Достапни линкови

Трагедијата кај Ласкарци ги потресе земјата и регионот


Автобус на Дурмо-турс излета на патот Скопје - Тетово кај Карпалак
Автобус на Дурмо-турс излета на патот Скопје - Тетово кај Карпалак

Бројот на загинати од синоќешната сообраќајна несреќа порасна на 14, седуммина од повредените се во критична состојба. Телеграми со сочувство пристигнаа од соседните земји.

Уште еден човек им подлегна на повредите, со што бројот на загинати во синоќешната сообраќајна несреќа порасна на 14. Во скопската болница „8-ми Септември“ се згрижени 29 повредени од кои четворица се на интензивна нега. Според последните податоци од министерството за здравство вкупно седуммина од повредените се во тешка но стабилна здравствена состојба од кои четворица се во болницата „8-ми Септември“ додека тројца се префрлени на Ургентниот центар во Скопје. Врз нив се изведени хируршки зафати.

По несреќата вчера во Ургентниот центар биле донесени вкупно 7 патници од кои тројца се борат за живот, а четворица се тешко повредени, но во стабилна здравствена состојба. И двајца пациенти се во тетовската болница.

Од СДСМ соопштија дека меѓу загинатите е 25 годишниот син на пратеник од нивните редови. Од кругот на семејството на еден од загинатите за МИА потврдија дека меѓу настраданите е и раководителот на Секторот за сообраќај на Град Скопје кој по работното време се враќал за дома во Гостивар.

Вчера доцна попладне автобус на „Дурмо Турс“ по три километри од наплатната рампа Скопје- Тетово, излетал од патот и се превртел во близина на село Ласкарци. Според сведоштва на патници, сѐ се случило многу брзо, автобусот наеднаш ја загубил контролата, брзо потоа излетал од неговата лента на патот, поминал на другата и на крајот завршил во удолнината превртувајќи се во близина на регионалниот пат.

„Многу брзо се случи се, наеднаш како да изгуби контрола автобусот, од едната лента во другата и паднавме долу, тоа траеше неколку секунди. Додека се освестиме веќе бевме превртени, во многу лоша состојба се сите. Полн беше автобусот, од работа доаѓавме, тоа е најфреквентната линија, до последно место беше полн автобусот“ сведочи повредениот за дел од медиумите.

Од Обвинителство и од МВР велат дека се уште трае увидот на местото на несреќата и дека првичните сознанија за причините на сообраќајната незгода ќе соопштат подоцна во текот на денот. Од Основно јавно обвинителство соопштија дека е земена првична изјава од возачот, дека ќе се прави увид и на трагите на кочење, а автобусот ќе се вештачи.

Од МВР велат дека идентитетот на загинатите наскоро ќе биде објавен, откако ќе стигнат извештаите од обдукцијата и податоци од истрагата.

Жртвите од автобусот се студенти и вработени во Скопје кои секојдневно патуваат на релацијата Гостивар – Скопје – Гостивар.

Премиерот Зоран Заев денеска ги посети повредените.

„Се работи за многу млади луѓе, се видовме со момче од 19 години, со млада девојка и многу други млади луѓе кои се повредени.“

Тој претходно најави дека во текот на следните денови Владата ќе донесе и одлуки за поддршка на семејствата на починатите.

Директорот на „Осми септември “Христијан Костов апелираше до роднините на повредените да бидат смирени и дека сите повредени ќе добијат соодветна нега и дека информациите ќе ги добијат благовремено.

„Возачот има телесни повреди и е пуштен на домашно лекување, тој е во стабилна состојба, а понатаму службите од МВР веројатно контактираат со него“ вели др. Костов.

Министерот Венко Филипче изјави дека веднаш кога дознале за сообраќајната незгода сите коли од приватните и државните клиники се упатиле на местото на несреќата.

Денови на жалост

Поради несреќата прогласена е дводневна жалост по што сите културни настани како и настани поврзани со празникот СВ Трифун се откажани.

Денеска во општина Гостивар има вонредна комеморативна седница во знак на почит на загинатите.

Телеграми со сочувство

Првите луѓе на Владата и градоначалникот Арбен Таравари уште синоќа, по посетата на повредените на скопските клиники, изразија сочувство и најавија помош за повредените.

Жалење и сочувство поради несреќата на автопатот Скопје-Тетово, во која загинаа 14 лица изрази претседателот Ѓорге Иванов.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на својот фејсбук профил напиша дека со длабоко жалење неверување ја примил страшната вест за автобуската сообраќајна несреќа.

Телеграми со сочувство пристигна од претседателот на Советот на министри на БиХ, Денис Звиздиќ.

„Во име на Советот на министри на БиХ и во свое лично име примете искрено сочувство и а на повредените граѓани искрени желби за што побрзо закрепнување, се наведува во телеграмата на Звиздиќ.

„Длабоко жалење, како и сочувство и солидарност до граѓаните и владата, изразува Министерството за надворешни работи на Грција по трагичната сообраќајна несреќа на автопатот Скопје – Тетово, напишаа од грчкото МНР на нивниот официјален Твитер профил.

Косовската Влада ја започна денешната седница со едноминутен молк за загинатите во вчерашната тешка сообраќајна несреќа на автопатот Скопје-Тетово.

Албанскиот премиер Еди Рама на Твитер напиша дека „ духовно се наоѓа покрај семејствата на настраданите“.

„Со болка ја слушнав веста дека на патот Скопје – Тетово животот го загубија 14 лица, изјави бугарскиот премиер Бојко Борисов.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG