Достапни линкови

„Момома“ на ФОЛТИН како вдишување копнеж


Фолтин.
Фолтин.

Страствен, поетичен, искрено љубовен до болка, полн воздишки и танцувачки ритми – таков е новиот албум „Момома“ на ФОЛТИН, на кој членовите на составот на мудар начин ги вкрстија уметничкото и комерцијалното потпишувајќи го своето најдобро дискографско издание до сега.

Ако сите грешни мисли, трепети и сензуални воздишки во популарната музика кулминираа со она неодоливо и страстно „Feevveeeeerrr“ на Елвис „ах, тие разглавени колкови“ Присли, кому разбирливо не му се рамни ниту оргазмичните испади на Џенис Џоплин, Џим Морисон, Хендрикс, СТОУНСИ....па дури ни „стенкањата“ на една Дона Самер (и не само во класичниот диско хит „I feel love“), на Мадона, шепотите на Шаде, Деби Хери... (листата може да оди до бесконечност оти има купишта примери на (зло)употреба на сексуалноста во поп културата, на пазарот), тогаш за „чудо“ нашиот Пијан Славеј, или поточно ФОЛТИН, со откорнатиот крик од себе „Ми се води љубов!“ од штотуку објавениот албум „Момома“, со еден потег се пробија до врвот. До недопирливиот. Нималку со амбиција да го симнат од тронот, па дури да ги загрозат и оние кои глобално му се прикрале низ времето, туку едноставно да ни кажат дека се слободни да пеат за своите желби, потреби, страсти ...И, дека удобно се чувствуваат во општеството кое сеуште ги плаќа и ќе ги плаќа гревовите на наново родениот вулгарен конзерватизам. Од таму тие во втората деценија од 21 век, само со стихови и ритми, стануваат еден вид апостоли на условно задоцнетата сексуална револуција на ова мало парче земја. Иако, можеби тоа свесно и не им била крајната цел. Ете, ним им се води љубов младешки без опции, некомерцијално...раскошно и блудно. Колку што ти се сака!

Затоа ќе си земам слобода да речам дека на „Момома“ и пет пати да беше снимена само „Ми се води љубов“ албумот ( и-пито, макси синглот – што и да е...како долго свиречка форма) ќе беше посебност во тековната понуда на актуелната домашна дискографска сцена. Ако ништо друго тогаш барем и за шепнатото, ајде нека биде и „вејтсовско“ „... те бакнувам во голите гради на Слободата на Де ла Кроа“.

И, кога веќе си ја потпишал капитулацијата следува следниот удар со не помалку убавата „Месечина“ во која се измешани бројни влијанија а сето тоа звучи толку „фолтиновски“, за да усвитувањето уследи со моторичната „Мачка во вреќа“ која несомнено е уште еден вистински концертен фаворит.

И по ваквото пристигнување на половина пат, некаде од зад аголот демнејќи ви се впушта „Несоница“ како „сентиш“ во кој се милуваат благо џезираната поп музика од 1960-те, Шпато и неговите ИМПУЛСИ, потем како ехо Диме Поповски, Славе Димитров, Даниела Панчетовиќ, Зорица Попанкова ...со стремежите на едни класици како БИЧ БОЈС...но сето тоа без патетика, туку со стихови кои авторот го издигнуваат над просечноста во актуелното забревтано поетско творештво кај нас ( Просто разгалува со кованицата „несоница – неспаница“, на пример).

И, кога разгалувањето ве преплавило ФОЛТИН безобзирно ве фрлаат на подиумот од нивното „фолтиновско диско“. Распалуваат дирекно кон мускулите со „Чекор“, песна која како да излегла од перото на еден Даниел Дарковски и се исправила до македонската класика „Шила“ со која Маја Оџаклиевска влезе во легендите. И, додека Славејот на подиумот ги разлева своите рими ( „...срцата никако да фатат чекор...“), час фрлајќи ве објаснувањето да го барате во неговата „боувиевштина“, а веќе следниот миг во прегратките на продуцент како Најл Роџерс и неговиот проект ШИК сето тоа зачинето со силината и моторичноста на басот пресликан од едни ФАНКАДЕЛИК и сличните „мачори“, или прелеано со синтисајзерите на магот Херби Хенкок од неговата „хеадхантерс фаза“... подготвени сте за комплетно со ништо не условено предавство. И, конечно авантурата бива крунисана со „Ти верувам“, една од ретко искрените посвети на љубовта, која ете ја враќа и „вербата во чудо“ полиена со „стививондеровската усна хармоника“. Човек едноставно да се наежи од безмилосно нежните и силни стихови на Славејот, тој „заебан лик“ кој полека стигна да го допре еквилибриумот на сопствениот интерес за музиката и потребата да ги пее стиховите кои му навираат како вруток.

