Достапни линкови

Судбината на СЈО – главна тема во дневниот печат


Архивска фотографија: Прес-конференција во Специјалното јавно обвинителство
Архивска фотографија: Прес-конференција во Специјалното јавно обвинителство

Предлог-законот со кој СЈО станува дел од ОЈО и во иднина нема да може да ги користи прислушуваните разговори на суд се главна тема во речиси сите дневни весници.

Главните наслови во речиси сите електронски изданија на печатените медиуми се поврзани со судбината на СЈО откако Владата во вторникот го проследи на усвојување во Собранието законот во кој е инкорпорирано токму СЈО. А судбината на специјалното обвинителство зависи од двотретинското мнозинство во законодавниот дом.

Во Нова Македонија читаме: „Се гради консензус за идниот статус на СЈО“, информација во која се наведува одговорот на премиерот Зоран Заев на новинарско прашање дека очекува законот за СЈО да биде донесен со консензус и дека за тоа ќе се разговара првин со најголемата опозициска партија, па со помалата група пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, а потоа и со помалите опозициски партии на Албанците. Во друг наслов Нова Македонија ја објави најавата на Заев за нова лидерска средба за СЈО по барањето на Христијан Мицкоски. „Јас секогаш давам шанса на дијалогот“ – го цитира весникот премиерот Заев.

Независен излезе со наслов: „Под дипломатски притисок, опозицијата се враќа на зелена маса“, потсетувајќи дека посетите на земјава во изминатите денови на европарламентарците Кукан и Флекенштајн и идниот помошник на државниот секретар на САД за Европа и Евроазија, Филип Рикер биле клучни за омекнување на ставовите на опозицијата, но и на владејачката ДУИ, која даваше отпор за регулирање на статусот на СЈО.

Нова Македонија ја цитира министерката за правда, Рената Дескоска, во врска со Владиниот предлог-закон за СЈО: „Продолжуваат сите постапки почнати од СЈО“, а истиот портал ја цитира и специјалната јавна обвинителка Катица Јанева: „СЈО ќе продолжи и без ’бомбите‘“.

Слободен печат наслови: „’Бомбите‘ од докази ќе станат индиции“ дополнувајќи дека од СЈО не сакале „да го коментираат предлог-законот во оваа постапка“.

Независен, меѓутоа, наведува дека специјалната обвинителка е „задоволна што надлежноста на СЈО ќе се прошири“ и пишува дека за Јанева не било толку страшно што ’бомбите‘ немало да важат како докази за некои од најголемите предмети што ги отвори нејзиното обвинителство, затоа што тие собирале и други материјални докази и изјави од сведоци и дека „Јанева најави нови крупни предмети“.

Почна спроведувањето на другата обврска на државава од Преспанскиот договор, промена на имињата на институциите. Нова Македонија и другите портали објавија дека Владата утврдила „Нови имиња за вкупно 136 државни и јавни институции“ и дека „Едни се со додавката ’северна‘ други со ’национална‘“ – како што наслови Нова Македонија.

За Слободен печат е важно што „Новото сонце на слободата останува да се раѓа над Македонија“, цитирајќи го портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски дека „химната нема да се менува, односно името Македонија останува“. Нема да се менуваат ниту имињата на Македонска Каменица и Македонски брод.

Печатените медиуми објавија: „Кривична пријава за поранешниот градоначалник на Скопје, Коце Трајановски и за уште три лица од градската администрација за злоупотреба на службената положба при изборот на директор на ЈП Водовод и Канализација – Скопје во 2014 година“. Вечер во насловот е поконкретен: „И Коце Трајановски доби кривична, директорот на Водовод бил поставен без диплома“.

Почнаа и анкетите за тоа каква е поддршката за претседателските кандидати, главно низ порталите блиски до опозицијата, што ги пренесува Вечер. Во најновата анкета на Прес24, „Силјановска води пред Пендаровски со 59:41“. Независен објави дека „проф. д-р Блерим Река и официјално е кандидат за претседателските избори во Северна Македонија“ кој за помалку од 15 часа собрал преку 11 илјади потписи. Независен ја објавува и благодарноста од изборниот штаб на Река за поддршката во собирањето потписи до Беса и до Алијансата на Албанците.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG