Достапни линкови

Планинари на раце носат материјали за обнова и на внатрешноста на кулата на Титов врв


Планинарите од Аргентус Маунт носат материјал за внатрешна реконструкција на планинарската кула на Титов врв.
Планинарите од Аргентус Маунт носат материјал за внатрешна реконструкција на планинарската кула на Титов врв.

Материјалот бил транспортиран со ратраци до 2.550 метри надморска височина, а уште близу 200 метри планинарите го носеле на раце.

Планинарите од Аргентус Маунт во 2016 година носејќи материјал на раце започнаа реконструкција на планинарската кула на Титов врв за да се спречи распаѓање, а три години подоцна веќе достигнуваат второ ниво за обнова на внатрешноста. Според првичниот изглед на Кулата, идејата е да се направи катна платформа со цел да може да собере што повеќе луѓе внатре, вели Зија Јонузовски од Аргентус Маунт.

„Кулата е изградена со подрум, приземје и два ката кои биле поврзани со степеници. Внатрешната површина на еден кат е околу 25 метри квадратни за престој и ноќевање. Може да престојуваат 20-тина лица, но за ноќевање може до 10 лица. Во соработка и со финансиски средства од Федерацијата на планинарски спортови на Македонија во почетокот на оваа година се набавени-односно купени 6 челични греди и 13 водоотпорни табли со чија монтажа на вториот кат ќе се оформи втората катна платформа и на тој начин ќе се зголеми можноста за поголема бројка за престој и за ноќевање до 30-тина лица“, објаснува секретарот во Друштвото.

Носењето на гредите и таблите бил уште поголем предизвик, бидејќи се носеле среде зима, кога имало и до еден метар снег. Поради големината се носеле на ратраци.

„Транспортот на градежните материјали беше најкомплицираната фаза од процесот за реконструкција на Кулата, затоа што до врвот нема пристап за теренско возило, а поранешниот коњски пат на повеќе места е еродиран и изгубен. Заради ова и локалните сточари кои ги замоливме дури и со паричен надоместок од ФПСМ одбиваа да се вклучат во транспорт со коњи. Во текот на 2017 година поднесовме барање до Министерството за одбрана за хеликоптерски транспорт, но бевме игнорирани. Поради ова остваривме средба и разговори со хрватскиот државјанин Томислав Тишка, кој со задоволство ја прифати нашата молба и тоа како целосна негова донација, каков негов придонес на планинарството во земјата, како негова поддршка на ПК Аргентус маунт заради ваквиот планинарски ентузијазам и волја за реконструкција на Кулата на Титов врв. Со неговите ратраци се транспортирани сите 15 тони материјали“, вели Јонузовски.

Материјалите со ратрак биле носени до 2.550 метри надморска височина, а уште 197 метри до врвот, според досегашната практика пак биле носени на раце.

„Во текот на мај месец оваа година нашиот клуб започна со рачно транспортирање на овие челичните греди и таблите до Кулата каде потоа ќе се изврши монтажа и ќе се изгради нова платформа на вториот кат“, објаснува Зија.

Јонузовски вели дека нема да престанат со обновата на Кулата. Понатаму ќе се продолжи со носење на уште материјал и реконструкција бидејќи е потребно постојано одржување на Кулата со цел да не се доведе до претходната руинирана состојба.

XS
SM
MD
LG