Достапни линкови

Национална галерија на Македонија со тематска изложба - „За неа“


По повод 8 март - Меѓународниот ден на жената, во Чифте амам, ќе биде поставена тематската изложба „За неа“ на која ќе бидат претставени 70 дела инспирирани од жената, кои Националната галерија на Македонија ги поседува во својата богата колекција.

Дела на големите македонски ликовни уметници како Лазар Личеноски, Никола Мартиноски, Димо Тодоровски, Борко Лазески, Петар Мазев и други, на оние од помладата генерација меѓу кои и Рубенс Корубин, Ацо Станкоски, Тодорче Атанасов..., како и на автори од поранешна Југославија од кои ги издвојуваме великаните Влахо Буковац, Тома Росандиќ, Иван Мештровиќ... каде девојката, жената, мајката се инспирација во нивното творештво ја чинат тематската изложба „За неа“, што од 7 до 31 март, ќе се одвива во скопски Чифте амам.

Поставката е проект од програмата на Националната галерија на Македонија за 2019 година кој е поддржан од Министерството за култура и на неа ќе бидат изложени повеќе од 70 експонати од кои дел досега не се изложувани. Инаку, тој доаѓа непосредно по промовирањето на иницијалната идеја од минатата година кога во нашата национална институција по овој повод беа изложени жените авторски и наедно претставува заложба во иднина да стане традиција со која ќе биде одбележуван Меѓународниот ден на жената – 8 март.

Димо Тодоровски, Глава на девојче 1946

Во текстот печатен во каталогот за изложбата Александра Зиновски – Вилиќ, која заедно со Горанчо Ѓоргиевски се куратори на проектот, пишува: Жената е постојана, неисцрпна инспирација во уметноста, којашто наметнува теми за размислувањe и анализирањe во сите домени на нејзиното живеење. Видливото, но и она што е скриено во неа претставува предизвик за уметникот, кој во зависност од својот сензибилитет, го истражува и пронаоѓа преку своето дело. Во делата на оваа изложба, жената е претставена како девојче, млада девојка, невеста и мајка, дама, старица, борец или модел во ателјето на уметникот. Без оглед на тоа дали станува збор за слика, скулптура, графика, мозаик или таписерија, во сите дела се насетува напорот на уметникот да ја долови убавината, среќата, тагата, богатството и/или сиромаштијата. При вакво едно патување низ повеќе периоди во уметноста, се навраќаме во минатото со што можеме да ги забележиме промените на естетските доживувања на авторите токму преку нивното творештво.

Лазар Личеновски, Везилка 1946

Зиновски – Вилиќ појаснува дека низ понудениот преглед може лесно да се забележи и препознае како овој мотив и тема се менуваат со текот на времето, покажувајќи го со тоа и односот на едно општество и неговата култура кон жената.

„Оваа слика што ние ја имаме денес со текот на времето станува поинаква. Таа во последно време од убава и приемлива за гледачот се менува во уметност којашто е, најчесто: груба, остра, непријатна. Токму заради таквиот сменет приказ на жената, а како последица на сменетиот однос кон неа, уметноста на денешницата се префрла од полето на естетичкото во полето на етичкото“, вели кураторката.

Вангел Наумовски, Невеста на летото 1984

Од друга страна, Ана Мартиноска, професорка по културолошки студии на Институтот за македонска литература и жена-научник која е планирано да ја отвори изложбата, во својот текст забележува дека „уметноста е производ на своето време и резултат на социјално-политичкиот, културолошкиот и верскиот контекст во кој се создава“. Од таму таа пишува дека од позиција на 21-от век, изложбата „За неа“ отвора бројни прашања за историјата на уметничката продукција во Македонија и регионот, но и генерално за позицијата на жената во општеството. Притоа, вели Мартиновска, родот мора да се чита како оска на односите на моќ во општеството, кој во голема мера ја детерминира уметничката репрезентација и на жените и на мажите, преку која ги следиме асиметричната хиерархија, социолошките и симболички разлики, начините на конструирање на женскоста и женственоста, идеалите, убавината, телесноста, сексуалноста...

Па така, ако во листата на автори речиси и нема женски имиња, јасно е дека не можеме да ги толкуваме овие репрезентации независно од родовиот идентитет на авторите. Дали низ погледот на мажот уметник жените успеваат да проговорат или остануваат неми и пасивни модели или напротив, има уметници кои го дигаат гласот во нивно и во свое име? Како се нијансирани претставите на жените во овие слики? Има ли такви кои пркосат на стереотипите и прикажуваат нешто друго освен архетипски и традиционални претстави? Што зборува тоа за женската позиција во македонското општество?

Ванчо Ѓорѓиевски, Композиција 3 1975

„Дури и на прв поглед е очигледно дека, како во животот, така и во уметноста, жените не се хомогена категорија, па и овој ликовен избор прикажува жени од различни возрасти, класи, култури, средини и сфери од општественото живеење, жени во семеен, религиски или пак еротски контекст, светици и блудници, жетварки и дами, жртви и мајки итн. Сите тие се автентични рефлексиии на идеалната или идеализирана жена, која уметниците ја овековечиле со помош на различни жанри, техники и стилови, балансирајќи меѓу интимното и социјалното, меѓу конзервативното и прогресивното...“, заклучува професорката Ана Мартиновска.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG