните мрежи „беа полни со жолчност, со шокантна себеомраза, со желба за „понижување на Северна“, со поставување на некоја невидлива граница меѓу она „вчера“ и она ’денес‘, без објаснување за таа шизофренија кога станува збор за хроносот“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG