Достапни линкови

За планинарење во зима да се почитуваат правилата


Шар Планина

Рекреативците, но и искусните планинари треба да се почитуваат правилата за зимско планинарење, за поголема безбедност на планина, велат од тетовското друштво Аргентус Маунт. Оваа зима планинарите за престој може да ја користат и обновената Камена кула на Титов врв.

Непредвидливоста на временските услови на планините, посебно во претстојниот зимски период, се причина за честите случаи дури и искусни планинари да се изгубат или повредат. Пред речиси една година на Шар Планина во два наврати дури со хеликоптер беа спасувани повредени или исчезнати. Планинарењето во зима само по себе е предизвик, па затоа искусните планинари советуваат посебно рекреативците да ги следат формалните и неформалните правила.

„За зимско планинарење прво и основно е пред да се тргне во планина да се консултираат со лиценцирани планинарски водичи од Федерација на планинарски спортови на Македонија. Втора работа што е многу битна е секој планинар за зимски услови треба да биде опремен со опрема соодветна за зимско планинарење. Во опремата влегува, во зависност од временската состојба, дали има снег или нема снег или е смрзнат снег да се носат дерези, кои се користат во услови кога снегот е замрзнат. Покрај дерезите, препорачливо е да се носи цепин во зависност од која патека треба да се поминува“, вели Зија Јонузовски, секретар на планинско еколошко друштво Аргентус Маунт од Тетово.

Токму ова друштво во изминатите неколку години во насока на поголема безбедност за планинарите работеше на обновување на Камената кула на Титов врв. Планинарите на раце ги носеа материјалите потребни за реконструкција и опремување на кулата.

„Во последните две години успешно успеавме да ги затвориме сите урнатини на ѕидовите и надворешни урнатини. Се монтираа 22 прозорци и една врата со што кулата е буквално заштитена од надворешно навлегување на снег и е веќе погодна за престојување. Секој планинар, особено во зимски услови, кога времето е лошо, може да ја користи кулата, зошто таа секогаш е отклучена. Со молба секој после користењето да ги отстрани отпадоците и да не направи оштетувања на предметите што се внатре“, истакнува планинарот од Тетово.

Кулата од оваа година доби и можност за осветлување.

„Со донација од ЕВН во текот на септември месец успешно се монтираа соларен панел кој произведува струја за постојано осветлување на надворешна страна. И внатрешно има две сијалици кои може да се употребуваат при престојот. Монтиран е еден дел со кој може да се врши полнење на мобилни телефони, лап топи и други електронски средства за комуникација“, вели Јонузовски.

Најчесто посетувани на Шар Планина се Љуботен и Титов врв, како најпогодни врвови со најбезбедни обележани патеки за движење. Поискусните планинари како предизвик ги имаат врвовите Бориславец, Џини Бег, Среден камен, Пирибег, Чаушица. Тие се наоѓаат во далечните предели на шарпланинскиот масив со претежно тежок карпест терен за искачување.

XS
SM
MD
LG