Оваа средба, како што наведува новинската агенција Асошитед прес, уште еднаш покажала дека претседателот Трамп не се срами да се сретнува со странски лидери кои западот ги критикува.
Трамп, изјавувајќи дека Орбан изгледал „малку контроверзен како него“, оцени дека направил добра работа околу миграцијата.
„И Виктор Орбан направи огромна работа на толку многу различни начини, високо почитуван, почитуван низ цела Европа. Веројатно како мене, малку контроверзен, но тоа е во ред, тоа е во ред. Направивте добра работа и ја зачувавте вашата земја безбедна“.
Орбан на средбата изрази надеж дека ставовите што ги делат со Трамп ќе можат да доведат до формирање глобален сојуз против миграцијата.
„И би сакал да изразам дека сме горди да застанеме заедно со САД во борбата против илегалната миграција и против тероризмот и да ги заштитиме и да им помогнеме на христијанските заедници низ целиот свет“.
Трамп кој подоцна одржа Ифтарска вечера во Белата куќа за амбасадорите и членовите на дипломатскиот кор кои ги претставуваат нациите со мнозинско муслиманско потекло изјави дека Орбан бил одличен „во врска со христијанските заедници“.
Инаку, деновиве унгарскиот министер за надворешни работи изјави дека се формира антимиграциски сојуз, наведувајќи дека Унгарија и САД се меѓу неколкуте земји кои во минатата година се спротивставија на спогодбата на Обединетите нации за миграцијата.
Посетата на Орбан на Вашингтон, како што јавуваат новинските агенции, е и во врска со планот на Унгарија да купи американски проектили од среден дострел.
Исто така се додава дека оваа посета е дел од стратегијата на администрацијата на Трамп за повторно ангажирање во Централна и Источна Европа.
Унгарија е членка на Европската унија и што е поважно за Вашингтон на НАТО.
Покрај контроверзната внатрешна политика, Орбан е исто така познат по неговите симпатии спрема рускиот претседател Владимир Путин, а Будимпешта се повеќе ги продлабочува односите со Кина.