Достапни линкови

Уметниците врескаа против насилство на четвртиот „Крик на жената“


Со учество на мнозина творци, на 28 март, во Јавна соба во Скопје, по четврти пат се одржа Меѓународниот фестивал на поезија и уметност „Крикот на жената“ кој претставува светски синџир на настани каде се крева гласот на јавноста против насилството врз жените.

Режисерката Марија Џиџева, композиторката Дарија Андовска, кореографката Ивана Балабанова, актерката Јасмина Билаловиќ, танчерите Марта Арсовска и Коста Андонов, поетите и поетесите Маја Мојсова, Сандра Авросиевска, Ирена Белешковска, Д. А. Лори, Ана Љубиќ, Славица Дабевска Кировска, Марина Мијаковска, Перо Сарџоски, Стојан Тарапуза... архитектката Екатерина Намичева, модните дизајнерки Моника Блажевска, Александра Јовановска и Сара Реџиќ,ликовните уметници Еми и Тони Тоциновски, Кристијан Бошков, Гордана Винчиќ, Игор Љубовчевски се само некои од големиот број на учесници на годинешниот Меѓународен фестивал на поезија и уметност „Крикот на жената“, кој по четврти пат се одржува во земјава.

Со свои видео обраќања на македонскиот Woman Scream (или Grito де Mujer), манифестација ширум светот познат како Women Poets International Movement (Mujeres Poetas Internacional MPI) учество зедоа Џаел Урибе или „мајката на фестивалот“ и слемерите Кристиан Кожељ од Словенија, Симоне Саво од Италија и Бејли Кесл од САД.

„Она што посебно ми се допадна на штотуку завршениот фестивал на поезија и уметност „Крик на жената“, кој овојпат одеше со поднаслов „20 дена по 8-ми март и шчо напраивме!“, е тоа што од година во година имаме се помлада и се помасовна публика, а исто така во однос на учесниците и учесничките имаме луѓе коишто по вторпат гостуваат на манифестацијата. Всушност, луѓе коишто сакаат нивното присуство да го направат традиција на нашиот Фестивал“, вели поетесата и слемерка Елена Пренџова, една од домаќинките на случувањето.

„Крикот на жената“, инаку претставува светски синџир на настани во текот на месец март каде што поетеси и поети, уметници и организации од различни земји волонтираат во чест на правата на жените и испраќаат пораки на самодоверба и почит и го зајакнуваат гласот на јавноста против насилство врз жените.

Фестивалот започна во 2011 година и сега се организира во повеќе од 50 земји во светот, со повеќе од 600 успешни координирани настани. Згора на тоа тој помага во промовирањето на поезијата на меѓународно ниво. На него присутни се поети, поетски групи, уметници и поединци кои своите пораки ги говорат на различни јазици, како начин да се возврати за слободниот придонес кој го даваат за оваа цел.

Национални координаторки на организацијата на фестивалот во Република Македонија се поетесите Оливера Доцевска и Елена Пренџова со поддршка на организацијата „Јустиција“, во заедница со координаторките и координаторите од други држави од целиот свет.

Конечно овој настан не е во прилог на радикалните верувања ниту тенденции против мажите. Со посебен пиетет се прифаќа поддршката и соработка од страна на мажите токму кон каузата која ја застапува манифестацијата.

Инаку, Фестивалот секоја година се организира на волонтерска основа со поддршка на донатори, организации и на бизнис секторот.

На штотуку завршеното четврто по ред издание на „Крикот на жената“ во Македонија, кое како свое мото овојпат го имаше слоганот „Врескам во свое име“ ("I scream for myself"), како дел од мултимедијалниот фестивал на доброволна основа беше потпишана симболична Декларација но со силна порака на истата тема од уметниците, поддржувачките и подржувачите, соработничките и соработниците и гостинките и гостите на настанот, која ќе биде доставена до надлежните органи.

„Заедно и мажи и жени со Декларацијата која ја потпишавме и ќе ја упатиме до надлежните, повикавме на фактот дека ние сите имаме одговорност, секој ден, да ја потенцираме неправдата со која се соочуваат жените и дека не смееме да останеме неми за нерамноправноста во поделбата на раководните функции, сиромаштијата во контекст на родовиот аспект и да не проговориме за социо-економските фактори кои ја поддржуваат родовата нерамноправност. Не смееме да останеме неми сведоци на насилството врз жените и девојчињата“, вели поетесата Оливера Доцевска.

Таа дополнува дека уметниците, поетите и граѓанските организации, отсекогаш биле најсилната карика на едно општество кое влече напред, гради врз својата мисла и дело, и секогаш говори против негативните појави кои се негова слика и се активни актери на менувањето на свеста кон подобро утре.

„Преку овој Фестивал се здружуваме за да направиме промена. Ние, стотици алтруистички соработници од градовите низ светот, ги ставаме на услуга нашите раце, енергија и расположливи ресурси и сакаме да помогнеме да се пренесе моќната порака во корист на оние на кои навистина имаат потреба од поддршка“, вели таа.

Со оваа Декларација и постоењето на овој фестивал испраќаме пораки на солидарност и сакаме силно да го зајакнеме гласот на јавноста против насилство врз жените и за родовата рамноправност, ќе рече Доцевска.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG