Достапни линкови

Неделници - метла, цензус и лов на гласови


Илустрација: Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова.
Илустрација: Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова.

Пред вториот круг на претседателските избори в недела, неделниците ги анализираат резултатите од првиот круг, причините за релативно малата излезност на граѓаните, но и партиите што застанаа зад двајцата кандидати.

Анализата во Капитал е насловена: „Се ’мете‘ многу пред избори, не во кампања“ – како еден вид возвратен одговор на ветувањата на лидерот на СДСМ дека ја примил пораката од граѓаните и дека по изборите ќе има прочистување и на државната но и на јавната администрација. Аналитичарите коишто ги консултирал неделникот сметаат дека имало многу причини за шлаканицата од гласачите кон власта, пред сè... но нишката што обединува е фактот дека „Владата на СДСМ и коалицискиот партнер ДУИ не ја исполни главната политичка задача – а тоа е воспоставување на принципот на казнивост и одговорност, особено преку ноншалантноста со која се обидоа да се премине преку бегството на Никола Груевски за кое никој ниту одговараше, ниту истрагата даде резултати во јавноста. Капитал поентира со пораката:„Политичките партии мора да пораснат. Нека си фрлат еден искрен поглед кон себеси, нека се погледнат и нека сфатат дека поради нив и нивното одбивање да се реформираат македонската политика сè повеќе губи смисла... дека ни требаат сосема нови политики во кои ако веќе сè уште сме незрели за неповторување на истите грешки, тогаш барем ќе се покаже дека сме зрели за да изградиме систем кој нив ги препознава, казнува и бескомпромисно ќе се бори со нив“.

„Победата зависи повеќе од излезноста отколку од убедувањето“, пишува онлајн магазинот Глобус, анализирајќи ги резултатите од првиот круг на претседателските избори и наведувајќи ја тесната разлика во корист на Стево Пендаровски наспроти Гордана Силјановска Давкова. Неделникот наведува дека концентрацијата на јавноста сега е фокусирана на три дилеми – дали ќе има доволна излезност на гласачите за да бидат изборите валидни, како ќе гласаат сограѓаните Албанци (оние кои во првиот круг беа за кандидатот Блерим Река, како и оние кои останаа во тивок бојкот дома) и конечно, кој од останатите двајца кандидати има предност. „Факт е“, завршува Глобус, „дека гласачкото тело е јасно поделено. Реално победата кај Пендаровски зависи од тоа колку од оние 630 илјади гласачи кои во октомври гласаа за Преспанскиот договор сега можат одново да бидат анимирани, а тоа е огромен ревир! Толкав резервоар нема Силјановска Давкова која навистина може да се држи до оние ’милион и двесте илјади гласачи‘ кои наводно се против Договорот, со кој влегуваме во НАТО и можеме да се крепиме за влез и во ЕУ, но Мицкоски и компанијата веќе референдумот само сакаат да го заборават“.

На насловната на Фокус алузија на една наша народна песна - монтирана фотографија на Гордана Силјановска Давкова и на Стево Пендаровски во грчка и албанска носија, зад нив двоглавиот албански орел и наслов: „Непристоен лов на албански гласови – Ќе се грчам, ќе се турчам...“ А во уводникот „За нештата да станат појасни“ - загатлив наслов: „Важно ли е кој ќе биде виновен ако Груевски навистина се врати?“, и со уште едно отрезнувачко прашање во текстот: „Дали револтираните од владеењето на Заев сметаат дека пастирот веќе никогаш не може да се врати и дека неговиот режим не може да се повтори?“ Или можеби веќе им станало сеедно дали Груевски ќе се врати, зашто сметаат оти нема разлика помеѓу него и Заев? Или, пак, мислат дека враќањето на Груевски односно на режимот кој тој го симболизира и не е толку лоша опција за нив и за Македонија, размислува со иронија уводничарот во Фокус.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG