Достапни линкови

Избришани „Денови на македонска музика“


Фестивалот „Денови на македонска музика“, чиј организатор е СОКОМ, е избришан од листата на поддржани манифестации во втората објава на Конкурсот за проекти од национален интерес за 2019 година на Министерството за културата. Композиторите со реакции дека одлуката е скандалозна.

По минатогодишното поништување на резултатите за наградени дела на Конкурсот проекти од национален интерес на Министерството за култура, годинава во втората објава го нема фестивалот „Денови на македонска музика“. Одлуката е шокантна ако се има на ум дека при првото објавување манифестацијата беше поддржана со сума од 1,5 милиони денари денари.

Сони Петровски, претседател на Сојузот на композиторите на Македонија, организаторите на ова културно случување, истакнува дека таа доаѓа по нивната јавна реакција за „некомпетентноста и непрофесионалноста на македонскиот дел од Комисијата за музичко сценска дејност (Јошко Бошковски и Весна Ѓиновска - Илкова), а која била пред сè во знак на поддршка на сите бесправно оштетени уметници и културни дејци“.

„За жал, овој пат, наведените лица веројатно сметаа дека со укинување на поддршката на „Денови на македонска музика“ ќе нè „дисциплинираат“ или „замолчат“ и гордо раскажувале како „не зезнале“. Ваквиот однос само ги потврдува моите претходни тези, дека комисијата се раководи според субјективни наместо професионални стандарди и мора веднаш да биде распуштена и заменета“, вели Петровски.

Тој дополнува дека поради ваквиот развој на настаните и одлуката на комисијата, СОКОМ ќе поднесе соодветен приговор во кој ќе укаже на опасностите од евентуална одлука за укинување на поддршката на македонските композитори и срамот кој ќе треба да го понесат пред нивните меѓународни партнери кои оваа година треба да гостуваат од Германија, Австрија, Швајцарија, Шпанија и Албанија.

Претседателот и со став дека доколку одлуката остане негативна, за понатамошната судбина на Фестивалот ќе решава највисокото тело - Собранието на СОКОМ.

Со слична мисла и Тина Иванова, член на претседателството на СОКОМ. Таа истакнува дека навистина е шокантна одлуката да не се доделат средства за фестивалот „Денови на македонска музика“. Потсетува дека не само што станува збор за единствениот, но и најстариот музички фестивал на чиј подиум се промовираат најновите достигнувања на македонските композитори, на чија сцена се изведуваат македонските музички творби и на сите генерации композитори, туку и за Фестивал кој под македонското небо ги носи и новите композиторски струења од европската и светската сцена.

Иванова ќе рече дека „со оваа непромислена одлука на Министерството за култура се руши еден изграден систем на вредности кој не може да се спореди со ништо друго што се случува во македонската култура“.

„Со недоделување на финансии, за програмата на ДММ, и воопшто за Сојузот на композиторите на Македонија како единствено еснафско здружение во кое членуваат реномираните музички дејци, композитори, музиколози и етномузиколози, се уништува бренд, се уништува култура, се уништува образование, се руши сè што како традиција и како квалитет се градело неуморно децении наназад, со силни напори, но и волја, ентузијазам и љубов, се рушат столбовите на македонската музичка култура. Доколку не се смени оваа одлука, тогаш треба да се укинат и одделенијата за композиција, за музикологија, за етномузикологија на нашите факултети за музичка уметност“, појаснува Иванова.

Музикологот и со констатација дека кога некој би ја прашал нејзе, таа би размислувала обратно. Дека не само што не треба да се доделат средства, „туку треба да се зголемат двојно, или тројно, затоа што ова не е самоодржлив фестивал, или здружение, а од друга страна силно ја држи на нозе македонската звучна традиција“.

Композиторката Ана Пандевска, пак, откако ќе констатира дека СОКОМ е здружение старо 70 години низ кое поминале еминентни творци како Тодор Скаловски, Трајко Прокопиев, Властимир Николовски, Гоце Коларовски, Томислав Зоографски, со констатација:

„Тоа што Министерството за култура, односно државата не го поддржува ова наше здружение е срам за сè она што овие автори направиле, а новите сега го прават. Да не заборавиме дека и химната на државата е дело на еден од членовите на оваа асоцијација. Првата опера, првото симфониско дело, камерно дело, како и новите авангардни композиции кои ги создава младата, мојата генерација на автори. Некој треба сериозно да се замисли за третманот на СОКОМ и посебно на „Денови на македонска музика“ и да се изнајде решение зошто наскоро несомнено ќе останеме без македонското музичко творештво и неговата презентација“, вели Пандевска.

Конечно, лавината остри реакции за скандалозната одлука на Министерството за култура, тргна откако дел од творците посериозно се занимавале со втората објава на резултатите од Конкурсот за проекти од национален интерес. Притоа бележита е изјавата на композиторката Дарија Андовска, која на социјалните мрежи напиша:

„Почитувани пријатели! Со скандалозната одлука на Министерството за (не)култура за укинување на најстариот и единствен фестивал за современа музика „Денови на македонска музика“, стимулирачки и за авторите и за изведувачите, јас, Дарија Андовска од Скопје, Македонија, истакнат уметник на град Цирих, добитник на наградите „Виртуоз“ за најдобар композитор и „Панче Пешев“ за највисоки достигнувања од областа на музичкото творештво, една од најдобрите композитори во Европа според Music Masters Of Air, многукратно наградувана на интернационални конкурси, изведувана во цел свет, вонреден професор на ФМУ и ФДУ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ - сум понижена дома. Заедно со моите колеги композитори. Неспорно дека уметничката музика секогаш била на маргините во Македонија, но ова е веќе дно. Фрлена е на отпад. Колку за потсетување, културата е еден од стожерите на едно општество. Толку од општеството“, напиша таа.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG