Достапни линкови

Изборна победа на шпанските социјалисти и на ЕУ


На изборите во Шпанија победија социјалистите
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:41 0:00

На изборите во Шпанија победија социјалистите

Владејачката Социјалистичка работничка партија на Шпанија на премиерот Педро Санчес освои најмногу гласови на вчерашните парламентарни избори, но за формирање влада ќе и биде потребна поддршка од други партии.

Шпанскиот премиер Педро Санчес е на пат да ја задржи власта откако неговите социјалисти го совладаа историскиот предизвик од десничарските националисти на парламентарните избори.

Ваквиот успех тој го оцени како морална поддршка за Европската унија.

Социјалистите освоија најмногу пратенички места во едни од најтешките избори во Шпанија во последниве децении.

Тоа особено по подемот на екстремно десничарската партија Вокс чија ултранационалистичка кампања беше своевидно повторување на политичките трендови низ цела Европа, каде што традиционалните партии се под притисок од анти-имиграциските и евроскептичните сили.

Но, од друга страна токму подемот на Вокс го раздели десничарското гласачко тело и дополнително ја фрагментира политичката сцена во Шпанија.

Тоа им одеше на рака на социјалистите, кои освоија речиси 50 насто повеќе седишта во парламентот.

Нивниот лидер Санчес по изборите изјави:

„Бидејќи, исто така, нѐ гледаат и не слушаат надвор од Шпанија, особено во Европа, ние ќе формираме проевропска влада за зајакнување, а не за слабеење на Европа“.

Тој притоа рече дека е подготвен да ја предводи новата влада.

„Единствениот услов што ќе го поставиме е почитување на уставот и промовирање на социјалната правда, соживотот и политичката транспарентност“.

На социјалистите за да формираат влада ќе им биде потребна поддршката од левичарската коалиција „Унидас подемос“, но и од каталонските сепаратистички и одбаскиските националитсички партии.

Во парламентот за прв пат од 1982 година ќе се најде и крајната десница која освои 10 насто од гласовите.

Опозициската Народна партија која владееше до мај лани освои историски најмалку број на пратеници, околу 65.

Ваквиот изборен резултат, најверојатно, претставува олеснување за поддржувачите на понатамошната интеграција на Европската унија пред изборите за Европскиот парламент на 26 мај.

Имено, постоеше страхување дека Вокс би можело да добие дел од власта во Шпанија.

На изборите гласаа над 75 насто од околу 37 милиони избирачи, значително над просекот во претходните 12 изборни циклуси од обновата на демократијата во Шпанија.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG