Достапни линкови

Неделници - Тест за Мицкоски, бизнисот на Заеви и соработка со Грција


Зградата на македонската влада.
Зградата на македонската влада.

Претседателските избори и спасот на Вељаноски, тест за моќта на Мицкоски, пишува Глобус. Фокус ја истражува бизнис империјата на Заеви, а Капитал објавува интервју со грчкиот министер Папас за бизнис соработката меѓу двете земји.

Глобус - Гордана првиот, Трајко вториот лакмус за моќта на Христијан

Глобус смета дека професорката Гордана Силјановска - Давкова, како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за претседател на априлските претседателски избори, се наоѓа во „идеолошко менгеме“ и дека, судејќи според прошетката со Иванов и Мицковски низ Охрид веднаш по изборот за кандидат за претседател, ќе игра според музиката на двајцата, а во насловот на анализата е искажана всушност и поентата:

„Гордана првиот, Трајко вториот лакмус за моќта на Христијан“.

Авторот ја развива својата теза дека „без сомнение, изборот на Силјановска - Давкова има за цел да собере барем 350.000 гласови на претседателските избори во првиот круг и на тој начин да потврди дека актуелниот претседател на најголемата опозициска партија има со себе задоволувачки дел од возрасната популација. Што би значело дека партијата не се распаднала под негово раководство и дека тоа е задоволувачки скор за негова, лична иднина на позицијата каде што е сега“. Како втора лакмус хартија на оние кои ги наслушуваат сигналите, вели, „кои доаѓаат од будимпештанските интернет клубови“ е обидот да се игра на драматизацијата на целата атмосфера во земјата, а клучот за тоа е драмата со притворите во Шутка. И потоа концентрацијата на врвот на ВМРО-ДПМНЕ „е свртена кон тоа да не оди во притвор експретседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, инаку обвинет како еден од членовите на генералштабот во правењето на пучот, изведен до половина, на 27 април 2017 година“.

Фокус- Бизнис империјата на Заеви

Уводникот во Фокус се занимава со последните искричења во владејачката коалиција СДСМ – ДУИ и некои неофицијални навестувања во медиумите дека по претседателските избори ДУИ би можела да стане опозиција. Авторот, меѓутоа, има спротивно мислење. „Далеку од умот е“, пишува, „дека главниот мотив на СДСМ, ДУИ да се избрка од Владата е да се расчисти корупцијата. Напротив! На СДСМ му одговара ДУИ да биде дел од власта и тоа токму ваква каква што е – корумпирана, криминализирана. За алиби зошто во Македонија нема борба против корупцијата, изговор кој СДСМ го користи за да ги скрие своите коруптивни практики“ – смета Фокус.

А уште на насловната неделникот ја најавува главната тема заснована врз своето истражување на официјалните податоци: „Бизнис империјата на Заеви“. Според податоците, членови на семејството на премиерот Заев и лицата што може да се сретнат како нивни партнери, заеднички или самостојно поседувале триесетина компании, формирани од 1994 година до денес, кои главно делуваат во градежниот бизнис, но се занимаваат и со транспорт, малопродажба, трговија... наведува Фокус.

Капитал – Скептиците на Преспанскиот договор ќе се разубедат само со резултати

Капитал во најновиот број објавува интервју со Никос Папас, министер за дигитални политики, телекомуникации и медиуми на Грција, кој неодамна за прв пат престојуваше во посета на земјава во врска со потпишувањето на договорот за намалување на цената на роамингот меѓу Грција и Северна Македонија. Неговата главна мисла е дека „Со резултати ќе ги разубедиме и најголемите скептици за Преспанскиот договор“, осврнувајќи се на потенцијалот за поголема бизнис соработка меѓу двете земји по неговото потпишување. Во интервјуто за неделникот, министерот Папас потсетува дека Грција е втор најголем трговски партнер на земјава и дека двете земји лани размениле стоки во вредност од 840 милиони евра, што е зголемување за повеќе од 15% во однос на 2017 година, што е резултат на олабавување на меѓусебните односи со постигнувањето на Преспанскиот договор. „Размислувам од колку работи ќе се спасевме“, вели министерот Папас, „доколку овој договор беше постигнат пред петнаесетина години или пак колку подобра ќе беше позицијата на двете земји во регионот денес. Мора да направиме луѓето да се движат полесно преку границата, да го олесниме движењето на стоките, и ќе видиме дека животот ги решава проблемите што се чинеа нерешливи“ – завршува оптимистички грчкиот министер во интервјуто за Капитал.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG