Достапни линкови

Уапсен осомничен за нападот во Утрехт


Полициски увид на местото на настанот
Полициски увид на местото на настанот

Холандската полиција го уапси осомничениот за нападот во трамвај во Утрехт. Во инцидентот беа убиени 3 лица, а неколкумина се повредени.

Едно лице е уапсено по нападот на трамвај во Утрехт во кој загинаа 3 лица, а 5 беа повредени, соопштија холандските власти. Полицијата претходно објави фотографија и соопшти дека е во потрага по 37 годишниот Ѓокман Танис, роден во Турција, во врска со денешниот инцидент.

„Полицијата бара од вас да внимавате на 37-годишниот Ѓокман Танис (роден во Турција) во врска со инцидентот утрово. Не му приоѓајте!“, напиша полицијата на Твитер.

Се уште не се знае мотивот на напаѓачот. Според обвинителството, можеби се работи за семејни причини. Турски медиуми цитираа роднини на осомничениот, кои тврдат дека Танис пукал кон роднина која се превезувала во трамвајот, а притоа ги убил другите кои се обиделе да и помогнат.

Шефот на националната служба за контратероризам, Питер Јаап Алберсберг претходно изјави дека нивото на закана од тероризам во Утрехт останува на највисокото „ниво пет“ во наредните 18 часа.

"Не можеме да исклучиме дека мотивот е тероризам“, изјави тој.

Но, како што истакна, се уште многу работи се нејасни и локалните власти работат на утврдување на сите факти. Алберсберг посочи дека имало пукање и на други локации без да даде дополнителни детали. Тој на Твитер претходно напиша дека кризниот тим се состанал за да одговори на ситуацијата.

„Националната антитерористичка агенција ја следи ситуацијата во Утрехт, во близок контакт сме со локалните власти и не можеме да го отфрлиме терористичкиот мотив, активиран е кризниот тим, а сторителот се уште е бегалец“, напиша Алберсберг.

Холандскиот премиер Марк Руте го прекина состанокот со владејачката коалиција и соопшти дека е длабоко загрижен за ситуацијата и дека поради овој настан ќе биде свикан кризен состанок на владата.

Воената полиција, исто така, ја зголеми безбедноста на аеродромите и пред клучните институции.

Од агенцијата велат дека одлуката е донесена по денешното пукање во Утрехт и оти во моментов инцидентот ги има сите карактеристики на терористички напад.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG