Достапни линкови

Деценија активности на македонско здружение „Илинден“ во Албанија


Логото на здружението „Илинден“

Македонското здружение „Илинден“ со седиште во Тирана прослави десет години од своето постоење. Претседателот на здружението Никола Ѓурѓај вели дека од формирањето па досега, имаат реализирано бројни активности за унапредување на правата на македонското малцинство во земјата.

Во Албанија Македонското здружение „Илинден“ со седиште во Тирана ја прослави десетгодишнината од своето постоење. Ова здружение во изминатата декада преку своите ограноци во Голо Брдо и други региони во земјата имаше бројни активности во интерес на македонското малцинство.

Претседателот на оваа здружение Никола Ѓурѓај за Радио Слободна Европа вели дека од формирањето здружението има реализирано бројни активности за унапредување на правата на македонското малцинство. Во здружението исто така оценуваат дека Македонците во Албанија не се задоволни од Законот за малцинствата.

„Македонското друштво „Илинден“ во изминатите десет години се бореше да го зачува македонскиот идентитет во Република Албанија, посебно во областите Голо Брдо, Гора и Мала Преспа, но исто така и во другите поголеми градови од земјата каде што живеат Македонци. „Илинден“ организираше курсеви за изучување на македонскиот јазик, постојано бараше од страна на албанските власти да го внесат македонскиот јазик во училиштата, бидејќи Македонците во Албанија најголем проблем имаат со образованието на мајчин македонски јазик. Во Гора и Голо Брдо македонскиот јазик не е достапен во училиштата, затоа и се организираат од страна на „Илинден“ курсеви. Во Мала Преспа има образование на мајчин македонски јазик. Што се однесува до законот за малцинствата, очекувавме тој закон да ги реши проблемите кои ги имаат малцинствата особено македонското. Ние не сме задоволни од решенијата кои ги нуди. Во редот на малцинствата во Албанија законот внесува и бугарско малцинство, кое во Албанија не постои. Инаку соработката со другите малцинства е на високо ниво, и кога се во прашање интересите на малцинствата сите имаме исти ставови и се поддржуваме“, вели Ѓурѓај.

Здружението има и свој весник насловен исто така „Илинден“.

„Ние го издаваме и весникот „Илинден“ кој има печатено и електронско издание. Весникот е на македонски јазик и игра значајна улога во информирањето на Македонците во Албанија на македонски мајчин јазик . Интересот за весникот е голем и тој е достапен на сите Македонци во Албанија“, додава тој.

Здружението „Илинден“ има одлична соработка со другите здруженија на Македонците во Албанија но исто така и со голем број здруженија и институции од Македонија и од други земји од Европа, Америка и Австралија.

  • 16x9 Image

    Кенан Мимидиновски

    Кенан Мимидиновски, роден 1954 во Дебар. Завршил Правен факултет во Скопје, а со новинарство професионално се занимава 30 години. Најпрвин во Радио Дебар како новинар, а подоцна 12 години и како главен и одговорен уредник . Дописник на Радио Слободна Европа од Дебар е од 2001 година.

XS
SM
MD
LG