Ова, пак од друга страна го затвора кругот за ФОЛТИН. Тие од бенд кој започна со „измислен“ јазик и каде гласот беше само уште еден од користените инструменти, посебно бележито на дебитанскиот „Outre-Mer“ од 1997, па донекаде и на следбеникот Archimed три години подоцна, па преку денес класичните објави како „Donkey Hot“ (2003), „Lo-Lee-Taa-Too“ (2005) и особено „Оваа Трансплантирана машина за чукање досега не типкала љубовно писмо“ (2008), по кој следуваат и „Антитело“ од 2012 и „Пијан славеј“ во 2015 година ( овде вклучувајќи го и „Penelope X“ - заедничкиот проект со композиторот Никола Коџобашија и Гоце Стефковски од 2011 година), стигнаа до бенд кој суштински го слави преубавиот македонски јазик. Се исправија во зло време пред безумните, неуките... пред оние кои со безумна леснотија знаат да кажат ( кажуваат) дека демек не ни го бива јазикот за „модерна песна“, „...не е певлив...“ и други будалаштини. Пред трендот на сеопшто скрнавење на јазикот ни насушен во името на „глобализацијата“, симнувањето на гаќите пред оние на кои не им сечи и кои ги поистоветуваат модерното и глупавото.

А, тоа безмалку е видливо на секој чекор. Од обичниот живот, преку културните вриежи до продавањето политичка магла.

И ете тука доаѓаат ФОЛТИН како истакнати просветители, впрочем исто како и еден Крсте Роџески ( нивен соборец од времето), БЕРНАЈС ПРОПАГАНДА, Горан Трајковски...или на пример славениот Ристо Вртев, чие творештво добива само на патина како времето минува.

А, процесот сигурно нема да запре и реално, ако се следи досегашната динамика – плоча на секои три до четири години, допрва ќе треба да им се радуваме на плодовите на тајфата која несомнено влегува во својата зрела творечка ( песнопојна) фаза.

Во случајов посебно внимание треба да се обрне и на нивната звучна патека. Од џезираните искричења, преку авангардните кокетирања со актуелното, тие растеретени од потребата натаму да се докажуваат како уметници, стигнаа до фазата кога несомнено уживаат во музиката што ја создаваат. Дека удобно се чувствуваат и дека сакаат да се забавуваат испорачувајќи хитови во кои е собрана сета нивна мудрост, лежерност, иновативност, начитаност, наслушаност и самосвојна енергија. Дека им прилега темпото и формата што ја приграбија – да го печатат без било какви компромиси само она за што се сигурни дека го потпишуваат со полно име и презиме и на нивните објави да нема крпеници или полупесни кои ќе служат само за пополнување на временската рамка од некаде „минимум“ 40-на минути музика на носачите на звук.

Ете, поради сево ова во „Момома“, Бранислав Николов (глас), Пеце Трајковски Брада ( гитара и сајзер), Гоце Јовановски ( бас), Пеце Николовски (кларинет и усна хармоника) и Славчо Јовев ( тапани), го имаат својот најсилен адут – текстуално и музички најзрелиот албум досега. Плочата со најголем комерцијален капацитет чија лепливост допрва треба да се ефектуира во бројот на продадени носачи на звук („даунлодирања“, дискови и винилни плочи) и во нескриеното лудило на концертните настапи од нивната никогаш непрекината клупска концертна турнеја во земјава, во регионот и секаде онаму каде што ќе ги викнат да го споделат позитивното лудило во било која артистичка форма.

И најсетне никако не смее да се заборави дека не мало парче од сопствените раскошни таленти на ова парче жива пулсирачка пластика што израснува до ПЛОЧИШТЕ оставиле и инструменталисти како Петар Димитровски ( клавијатури), Владан Дробицки (тромбон) и Васко Бојаџиски ( саксафон), обајцата од СЕТСТАТ. Па дури ни провокативното идејно решение за обвивката, а како по „традиција“ ФОЛТИН и за оваа нова објава имаат нова продукциска куќа – Н.М.А, а проектот е помогнат од Министерството за култура.

Конечно, ФОЛТИН како и досега и со „Момома“ излегуваат вон дадените аксиоми на современата македонска музичка сцена. Тие се бенд за себе кој како и да го фрлиш, во кои рамки и да го ставиш, низ какви води да го пушти да плива ќе се дочека на нозе. Едноставно, делуваат вонвременски и вонпросторно, иако „да се чудиш“ продолжуваат да пеат на македонски, јазикот ни е загрозен а песната премостува пространства и хоризонти. Значи, се работи за умеење и за енергија својствена само за оние кои го љубат летот.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG